КАРОЛИНА - "НЕ СОНУВАМ ЗА ГОЛЕМА СВАДБА"
ТАА Е ХАРИЗМАТИЧНА, АТРАКТИВНА, ИНТЕЛЕГЕНТНА... 5 МИНУТЕН РАЗГОВОР СО НЕА И БИДЕТЕ СИГУРНИ ДЕКА ВЕ ОСВОИЛА ЗАСЕКОГАШ. СТРОГО ПРОФЕСИОНАЛНА, НО СЕПАК ЕМОТИВНА ЛИЧНОСТ. КАРОЛИНА Е ВИСТИНСКА БАЛКАНСКА ДИВА.
ЗА БРАКОТ, СЕМЕЈСТВОTO, ДЕЦА...
1. Дали присуството на сцената како пејачка ти одмага во врските и љубовта? Сметаш ли дека ако не беше позната личност и ако живееше друг тип на живот, веќе ќе беше во брак?
-Можеби. Многу е тешко да се одржи врска стабилна доколку си јавна личност, составен дел од мојот живот се патувањата, постојано запознавам нови личности, излегуваат разно разни озборувања и трачеви. Личноста која ќе биде со мене треба да има разбирање за сите тие работи. Можеби затоа кај многу мои колеги, врските бргу завршуваат.
2. Дали од твој аспект гледајќи ги другите луѓе, кои не се јавни личности и нивниот начин на живеење, некогаш би сакала да можеш да го вратиш времето и да го живееш нивниот тип на живот?
-Да, тоа се случува само на моменти, тогаш кога приватниот живот ми е на тапет и тоа не по моја желба. Јас никогаш не сум давалa изјави во врска со мојот приватен живот, меѓутоа новинарите секогаш тоа најмногу ги интересира и во такви моменти посакувам да имам нормален живот. Особено е тешко затоа што живееме во мала средина, полесно е во поголемите земји каде што јавните личности не се толку измешани со оние што не работат јавна професија. Кај нас секој знае за секого, и не може да се сокриеш или изолираш.
3. Во едно интервју имаш изјавено дека сакаш да имаш две деца? Мислиш дека е полесно да се воспитува машко или женско?
-Мислам дека е подеднакво тешко и едното и другото, затоа што воопшто е тешко правилно да се воспита дете во ваква средина. Голем број работи се поинакви кога јас сум била дете, кога јас сум растела. Сега поинаку се разбира поимот авторитет, без разлика дали се работи за авторитет од родител, професор или некој друг. Можеби брзиот начин на живот ги тера родителите да бидат помалку строги со своите деца, да ги разгалуваат и да им даваат што ќе посакаат. Многу е тешко да се најде вистинската мерка до која треба да го разгалите вашето дете, а и понатаму да го задржите авторитетот.
3. Која земја би ја избрала, освен Македонија, во која си родена, за место во кое би основала семејство?
-Мислам дека не би се чувствувала како дома во ниту едно друго место, освен на Балканот. Освен во Mакедонија би можела да живеам и во Србија, бидејќи имаме сличен менталитет, кога сум таму не се чувствувам како странец.
4. Сметаш ли дека ќе бидеш строг родител?
-Не знам дали ќе бидам строга, но знам дека ќе бидам паничар. Тоа го заклучив по односот што го имам со сестра ми, помала е од мене 2 години и веќе е омажена, а јас неможам да не се грижам за неа додека патува. Се тресам и чекам да ми се јави, да бидам сигурна дека безбедно стигнала до дестинацијата. Мислам дека би била таква и кон моите деца.
5. Во интервјуто за бугарскиот магазин Макс, изјави дека за 10 години од сега сакаш да бидеш во брак веќе 8 години. Тогаш беше во врска, претпоставувам. Како размислуваш денес за тоа?
-Би сакала да се омажам тогаш кога ќе дојде време, секогаш така сум размислувала. Бракот никогаш не ми бил императив во мојот живот, да било така досега ќе сум била омажена. Брачната заедница треба да се основа само на љубов, и не треба да се избрзува, бидејќи изборот на брачен партнер е најважната одлука во животот. Одлучувате со кого ќе го поминете остатокот од животот, со кого ќе основате семејство, со кого ќе имате деца...
6. Колку сметаш дека најкратко треба да бидеш во врска пред да стапиш во брак? Некои го прават тоа и после неколку месеци, некои чекаат и по 10 години па и повеќе. Јасно дека секој сам си одредува кога е подготвен, но која временска рамка ја сметаш како апсолутна граница под која секако не можеш доволно да запознаеш некого за да стапиш во брак?
