гледам дека никој не пишал па еве јас да кажам, мислам дека е добро да пишуваме на темава и за ефектите и учинокот на играчите што играат надвор од македонија за да не отварам нова тема без потреба

па еве:
Антиќ ја "уфрли" Црвена Звезда во финалето
Иако дојде до "баксузни" 13 поени, тоа не му попречи на Перо Антиќ да ја однесе екипата на Црвена Звезда во големото финале на НСЛ лигата во Србија.
Нашето репрезентативно крило беше голем фактор во триумфот на "црвено-белите" во вториот полуфинален натпревар од плеј-офот против Хемофарм (91:81).
Сите свои поени ги даде во последната четвртина. Серијата од неговите седум поени во финишот на средбата беше убиствена по противникот од Вршац, за конечни 2-0 во серијата и големо финале и вечното дерби против Партизан.
Иако не беше стартер, Антиќ беше крајно рационален. За 19 минути стигна до тие 13 поени (1/1 за три, 4/6 за два и 2/2 за еден поен). Додаде и шест скока и по една асистенција и загубена топка. Заедно со Гуровиќ, творец на големиот триумф кој ги остава во трката за она едно место во Евролигата.
За потсетување, Антиќ беше "меч-винер" на оној прв натпревар во Вршац, кога на еден помалку чуден начин поентираше во последната секунда од мечот.
Гечевски и Задар испуштија топка за титула
Каков "кикс", страшен "кикс" направија кошаркарите на Задар во големото финале на хрватската кошарка.
Во четвртиот дуел од финалната серија и водство од 2-1, победата им ја носеше титулата на Здраните и нашиот Тодор Гечевски. Имаа контрола во три четвртини од натпреварот. Ја загубија во последната. Имаа и баксузни 13. секунди да погодат за победа, кога Цибона поведе со 90:89.
Но збунето делуваа задрани во тој последен напад. Еден од трагичарите беше токму Гечевски, кој не се снајде во една таква "ситуација".
Ја загубија топката кошаркарите на Задар, го разочараа "Јазине", кое беше подготвено да прослави титула.
Сега ќе се игра "мајсторка", но предност е сега на страната на Цибона, која ќе биде во улога на домаќин.
Дека заморот си го прави своето врз Гечевски, доказ беше и овој натпревар. Одигра нашиот репрезентативец речиси 36 минути. Период во кој дојде до бројката од 7 реализации (1/5 за три, 1/2 за два и 2/3 за еден поен), но и 8 скока, 6 асистенции и 3 загубени топки.
Арис до нова предност
Арис поведе со 2-1 во дуелите со Паниониос во "малото финале" на грчкиот плеј-оф.
На Мајк Вилкинсон и соиграчите, сега им треба уште една победа па и во следната сезона да играат во Евролигата.
Во третиот натпревар Арис беше подобар од Паниониос совладувајќи го со 65:57.
Вилкинсон, кој има и македонски пасош, одигра 28 минути и притоа реализираше само 6 поени (0/2 за три и 3/6 за два поени), плус три скока, две загубени и една освоена топка.
www.sport.com.mk