Македонија бронзена во Мадрид
Македонските каратисти освоија бронзен медал во борби - екипно на Европското првенство за региони кое се одржа во Мадрид.
Како што соопшти Карате федерацијата на Македонија, комбинираниот состав од карате клубовите „Макпетрол’’ и „Металург’’ до трофејот дојде по пет борби, во кои оствари четири победи.
За бронзата се изборија Жарко Арсовски, Богдан Мицов, Томе Тодоровски, Амир Беговиќ, Мартин Несторовски, Огнен Груевски и Иво Цветковски, предводени од тренерот Мирче Јанушевски од КК „Металург“ воедно и помошник-селектор на репрезентацијата во борби.
„Успехот е остварен во конкуренција на 28 екипи од континентот, со забелешка дека најсилните селекции во каратето имаат по неколку претставници, што му дава дополнителна тежина на остварениот резултат. Бронзениот медал е прв трофеј на позначајно меѓународно натпреварување на нашата селекција во борби. Тоа е продолжување на низата трофеи во 2009 година, само дваесетина дена по освоениот сребрен медал на Наташа Илиевска на Европското сениорско првенство во Загреб“, соопшти Карате федерацијата на Македонија.