Методија Стамболиски, екс началникот на Генералштабот на АРМ, вчера попладне беше приведен и предаден на истражен судија до скопскиот Кривичен суд, под сомнение дека извршил проневера во службата. Покрај него под истото сомнение, според најавите, се очекуваше да бидат поднесени кривични пријави, а најверојатно и да бидат изнесени пред Истражен судија и Нелко Менковски, осудениот на четири години затвор, кој во моментов се наоѓа во притвор за аферата со шверцот на армиското оружје и Александар Ѓорчевски, двајцата високи функционери во одделот за логистика на Армијата.
Сите приведени, пред истражен судија ќе треба да дадат исказ под сомнение дека ја оштетиле државата за околу 2,5 милиони евра, во набавка на делови за репарација на тенкови Т-55.
Според информациите до кои стигна Вечер, армиски функионери ја злоупотребиле службената функција и потпишале штетен договор помеѓу АРМ и МЗТ Фоб за репарација на тешки оклопни борбени тенкови. Тие за завршените услуги на фабриката и исплатиле 150 милиони денари, а сето тоа можело да се заврши многу поевтино за само 37 милиони денари.
Имено, Од МВР соопштуваат дека тогашниот началник на Генералштабот на АРМ изготвил барање за набавка на резервни делови за тенковите, во вредност од околу 500 илјади евра, а потпишал договор со Фабриката Металски завод Тито, сектор СОП, во вредност од околу 2,5 милиони евра.
Според МВР, Стамболиски му наложил на началникот на оклопно - механизираната единица да изготви барање за набавка на резервни делови, иако тоа не било во негова надлежност, туку на началникот на Г4, и истото барање го потпишал.
МВР продолжува со истрага дали во овој случај има вмешаност и на други лица.
Во јули 2002 година, тогашниот министер за одбрана
Владо Поповски, дал налог за утврдување на состојбата со примените резервни делови, при што, меѓу другото, е утврдено дека голем дел од набавените делови
не се вградени во тенковите, туку се чувани во магацин, а плаќањето кон МЗТ е целосно извршено. Методија Стамболиски беше пензиониран во март 2004 година.
Инаку, против
Владо Бучковски за истото дело беше покрената кривична пријава, која кон крајот на 2004 година беше повлечена.