Покачена телесна температура
Хипертермија, Пирексија
Кога се обидувате да не смрзнете на Северниот пол или да не испарите во Сахара, или кога спиете и кога трчате по автобус-вашата телесна температура, секако доколку сте здрав, останува отприлика иста - 37o C .
Дефиниција
Кај здрави луѓе нормалната телесна температура варира помеѓу 36.1°C и 37.8°C, со просечна вредност од 37°C. Телото ја одржува температурата во овие рамки балансирајќи со топлината произведена од метаболизмот и со топлината која ја губи во надворешната средина. „Термостатот“ кој го контролира овој процес е сместен во хипоталамус, мала структура во мозокот. Нервниот систем постојано носи информации за телесната температура до хипоталамусот кој за возврат активира различни физички одговори дизајнирани да го оладат или загреат телото, во зависност од моменталните потреби. Овие одговори вклучуваат намалување или зголемување на протокот на крв низ „јадрото“ на организмот, внатрешните органи, каде крвта се загрева, или на површината на телото каде истата се лади: намалување или зголемување на ратата со која телото ја претвара храната во енергија (метаболна рата) вклучувајќи и „тресење“, кое генерира топлина преку мускулната контракција: и потење кое го лади телото преку евапорација (испарување).
Покачената температура се јавува кога термостатот е подесен на повисока температура, примарно како одговор на инфекција. За да ја покачи температурата, организмот ја преместува крвта во потоплите внатрешни делови, ја зголемува метаболната рата и индуцира тресење. Чувството на ладни бранови, кои често ја придружуваат покачената температура, се предизвикани од преместувањето на крвта во јадрото на телото, оставајќи ги екстремитетите и кожата ладни.
Кога ќе се постигне повисоката температура тресењето и треските престануваат. Кога инфекцијата ќе заврши или кога ќе се употреби лек како аспирин или парацетамол, термостатот се враќа на пониско ниво на температура и се активираат механизмите на ладење на телото- враќање на крвта во периферијата, во кожата и потење.
Нормалната телесна температура варира во зависност од возраста, активноста, дел од денот и е различна на различни делови од телото. Просечна нормална телесна температура е 37 о C додека температура над 38,5о C се класифицира како треска. Телесната температура се одржува постојана со мали дневни промени благодарејќи на еден многу комплексен систем, централно контролиран од мозокот, периферно преку крвните садови и кожата со потните жлезди. Најголем дел од телесната топлина во мирување се создава од црниот дроб, додека при физичка активност секако од самите мускули.
Мерење на телесната темература
При инфекција, агенси означени како пирогени се ослободуваат или од имуниот систем на организмот или од самите инфективни агенси и доведуваат до ресетирање на термостатот на повисоко ниво. Или во други случаи, истото се јавува при алергиски реакции и автоимуни болести, кои доведуваат до неконтролирано ослободување на пирогени. Мозочен удар или карцином можат да го оштетат хипоталамусот и со тоа да доведат до малфункција (оштетување) на центарот за температура. Преголема изложеност на сонце исто може да доведе до хипертермија, состојба во која механизмите на ладење на телото не можат да се изборат со надворешните услови. Малигна хипертермија е ретка но потенцијално фатална болест, која се јавува кај предиспонирани лица кои примаат извесни анестетици или мускулни релаксанти како подготовка за хируршка операција
Колку долго ќе трае температурата зависи од неколку фактори како причинителот, возраста на пациентот и целата здравствена состојба. Најчесто покачената температура е акутна состојба, која се јавува нагло и се смирува нагло. Од друга страна благо покачена температура, која трае со недели секогаш треба да се разгледува внимателно.
Дијагноза
Покачената температура најчесто се дијагностицира со термометар.
Нормалната телесната температура варира и во тек на денот:
- Кај деца помали од шест месеци, овие вариации се во голема мера зависни од надворешната средина поради незрелост на центарот за терморегулација и затоа е важно температурата на околината да биде помеѓу 22о-26о Целзиусови.
