Имплантација на заби
Што е имплантација?
Имплантација односно всадување на заби е еден од начините за решавање на проблемот на изгубените трајни заби. Во основа, тоа е хируршка постапка со која се врши всадување на специјално колче (метално или керамичко) во коската на вилицита на местото на изгубениот заб. Ова колче ја врши улогата што ја има коренот на забот и на него подоцна се изработува коронка или се користи за прицврстување на мост или протеза.
Кои се предностите на имплантацијата?
Овој начин за надоместување на изгубените заби за многу пациенти е метод на избор затоа што по зараснувањето на коската околу имплантатот, чувството на преносот на притисокот при џвакањето е скоро како кај природните заби.
Исто така и естетскиот елемент е на високо ниво со што, покрај воспоставувањето на изгубената функција, се враќа и изгледот на пациентот.
Во кои случаи е можна имплантацијата?
Со оглед на тоа дека се работи за хируршка операција која најчесто се одвива во две фази, имплантацијата е препорачлива само кај пациенти во добра општа здравствена состојба.
Пред изведувањето на операцијата се вршат детални прегледи на општата здравствена состојба, се санираат евентуално другите заболувања во устата (кариес, периодонтални болести) и се вршат испитувања со цел да се утврди дали виличната коска може да биде подложена на ваков третман.
Исто така, кај пациенти кои имаат склоност кон болести на меките ткива на устата - дијабетичари, пушачи, се потребни внимателни испитувања пред да се одлучи за изведување на оваа постапка. Кај болните со сериозни срцеви заболувања како и кај оние со склоност кон крварење, коскени заболувања и пациенти подложни на некои лекарства, дроги и алкохол не можат да се применат имплантите.
Грижата за имплантите бара беспрекорна хигиена, четкање на забите после секое јадење, користење на забен конец и испирање со водичка за уста. Ова е важно за да се одржи во добра здравствена состојба ткивото кое ги држи имплантите прицврстени а со тоа и да се продолжи векот на нивната употреба.