Некој знае ли нешто за неа? Ето еден източник.
Запленувањето на американската мисионерка мис Стоун
„Во летото 1901 година Сандански намислува да го зароби протестантскиот мисионер д-р Хаус, кога со помошта на месни протестанти од с. Банско го договори неговото повикување од Солун. Од разговорот со протестантите тој дознава, дека во Разлошко тукушто пристигнала мис Стоун. Дига раце од планот за Хаус и се запира на готовата примамлива пљачка: жена, при тоа државјанка на земјата на доларите. Чернопеев, на кому Сандански му го открива планот, ја дава својата согласност и на 21 август приквечер една специјална стокмена чета, облечена во аскерски и други турски алишта, на патот меѓу Банско и Горна Џумаја до „Потпрената карпа“ фаќа три жени: мис Стоун, нејзината другарка Цилка, протестантка по вера, и една бабичка. Еден Турчин се задава при заробувањето, пука со револвер во четата, но бидува убиен. Четата ја ослободува бабичката, која припаднала од страв и ги поведува двете жени кон планината.
Главните дејци во тоа пленување се: Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов. Во четата влегуваат Јуруков од Карлово и Антон Ќосето (војводи), Алексо Илиев, Кара Васил, Стефан Мандалов, Дрводелски од Враца и др. Во разни моменти составот се пополнува со други четници и месни одбрани работници. Од легалните најголема заслуга има Сава Михајлов, тогаш учител во с. Лешко (после војвода) и член на околискиот комитет во Банско.
Четниците сакаат да изгледаат како обични разбојници од од разни народности и се мачат да се прикажуваат како турски. Бидејќи комедијата не им успева, а од друга страна жените мислеле, дека навистина попаднале во рацете на турски разбојници и неутешливо плачат во продолжение на 5–6 дена. Најпосле Сандански им ја открива вистината и тие се поуспокојуваат.
Веста за заробувањето брзо се распространи по двете страни на океанот и неколку месеци по ред печатот од целиот свет се занимаваше со сензационалниот настан. Околу разбојниците и животот на двете заробени дами од планините се создадоа легенди. Интересната положба на госпоѓа Цилка и очекуваното нејзино ослободување од бременост при една крајно оригинална комитска опстановка, манирите на разбојниците кон двете жртви на анархијата во Турција; енергичната интервенција на Американската влада и преговорите за откуп – сето тоа правеше од зарабувањето на мисионерката една приказна колку романтична, толку и актуелно политичка.
Во стварноста, двете заробенички се радуваа на максималниот комфор, кои што во селските куќи по Разлошко, Џумајско и Малешевско можеа да им дадат и беа предмет на најголемо внимание и грижи од страна на четата и месните комитети. Се презедоа и мерки за да биде приготвено најнеопходното за очекуваното новороденче: алишта, пелени и др. Двете дами шиеја и плетеја. Госпоѓа Цилка малку веруваше – после толку немири и физички мачења – во среќниот исход на настанот и очекувајќи го најлошото, го направи усно својот тестамент пред мис Стоун. При сето тоа на 21 декември во текот на ноќта, во една винарска визба крај с. Србиново, госпоѓа Цилка потпомогната од две жени, кои што војводата ги повика од селото, среќно се ослободи од бременоста и доби бебе од женски пол – „здраво, полничко“, како што уверува Сандански.
„Го зедовме детето в раце, – продолжува Сандански – другарите ј честитаа и јас ги почестив другарите. На третиот ден требаше пак да се патува. Цилка не можеше да јава, а требаше да си одиме, бидејќи во селото беше дојден аскер. Ја легнавме спружена во еден долг сандак, го натоваривме на коњот, а од другата страна на коњот натоваривме бали, и така, со потпирање отстрана поминавме 6–7 часа пат и стигнавме во с. Влаи, каде што се сместивме во една куќа. Детето по патот го носевме на раце, – тоа си плачеше, а мис Стоун јаваше на друг коњ.“ [Спомени на Јане Сандански]
Преговорите за откуп се водеа во Цариград и Софија. Рољата на посредници ја играа рускиот дипломатски агент од Софија Бахметиев и неговата сопруга, којашто лично ја познаваше мис Стоун. Бахметиеви воспоставија врска измеѓу пратеникот на американската амбасада од Цариград Дикинсон со пратениците на четата Кр. Асенов и Хр. Чернопеев. Преки преговори за откупот и предавањето на жените заврза и самиот Сандански со д-р Хаус, истиот оној, кого што имаше намислено да го зароби пред мис Стоун. Бараше една сума од 25 000 лири. Но акцијата беше придружена со неверојатни тешкотии и ризици и многу се одолжи. Турците ја прогонуваа четата и како по обичај го измачуваа месното население. (Во врска со аферата мис Стоун беа затворени 43 Бугари од разни села во Разлошко и Неврокопско. Дваесетина души од нив беа подложени и на мачења.) Крај границата ја бараа органите на бугарската власт а ја прогонуваа и четите на врховистите, која борба во тоа време беше во полн ек. Пред Цилка да роди, четата беше нападната во село Тросково од врховистичкиот војвода Дончо со 78 души. Престрелката траеше цели 10 часа и се заврши со повлекувањето на четата заедно со жените кон с. Лешко. Сето тоа направи пленителите да го намалат откупот на 14 000 лири. Договорено беше предавањето на сумата да се случи на самото место. Парите, златни лири во сандачиња, беа однесени во Банско од д-р Хаус, обезбедуван од 250 души аскер. Требаше да се предупреди и подгонувањето на четата со парите, откако се ослободат жените. Д-р Хаус, кој не им се доверуваше на војниците и ги чуваше сандачињата во неговата соба, се согласи со барањето на четата – тајно да го изнесе златото во џебовите, во една доверлива протестантска куќа во Банско и на неговото место да постави олово. Сe се сврши: сумата се зеде и се изнесе од Банско, двете жени беа пуштени на слобода од Чернопеев во Струмичко, а војската заедно со д-р Хаус го го продолжи обезбедувањето на сандачињата со оловото... дури до Сер. Дури таму Американецот им откри сe на Турците.
Долготрајноста на заробувањето и блескавиот крај се должат колку на вештината и упорноста на пленителите, толку и во на совршенството на месната организациона мрежа.
Дел од сумата беше разпределена меѓу окрузите во внатрешноста, но поголемиот дел од „мис-стоунките“ беше потрошен, како што и Ѓорче Петров признава – за борба против врховистите. Заробувањето на мис Стоун има и добри и лоши резултати. Кон добрите треба да се додаде и тоа, што американската мисионерка се приврза кон идеалите, на кои што им служеа и нејзините заробувачи и после ослободувањето, држеше во Америка беседи во полза на македонското ослободително движење.“ *
Откупот од 14 500 турски лири е добиен на 20 јануари 1902 г. во Банско, а жените се ослободени на 10 фебруари 1902 г. крај с. Градошорци, Струмичко.
Акцијата предизвика бурни бранувања не само во Бугарија и Америка, туку и во многу други земји, придонесувајќи за популаризирање на делото на револуционерната организација. Самата мис Стоун, наспроти преживеаните стравови и тешкотии за време на заробеништвото, по нејзиното враќањето во САД држи беседи и пишува статии, во кои го осудува турскиот режим и ја поткрепува борбата на поробениот македонски народ.