ТОА ШТО ГО ПРЕДЛАГААТ СЕГА, ГО ОТФРЛИЈА ДОДЕКА БЕА НА ВЛАСТ
СДСМ и Бранко против сопствениот закон за стечајците
Законските решенија што сега ги нуди СДСМ, веќе еднаш беа изгласани од претходниот парламентарен состав, но претседателот Бранко Црвенковски тогаш одби да го потпише законот како противуставен
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА вчера го отфрлија барањето да се расправа за законот за стечајците, што го предложи опозициската СДСМ. По консултациите на ДПА со премиерот Никола Груевски, тие го променија мислењето и гласаа против расправа за законот, со кој се предлагаше стечајците со над 25 години работен стаж да добиваат 40 отсто од просечната плата во државата до пензионирање или до ново вработување.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот закон е противуставен и Владата ќе се обиде да најде друг начин за да им помогне на стечајците, кои три дена ги блокираа скопските улици. Од најголемата владејачка партија потсетија дека ваквите законски решенија беа изгласани од претходниот парламентарен состав, но претседателот Бранко Црвенковски одби да го потпише законот како противуставен. На повторното гласање во Парламентот, тогашното мнозинство од СДСМ го отфрли ваквиот закон.
- Никогаш не сме лажеле и не сме ветувале дека стечајните работници ќе добијат ваков закон бидејќи и да го поддржевме истиот ќе паднеше на Уставен суд. Да и дадеме време на Владата да работи на овој проблем и што побрзо да најде решение. Дали проблемот ќе се реши со друг закон или со поинакво решение, ќе видиме, изјави Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата вчера остро реагираше на одбивањето на власта да се расправа за нивниот предлог. Според лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска, најголемиот дел од стечајните работници, кои протестираат пред Собранието, останале на улица со затворањето на 32 фабрики за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Таа покажа документ за ликвидацијата на велешка "Порцеланка", но не спомна ниту збор за огромниот број фабрики, кои беа затворени додека владееше нејзината партија.
Од владејачката НСДП, кои вчера го поддржаа предлог-законот на опозицијата, сметаат дека била пропуштена добра прилика да се најде решение за проблемот, за кој според лидерот Тито Петковски, одговорност носат сите политички партии во Македонија.
- Ако во изминатиот период СДСМ не успеа да го реши прашањето, а притискаше ВМРО-ДПМНЕ, сега имаме обратна ситуација. Тоа е крајно некоректен однос кон луѓето кои се најголемите губитници од транзицијата, рече Петковски. Тој призна дека е немоќен во Владата да се избори за решавање на овој проблем. Затоа предложи првите луѓе на четирите најголеми партии да ја преземат одговорноста и на наредната лидерска средба да најдат решение за проблемот на стечајните работници.
Стечајните работници вчера одлучија да го стават протестот во мирување до 25 февруари, кога на дневен ред е ставен предлог законот поднесен токму од НСДП, пред седум месеци.
ВЛАДА
СДСМ затвори 40 фирми во минатиот мандат
Владата вчера објави список со 40 претпријатија, за кои била отворена стечајна постапка во периодот од 2002 година до 2006 година, за време на владите на СДСМ. Во тие претпријатија работеле 9.313 граѓани. Меѓу другите, во нив се и "Газела" со над 1.000 вработени, "Центро", "Алумина", "Стружанка", "Сувенир-Самоков" "Медицинска пластика", "Анска река", "Лозар-Велес", сите со над 500 вработени и други.
Премиерот Никола Груевски завчера ја повика сегашната лидерка на СДСМ, Радмила Шекеринска, наместо да ги поттикнува стечајците од овие фирми да протестираат во Скопје, да ги притисне олигарсите на СДСМ да ги вратат назад на работа отпуштените работници.