Сега изгледав реприза од натпреварот, ништо посебно не може да се каже освен дека толку ни е силата, далеку сме од сериозна екипа за европски натпревари.
На голманската позиција што е клучна во ракометот ние сме најтенки, Еспиња ќе испадне најголемо разочарување, денес во прво полувреме имаше САМО ЕДНА ОДБРАНА, до 40та минута стигна до 3 од кои едната му беше кога десното крило го погоди во глава, после влезе Гогов, ништо посебно, далеку е и тој од некаков квалитет, просечен голман за домашно првенство.
Секоја чест за Вуко што стисна заби и излезе на терен, во него ќе се крстиме да ја врати формата од пред 5-6 сезони.
Останатите бекови многу слабо, кај никој нема константност, сите заедно да ги собереш еден Косуке не може да направиш, уште душата ме боли.
Петриќ ќе извади некој добар шут и после следуваат 5 грешки, денес неколку банани му залепија како на мало дете.
Крсманчиќ се труди нешто да направи, да ја размрда малку играта ама толку и него му дозволува физиката и квалитетот, никогаш во кариерата не играл некој врвен ракомет, не може сега на 32 години да очекуваме нешто специјално да направи.
Николиќ за мене големо разочарување, може и јас премногу се залетав и очекував нереални работи од него, после првите негови натпревари во Вардар мислев дека за брзо ќе замине во многу појјака екипа, тогаш баш изгази со Пелистер на тие два натпревари, супер купот во Струмица и таа во Скопје, од тогаш навака се послабо и послабо.
За Маргели не знам што да кажам, има некои блесоци, таман ќе ми даде некоја надеж и после ќе врзе неколку аматерски грешки, не играњето во Европа кај него е голем хендикеп.
Не е спомнато во темава, денес Пелистер загуби од Алкалоид, ќе има многу калкулации во борбата за титулата, ништо чудно на крај и кај децата на Кире да заврши.
Ние цело време целиме кон титула, барем такви беа изјавите пред да почне сезоната, еве и евентуално да ја освоиме, кој е планот за понатака?
Ќе има нови спонзори, зголемување на буџетот, засилувања?
Со ваков состав нема што да бараме во Лига на шампиони, сите негативни рекорди ќе ги срушиме, а и во Европска лига да поминеме групна фаза нешто слично не очекува, видовме со сериозни екипи како Мелсуген што ни се случува, светлосни години сме далеку од врвен ракомет,
За крај ќе ја постирам сликава, сите играчи што играле за Вардар и против него биле воодушевени од публиката, колку пати само сме слушале изјави дека никаде во светот нема ваква атмосфера.
Ние како народ и публика генерално имаме желба за навивање, за спорт, за успех, само милион пати сме излажани од сите страни да веќе многу луѓе не гледаат светло на крајот од тунелот и надеж дека еден ден ќе биде подобро.
Денес, утре, задутре, следна недела, следна година, да почекаме, да се стрпиме, ќе се најде решение...
Мислам тука и на фудбалскиот клуб, кај сите искрени навивачи се убива желбата, после се чудиме зошто салите и стадионите ни зјаат празни, на никој не му се оди на натпревар што знае дека е во старт загубен и знае дека води битка против поголеми сили што не може да ја добие, уште кога некој ќе го гледа тој ист филм повеќе пати во животот не му останува ништо друго освен да крене раце од спорт и да се посвети на други работи.
Секоја чест за луѓето што после многу години се уште активни на трибина и веруваат дека еден ден ќе дојдат подобри времиња за Вардар.
Не планирав во оваа насока да отиде овој пост, малку ме понесе емоција за актуелните случувања во Фк Вардар и општо ситуацијата последните години и во фудбал и во ракомет, функциониравме и навивавме без да знаеме дали ќе постоиме за некој месец, се изнаслушавме разни ветувања од сите страни, секакви Маџари, Руси, Срби, Бугари, Монголци не спасуваа...
Не знам што ќе биде во иднина, само знам дека Вардар имаше и сеуште има потенцијал и навивачка база за да биде голем клуб што ќе остави белег во светот на спортот.
Да живее Вардар и Македонија!