КОШАРКА - БИТОЛЧАНИ НА СЕРИОЗНИ ИСКУШЕНИЈА
Пелистер без спонзор и без седуммина првотимци
Амбициите на финалистот во Купот и третопласиран тим во минатото првенство, Пелистер дека во новата сезона ќе заигра дури и во Библ лигата, се распрснаа како меур од сапуница, откако спонзорот на битолчани Свислајон Таково од Вршац, Србија, неодамна им откажа натамошната соработка. Таквиот (не)очекуван развој на настаните предизвика промени и поместувања во стручниот штаб и во играчкиот состав.
Најпрво своето враќање во Битола го откажа тренерот Младен Микиќ, а екипата ја напуштија сите кошаркари кои во Пелистер дојдоа од страна пред почетокот на сезоната и на кои фактички им завршија договорите (Миљковиќ, Намчевски, Стефановски, Захариевски, Караџовски и Крстевски). Единствено во Битола остана Александар Хелд, кој лани потпиша двегодишен договор со клубот. Меѓутоа, и овој странски кошаркар сигурно ќе замине од Пелистер (има понуда за ангажман во Португалија) бидејќи во сегашнава состојба битолчани не можат да ги исполнат условите од договорот.
Пелистерци моментно тренираат на отвореното игралиште на Градскиот парк (салата "Младост" се уште се реновира) под раководство на тренерот Благоја Печалов, кој на располагање има десетина кошаркари меѓу кои само тројца од стандардниот состав во минатата сезона (Петковски, Таневски и Апцев).
Засега од таборот на Пелистер се уште никој не се огласува со било каква информација околу состојбите во клубот.