-Немам никакви правила. Постојат примери кога двајца луѓе се во врска десет години, се венчаат па се разведуваат по три месеци, а исто така знам и примери кога само по еден месец врска, како една моја пријателка, се решваат на таков чекор. Нејзиното момче ја запроси по само еден месец и половина, сега се во брак, чекаат дете, среќни се и дај Боже да бидат цел живот заедно. Претходно имаше долги врски, меѓутоа, ете, ништо не се случи. Заклучокот е дека не постојат правила.
7. Дали сметаш дека доколку сме позрели потешко се решаваме на брак, бидејќи во врските бараме се повеќе? Кога сме помлади сме во занес, позаљубени и можeби не ги забележуваме толку негативните знаци?
-Точно е дека со текот на годините сме покритични, и дека повеќе бараме од партнерот, барем кај мене тоа е така. Појасно ги гледаме оние работи кои што ни одговараат, кога сме млади само го следиме срцето, но некогаш треба да се послуша и разумот. Точно е и дека можеби потешко се носи одлуката за брак во позрели години, меѓутоа со самото тоа што сме позрели донесуваме и подобри одлуки.
8. Дали сонуваш за голема свадба со многу гости или помала со поблиските? Класичен тип на свадба како кај нас, или сонуваш за нешто поинакво?
-Воопшто не сонувам ниту за свадба, ниту за венчаници. Никогаш не сум била девојка која мечтае за тоа како ќе се омажи и како ќе изгледа сето тоа. Не ги осудувам тие што си осмислиле свадбите од 10-годишна возраст, туку едноставно не сум таков тип. Да се прашувам јас, би го избегнала чинот на свадба и сите тие традиции затоа што некој ти станува сопруг, тогаш ќе го ставиш потписот во матично. Веселбата потоа е индивидуална одлука, а за мене е тотално неважна. Повеќето млади што ги познавам се одлучуваат на голема свадба поради почит кон постарите, се грижат за тоа што ќе каже околината. Да го нема тој притисок, мислам дека повеќето би се одлучиле за нешто поинтимно.
ЗА ВРСКИТЕ ЉУБОВТА...
9. Бидејќи често патуваш веројатно дел од врските во одреден момент ти фукционирале како врски на далечина. Ако е така, на кој начин најмногу успеваше да ја релативизираш далечината? Каков совет би им дала на читателките кои имаат такви врски во моментов?
-Од мое искуство, кога јас сум во еден град, моето момче од друг, не ми одговара. Кога сум во врска сакам тој што е со мене да биде секогаш тука, да може да го гледам секој ден, да одиме на кафе, на ручек, во кино. Во врските на далечина малку е комплицирано. Заедно сте неколку дена, потоа не се гледате неколку месеци и навикнувате на тоа што тој не е тука. Но, мене повеќе ми одговара врска со некој од мојот град, а кога патувам се работи за неколку дена или недели што брзо поминуваат, затоа што е убаво да знаеш дека некој те чека кога ќе се вратиш.
10. Дали мислиш дека врска на далечина може да создаде илузија за заљубеноста и за партнерот?
-Во моите случаи, во врските на далечина, на почетокот постоела заљубеност, но по многу кратко време поминува, бидејќи на тој начин не може да се изгради блискоста што е потребна за врската да успее. Партнерот треба да биде пријател со кого ќе ги делам сите работи што ми се случуваат во животот, а ако не е до мене не верувам дека некогаш ќе го почувствувам толку близок.
11. Ако ги споредиш своите поранешни момчиња, можеш ли да извлечеш некои заеднички нивни особини, дали има некоја сличност и заедничка карактеристика кај нив, која те привлекува кај мажите?
-Нема ниту една заедничка карактеристика. Еден мој пријател ме задеваше токму за тоа, дека не може да се утврди еден тип на маж кој мене ми се допаѓа. Од врските што до сега сум ги имала, а тоа се пар подолги врски, може да заклучам дека покрај себе сакам човек на кој ќе може да се потпрам, со кој ќе можам да разговарам, некој што нема да ме гуши во работата што ја работам. Имав врска што ме гушеше во тој поглед, врска со некој кој е пољубоморен, а имав и врска со некој кој воопшто не ми пречеше во тоа. Не секој маж може да ја разбере оваа и останатите јавни професии. Особено балканските мажи се специфични во таа смисла, не им е сеедно ако сите те гледаат по гаќички на фотографија. Така што потребен ми е некој што нема да се опседнува со глупости како, зошто те сликале така, зошто си го облекла тоа... Сакам да бидам ослободена од тие работи.
12. Дали во некоја од врските во одреден период практични си живеела заедно со своето момче? Дали сметаш дека е добро да се живее заедно со партнерот пред стапување во брак?
