НЕЏАТ ХУСЕИН, ТРЕНЕРОТ НА БИТОЛЧАНИ, ЈАВНО ПРОГОВОРИ ЗА ПРОБЛЕМИТЕ ВО ТЕТОВО
Гласови за Хари, ќотек за Пелистер
*"Зарем мене со боксови. Па јас им бев тренер за време на нивните најголеми успеси. Заборавија..."
Бокс ваму, тепачки таму...Инциденти, црни слики. Тоа е заштитниот знак на нашиот домашен фудбал. Пелистер е згрозен и тепан во Тетово. Загуби со 1:0 од Шкендија в меч каде се случија многу згрозувачки и нефудбалски работи. Битолчани реагираат, бараат некој да ги казни тепачите. Неколку дена по средбата со Тетово, реакција на Неџат Хусеин. Тренерот на "зелените" ја отвори душата и јавно проговори.
"Нема фудбал...вака со тепачки, боксови...с$ полошо и полошо", вели Хусеин, тренерот кој долги години беше на клупата на Шкендија, а во ходникот на стадионот во Тетово доби по некој удар.
"Зарем мене да ме маваат со боксови. Па јас им бев тренер за време на нивните најголеми успеси. Заборавија на тие денови и сега удри. Не го заслужив ова во Тетово. Вака не ја бива работата. Треба казни за тие што прават инциденти. Треба Хаџи - Ристески да се праша што прави и што се дозволува во овој наш домашен фудбал. Него му е лесно. Ги добива гласовите од албанските клубови, им дава с$ и сешто, а ќотек ќе јаде Пелистер или некој друг", коментира гласно Хусеин.
А што се случи во ходникот на полувремето. Својата слика ја опишува тренерот на Пелистер, кој и самиот бил удрен:
"Не кријам, ме удрија. И не само мене туку уште 4-5 наши фудбалери. Удираа неслужбени лица. Имаше само 2-3 полицајци, но тие не реагираа. Излеговме со боксови во вториот дел и примивме гол за 1:0. Доцна беше онаа бројка од 50 полицајци по мечот во ходникот. Шкендија си ја заврши работата и победи со 1:0. Но на каков начин!? Ако Шкендија продолжи вака да игра мислам дека никој нема што да бара во Тетово. Таму домаќинот секогаш ќе победува", посочува Хусеин за инцидентот во ходникот во Тетово.
Тренерот на Пелистер открива дека цела недела пред натпреварот имал телефонски повици од непознат број. Добивал закани.
"Јас сум чист како солза. За проблемите од минатото и оној пораз во финалето од Македонија Ѓ.П луѓето од Шкендија и самите навивачи вината треба да ја бараат кај друг човек", беше завршниот став на Хусеин.
Делегација на Пелистер денеска ќе има состанок со челниците на ФФМ токму за инцидентите во Тетово. Можеби таму ќе биде и тетовскиот шериф Реџеп Беџети, кој е во улогата на потпретседател на ФФМ. МВР веќе обелодени дека имало инциденти, но дали Беџети е главната карика со која ќе бидат помилувани ваквите немили сцени од Тетово?
И. Д. Ивановски
"Балистите" се педофили!!!
Неџат Хусеин - Џате не може да им прости за навивањето на домашните навивачи.
"Лично бев згрозен од скандирањата на дел од 'балистите'. Тоа не се навивачи туку хулигани. Па мојата ќерка има само 8 години. Како не им е срам. Во текот на целиот меч викаа по мене со погрдни зборови. Тоа не е фер и не е спортски, но нека им служи на честа. Се однесуваа како педофили", зборува Хусеин за навивачите на Шкендија 79.
Засилувања од боксерски клуб
Хусеин со добра лекција од Тетово. Инцидентот мина без поголеми повреди, тепачки...Ќе се проголтаат оние боксови, но лутината вечно ќе трае.
"Ние, тренерите, сме немоќни во ваквите ситуации. Нема кој да ги заштити фудбалерите. Точно е тоа дека животот е пред фудбалот. Но ако е дозволен ваквиот начин на 'игра' и ние ќе се прилагодиме кон истиот. Сега на зима во преодниот рок ќе купиме неколку боксери и ќе ги регистрираме за Пелистер. Дома сигурно дека сите ќе ги победиме", е размислувањето на тренерот на Пелистер.