БИБЛ дели лекции за добро однесување!
Челниците на Балканската кошаркарска лига (БИБЛ) почнаа да им делат лекции за добро однесување на македонските претставници, кои настапуваат во ова регионално натпреварување, откако во само нешто повеќе од еден месец им изрекоа две исклучително драстични казни. Први настрадаа тројца судии, меѓу кои беше и интернационалецот Југослав Диковски, а деновиве драстична казна од 4.000 евра и последна опомена пред исклучување од БИБЛ-лигата доби и актуелниот шампион, Фени индустри.
Судиите добија „по муцка“ поради несериозното однесување и наводно предизвикување проблеми во хотелот во кој биле сместени во бугарската престолнина Софија по натпреварот на кој ја делеле правдата. Тие веднаш беа суспендирани без речиси никакви конкретни докази и можност да се одбранат, и тоа не само од средбите во БИБЛ-лигата туку и во домашното првенство. Диковски, пак, поради овој настан се најде и на црната листа на европската федерација (ФИБА-Европа).
Проблемот со Фени И. е приказна за себе. Кавадарчани по мечот со ЦСУ Брашов, одигран пред две недели во Романија, револтирани на, според нив лошото судење, испратиле писмо до канцеларијата на БИБЛ во кое драстично ги напаѓаат делителите на правдата, но и домашната екипа. Во писмото биле наведени и одредени работи за неморално однесување на судиската тројка пред мечот потпомогнати и финансирани од страна управата на ЦСУ Брашов.
Израелецот Шај Штрикс, спортскиот директор на Лигата, во одговорот на писмото од Фени И., кое е испратено и на останатите учеснички во БИБЛ-лигата, но и во ФИБА-Европа, стручно го анализира судењето на спорниот меч со точни бројки за направените грешки на судиите на штета на македонскиот тим, но и на романската екипа. Неговата анализа покажала дека критиките на управата на Фени И. не се баш на место и дека судењето не било така страшно како што го претставиле кавадарчани.
Поради тоа, Штрикс, кој вчера не сакаше да ја искоментира својата одлука правдајќи се со тоа дека сè што имал да каже напишал во писмото испратено до клубовите, без никакво размислување драстично го казни македонскиот шампион, но и го опомени дека во иднина слична форма на притисок може да заврши само на еден начин - со исклучување од регионалното натпреварување.
Потезите кои во последниве два месеци ги прави раководството на БИБЛ-лигата директно ја погодуваат македонската кошарка нарушувајќи го добриот имиџ, кој најмногу го изградија репрезентативците летоска со пласманот на Европското првенство (ЕП) годинава во Полска. Незадоволството кое се појавува во македонските кошаркарски кулоари е поврзано со фактот што досега казни добиваат само македонски клубови и судии додека никој од останатите клубови од Бугарија, Србија и Романија не добиле ниту најмала опомена од челниците на БИБЛ-лигата.
Не дозволуваме никој да си поигрува со Фени
- Фени индустри е актуелен шампион на Македонија,
клуб со традиција и реноме, и нема да дозволиме никој да си поигрува со него. Забелешките кои ги упативме до БИБЛ-лигата н сметка на судењето во Брашов беа во неофицијална форма и на пријателска основа и затоа не знаеме зошто сме така драстично казнети. Нема официјално да ја коментираме одлуката на Шај Штрикс ниту, пак, сакаме да се конфронтираме со него преку медиумите. Се надеваме дека наскоро ќе се решат сите проблеми на задоволство на сите без правење на непотребна драма - ни изјави во таборот на Фени И.