-Некако спонтано се наметнува тоа да живеам со тој со кој сум, поради тоа што живеам сама. Моментално сум во врска што почна да се одвива сериозно, а заедничкиот живот со мојот партнер е добар од страна што се учат сите навики. Сите сме добри кога ќе излеземе час или два на кафе, но дома сите го покажуваме вистинското лице. Во моментот кога ќе сфатиш дека сакаш да се будиш покрај некој човек, значи дека од таа врска може да биде нешто поголемо.
13. Дали би го сменила презимето кога ќе стапиш во брак? Некои од познатите пејачки најчесто на нивното презиме го додаваат тоа на сопругот. Што би избрала ти?
-И јас би го направила истото бидејќи сум препознатлива по тоа. И ова е нешто што балканските мажи тешко го прифаќаат, но во мојот случај, ќе мора да го прифати.
14. Дали врските ги завршуваш пријателски? Дали си контактирала со поранешни момчиња одреден период по завршувањето на врската?
-Не сметам дека има место за пријателство после сериозна врска, бидејќи за да се раскине сериозна врска треба да има длабока причина. Далеку од тоа дека им посакувам лошо, но непотребно е да се слушаме или да се гледаме. Истото го очекувам и од другата страна, односно од мојот партнер и односот со неговите поранешни девојки. Ако некогаш му притребам баш јас, нормално дека би помогнмала, но дружењето е апсолутно непотребно.
15. Колку најдолго си била во една врска?
-Мојата најдолга врска траеше 5 и пол години.
16. Си била ли во врска со помлад дечко? Која била разликата во години помеѓу тебе и твој дечко?
-Не сум била во врска со помлад дечко, обично ми се врсници или една година постари од мене. Најстариот дечко со кој сум била беше 7 години постар од мене.
ЗА ОБЛЕКУВАЊЕ И ШМИНКАЊЕ, ФРИЗУРИ, ПАТУВАЊА...
17. Од кој производител најчесто користиш шминка? Која ти е омилена пудра, омилена маскара и омилен парфем?
-Може да зборувам само за мојот омилен парфем што го користам 5 - 6 години, ESCADA SENTIMENT. Секогаш кога шишенцето ми е при крај си велам дека ќе отидам да си купам некој друг, но тоа никогаш не го правам, ниту еден друг парфем не ми личи на мене и веќе ме препознаваат по Escada.
18. Каков тип на музика слушаш?
-Пред неколку дена се подновив со нови цедеа, моментално го слушам Daniel Merriweather, австралиски пејач, Cheryl Cole исто така многу ми се допаѓа, и го купив албумот на David Guetta. Toa e што го слушам во последно време.
19.Кога најчесто легнуваш - заспиваш навечер?
-Рано легнувам, ако сум дома заспивам пред телевизор околу 23 часот, а потоа се префрлувам во спална. Не станувам многу доцна , затоа што рано одам во кревет, па околу 9 часот наутро сум веќе на нозе.
20. Дали во некоја песна се проанѓаш себе си? Има ли некоја која баш те опишува?
- Нема песна која била направена специјално за мене, но во одредени ситуации се пронаоѓам во одредени песни. и јас сум обичен човек како и сите други, сум дожевеала најразлични искуства, сум била и среќна и разочарана, насмеана и расплакана, како и секој друг од крв и месо. Има песни што опишуваат среќна љубов има и такви кои опишуваат несреќна љубов. Секој од нас го доживеал сето тоа барем еднаш.
21.Бидејќи си јавна линост, дали почесто излегуваш или се собирате со пријателки во домашна атмосфера и друштво?
-Повеќе сакам интимни дружби кај мене дома или кај некој од моите пријатели, а кога излеувам, одам на места каде што ги познавам луѓето и сакам да сум во поголемо друштво бидејќи така се чувствувам посиурно.
22. Што најчесто избираш за подарок за пријателка?
-Зависи од интересите на пријателката, од тоа што и е потребно во моментот. Некое парче гардероба, можеби книга... Секогаш одбирам нешто што јас би сакала да го добијам, никогаш не купувам подарок само колку да купам.
23. Кои се најважни женски ликови во твојот живот? Од каде ти се најблиските пријателки?
-Мајка ми и сестра ми ми се секогаш на прво место. Секако, по нив најважни ми се пријателките, а имам цврсти, стабилни пријателства кои траат со години, уште од училишна возраст. Сестра ми ми е посебна слабост.
24. На кого прво се јавуваш кога си тажна, кога плачеш?
-И се јавувам на мајка ми, иако во последно време се трудам да ја штедам, да не ја плашам. Инаку таа секогаш има утешен збор за се што ми се случува, секогаш знае да ме расположи. Секако и сестра ми ми е тука кога ми е потребна.