Ако е 72.000 денари бруто плата, тоа значи дека реалната нето плата е 48.000 денари, што не е лошо за македонски услови, под претпоставка дека работникот/работничката или не е во брачна заедница и нема деца, или има брачен партнер/брачна партнерка кој(а) исто така е вработен(а) и има минимум исто толкави редовни месечни примања.
И да не се заборави, работните услови во фурна не се баш идеални, настрана фактот дека постојано се работи во простории под високи температури, добар дел од фурните - ако не и сите - вршат достава до продавници, супермаркети, трговски центри, што значи дека мора да се почне порано со работа - најчесто веќе во 3:00 часот по полноќ почнуваат со подготвување на пецивата - и враќање дома мртви уморни и папсани, парите не вредат ништо за младите кои работат или кои би работеле во такви услови. Возрасните со деца се друга приказна, тие молат Бога да врзат крај со крај секој месец.
Но еве да речеме дека условите за работа се супер, дека тие 72.000 денари се нето плата, а не бруто плата, и работниците се задоволни. На крајот останува државата која ги финансира државните и јавните институции и установи, меѓу кои спаѓаат и здравството, образованието, судството, обвинителството, правобранителството, и се разбира полицијата, кои да се потсетиме, колкава доверба уживаат од населението за сите тие пари од даноци, задолжувања, кредити, заеми и бројни донации и надворешна помош фрлени за нивните потреби ?
Отприлика тука завршува приказната за тоа дали воопшто се исплати да се работи за 48.000 денари месечно или за 72.000 денари месечно.
Ако дојде ден да ти притреба лекарска помош, па откриеш дека твоите пари се трошат на неопремени амбуланти и клиники, на неквалификувани кадри, на неисправна опрема или на нова неотпакувана опрема поради недостатокот на квалификувани кадри кои ќе управуваат со таа опрема, Бог нека ти е на помош.
Еве јас пред месец дена им помагав на соседи да пренесат лице над 80 годишна возраст по скали до возило на Брза помош. Од Брза помош дојдоа 3 болничарки - сите жени - единствениот маж беше возачот кој си остана долу пред зграда да го чува возилото, а семејството на болниот не` молеше мене и други станари да помогнеме да го пренесеме болниот со ќебе по скали, па до лифт, па од лифт повторно по скали до возилото на Брза помош.
Било кој(а) несреќниќ/несреќничка може да се најде во таква ситуација во иднина, плаќаш даноци и придонеси за здравствено осигурување за да ти испратат жени - со сета почит кон нив, не велам дека не ги бива за работата, но самите ставија до знаење дека физички не се доволно силни и способни за да го кренат болниот - кои ти велат барај мажи за да ти помогнат да го пренесеме болниот до возилото.
За таква држава и за такво општество не вреди да се работи ниту за 48.000 денари, ниту за 72.000 денари, ниту за 96.000 денари, ниту за 120.000 денари месечно, ако на крајот завршиш како скот оставен самиот да се снаоѓаш.