Забрана за рекламирање на алкохол Од јануари идната година ќе се забрани рекламирање на алкохолни пијалаци и нивна дистрибуција кај малолетните лица. Исто така ќе се стопира и нарачката на алкохолни пијалаци преку интернет, а ќе има и засилен надзор за неконтролираното производство на алкохолни пијалаци. Овие новини се содржани во Стратегијата за намалување на штетните последици од злоупотреба на алкохол врз здравјето на населението во земјава, што е подготвена од Министерството за здравство. Стратегијата треба да се примени во период од четири години, од идната година до 2012 година. За министерот за здравство Имер Селмани добро е што дел од мерките на Стратегијата е да не биде дозволено ниту нула присуство на алкохол кај млади возачи, бидејќи тоа е главната причина за голем број сообраќајни несреќи. -Во стратегијата се предвидува сите кои сакаат да произведуваат алкохол во домашни услови, да добијат посебна дозвола, за да нема диво производство - вели Селмани.

