Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска
Мека закана на Русија кон оние што ќе го признаат Косово
Москва најавува дека ќе се јави трн во односите со државите кои ќе ја поддржат независноста
Брисел - Русија ќе се солидаризира со Србија и кон земјите во светот ќе се однесува во согласност со фактот дали го признале или не независно Косово ако Приштина објави одлука за тоа.
Ваквата фино спакувана дипломатска закана изнесе амбасадорот на Русија во Европската унија Владимир Чизов на прес-конференција која привлече големо внимание кај европските медиуми во Брисел. Прес-конференцијата уследи по информациите дека Белград го блокира договорот што му го понуди неодамна Брисел, со очигледна намера да и' се парира на ЕУ, која во континуитет неколку месеци наназад работи во интерес на демократските сили во Србија, а не на оние што стојат упорно против независноста на протекторатот. Иако не беше искажана како закана, оваа најава на Чизов е прво јавно предупредување од Москва до земјите кои размислуваат за признавање на Косово, каде што спаѓа и Македонија, која и не е ни во ситуација да размислува која опција и' е поприфатлива долгорочно.
Тврдејќи дека седум од 27 земји-членки на ЕУ не сакаат да го признаат Косово како нова држава, рускиот амбасадор рече: „Со оние земји што ќе го признаат Косово, тоа ќе биде трн во нашиот политички дијалог. Со оние што нема да го сторат тоа, нема да има такво нешто“. Чизов, исто така, изјави дека Србија, најверојатно, ќе преземе контрамерки во случај западните земји да донесат одлука за признавање на независноста на протекторатот. „Би сугерирал тој факт да не биде потценет или погрешно искалкулиран“, изјави тој, исклучувајќи, сепак, дека е можно Русија да преземе екстремна мерка од своја страна и да ја запре испораката на енергенси во Европа. Тврдејќи дека Кремљ никогаш не презел такви мерки дури ни за време на студената војна, Чизов објасни дека не сакаат да ги мешаат енергијата и економските проблеми со тие на политички план. Наместо тоа, тој најави дека Москва ќе го блокира Косово во сите меѓународни институции и ќе го отвори ова прашање на состанокот Русија - НАТО во Букурешт.
„Аргументите дека треба да се направи нешто веднаш и набрзина се многу лоши, би рекол дури наивни и грешни. Треба ли да потсетувам дека Палестина чека независност од 1947 година? Оние што заговараат брзо решение велат дека ако не се направи нешто, ќе дојде до хаос во целиот регион и ќе биде тешко да се контролира ситуацијата, бидејќи Косовците ќе прибегнат кон насилство. Тоа не е наш став. Напротив, мислиме дека кршењето на меѓународното право и на Резолуцијата 1.244 ќе доведат до хаос“, оцени рускиот амбасадор во обраќањето со интонација неслушната досега.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=FA9A53E47AF58F4E9309C58834536269
:bravo: