Миа:
Презентиран порталот на модната индустрија - Проект на Еин Соф и Е-биз
Скопје - Поголема презентација на македонските текстилни претпријатија пред странските партнери и зголемување на нивната конкуренција е целта на денеска промовираниот Портал на модната индустрија.
Порталот, чиј официјален старт го означи вицепремиерката Радмила Шекеринска, е заедничка инвестиција на македонската фирма Еин-Соф и е-БИЗ проектот на УСАИД во вредност од околу 300 илјади евра.
Шекеринска обраќајќи се пред присутните, порача дека македонската текстилна индустрија преку задржувањето на квалитетот на производите и зголемување на агресивноста во настапот ќе го задржи присуството на европските пазари имајќи ја предвид либерализацијата на светско ниво. Порталот, додаде Шекеринска, е токму комбинацијата на квалитетот и презентацијата и тоа е клучот што ќе ги отвори вратите кон европските пазари.
Дик Голдман, директор на УСАИД во Македонија, рече дека текстилната индустрија е важен дел за економијата и има огромен потенцијал за проширување. "Конфекциската и чевларската индустрија врботуваат 27.800 работници во над 350 компании и претставуваат 35 проценти од изовозот. Порталот ќе помогне за натамошно зголемување на извозот на овие две индустрии и на тој начин }е придонесе за развој на македонската економија", рече Голдман.
Тој смета дека Владата дава поддршка, но треба да се помогнат и домашните и странските инвеститори на полесен начин да го почнат бизнисот.
Директорот на "Еин-соф" Љупчо Шарковски изјави дека македонската текстилна и чевларска индустрија мора да ја зголемат конкурентноста и да ги смалат трошоците во работењето, како и да се дигитализираат за што промовираниот портал е само почеток.
Порталот на модната индустрија нуди информации на македонски, на англиски и на италијански јазик, а информциите во секоја јазична верзија се приспособени кон потребите на оние кои бараат. Така во англиската и исталијанската верзија се нудат информации за македонските фирми, додека во македонската се поставени информции за странски компании кои бараат партнери во Македонија. Во моментов достапни се информации за 300 италијански фирми кои имаат интерес за работа во земјава.
МИА