ДЕЛИО РОСИ РАЗОЧАРАН ОД УПРАВАТА НА ЛАЦИО
Тренерот на Лацио, Делио Роси, призна дека очекувал многу поголем ангажман на раководството на клубот во летниот преоден рок, имајќи го предвид пласманот во Лигата на шампионите, но и многуте повреди со кои се соочува во досегашниот дел од сезоната. Во моментов Роси не може да смета на шестмина стандардни првотимци, додека Крибари мораше да игра со заштитна маска на дуелите против Динамо Букурешт во Лигата на шампионите и Сампдорија во Серија "А". И покрај тоа, челниците на клубот не ангажираа ниедно звучно име во летниот преоден рок, па Роси ќе мора со актуелниот играчки кадар да се обиде да го повтори минатогодишниот успех.
"Мурад Мењи се уште не е комплетно заздравен, па мораме да импровизираме. Томазо Роки исто така не беше во најдобра форма и тоа е разбирливо бидејќи само неколку дена претходно го понесе најголемиот дел од товарот за нашиот пласман во Лигата на шампионите, а јас немав замена за него. Во тимот, во саботата беше вонредна состојба бидејќи не знаев со кои 11 фудбалери ќе излезам на теренот во Џенова. Сепак, момците уште еднаш покажаа дека имаат карактер и обезбедија бод на тешкото гостување", изјави Роси.
Надвор од тренажен процес сега се Симоне дел Неро, Гиљермо Стендардо, Стефано Маури, Мобидо Диакате, Александар Коларов и Себастијано Сивиља, а со право се поставува прашањето, ако Роси сега има проблеми со составот, што ќе биде кога ќе почне да игра по два натпревари неделно, во Серија "А" и Лигата на шампионите.
"За жал, преодниот рок заврши. Очекував многу повеќе од раководството на клубот во поглед на нови засилувања, но не знам зошто тоа не беше направено. Тоа значи дека клубот не ми ги овозможил потребните услови за работа и дека ќе мора да се обидам да направам успех со овој кадар. Но, јас сум навикнат на тоа во мојата кариера", додаде Роси.
Тој е дополнително разочаран од продажбата на Масимо Одо во Милан минатата зима, како и неуспехот да се ангажира Пасквале Фоџа, фудбалерот на Каљари кој по одличниот старт на сезоната доби повик во италијанската репрезентација.