- Кај деца помеѓу 6 месеци и 2 години овие дневни варијации се околу 1 степен по Целзиус
- Дневните варијации се движат и до 2 степена над возраст од 6 години.
Телесната температура варира помалку кај возрасните. Но менструалниот циклус кај жените може да ја покачи температурата за 1 или повеќе степени.
Телесната температура вообичаено е највисока навечер. Може да се покачи со физичка активност, силни емоции, јадење, лекови, висока температура на средината, висока влажност на воздухот. Ова особено важи за децата.
Температурата мерена на различни места на телото во исто време е различна ; кожната температура (мерена во пазувите), која најчесто се користи како метода за мерење на температурата, покажува најниска вредност во однос на ректалната и оралната температура. Оралната температура е температурата измерена во усната празнина и таа обично покажува повисоки вредности во однос на кожната температура. Ректалната температура (температура мерена во чмар) до 38о C се смета за нормална.
Самата покачена температура не е болест нити непријател туку важен дел од одбранбениот систем на организмот против инфекции. Многу често, особено кај бебиња и мали деца и при благи настинки се развива покачена температура. И додека самата појава на покачена температура ни сигнализира дека во организмот се води битка, покачената температура се бори за телото а не против него.
За најголем дел од вирусите и бактериите кои предизвикуваат инфекции кај луѓето најдобра температура на средината е 37оC. Покачување на телесната температура за само неколку степени во голема мера го инхибира размножувањето на бактериите и вирусите. Уште повеќе, покачената температура го активира целиот одбранбен механизам, го зголемува протокот на крв, метаболизмот, имуниот систем произведува повеќе бели крвни клетки, анти-тела и други агенси насочени против инфекцијата.
Од друга страна, причина заради која се покачува телесната температура при инфекции е од ендотоксините кои се ослободуваат при разградување на инфективните агенси.
Кај многу луѓе, особено кај родителите, постои страв од покачена температура и најчесто самата покачена температура се гледа како најголем проблем. Исто така постои страв дека нелекувана, покачената температура ќе го оштети мозокот, дека покачената температура ќе продолжи да расте и сл. Оштетувања на мозокот од покачената температура е можно при температура над 42 степена. Нетретирана, покачената температура предизвикана од инфекција ретко се качува на 41 степен, (исклучок маларија), доколку детето не е премногу облечено и сместено во многу топла просторија. „Термостатот“ на мозокот ќе го сопре качувањето на температурата над 41 степен.
Родителите исто така се плашат од конвулзии предизвикани од покачената температура . За најголем дел од децата ова не важи, но сепак
фебрилни конвулзии се јавуваат кај децата, обично во првиот ден од покачувањето на температурата. Истите најчесто се безопасни и не оставаат последици по детето.
Иако најчеста причина за покачената температура се вообичаените инфекции, најчесто вирусни, сепак листата на болести кои предизвикуваат покачена температура е многу долга, вклучувајќи и токсини, карциноми, автоимуни болести и др.
Особено опасен облик на покачена температура е секако
топлотниот удар, затоа што се надминати капацитетите на организмот да се излади, и истите најчесто се предизвикани при екстреми на надворешната средина во смисла на надворешна температура и влажност на воздухот.
Необјаснета покачена температура која трае со недели и месеци (пролонгирана фебрилна состојба) е еден од најголемите дијагностички проблеми. Иако најчеста причина е скриена инфекција, најчесто туберкулоза и бруцелоза, сепак мора да се земат во предвид и други причини како карцином, автоимуни болести, Mb. Hodgkin, леукемија и тн. Дел од рутинските испитувања кои се прават во тој случај се:
- Комплетна крвна слика
- Специфични лабораториски испитувања
- Церебро-спинална течност (ликвор)
- Култура од спутум
- Уриноанализа
- Пункција на коскена срцевина