Густо на врвот, празно на трибнините
Во изминатите 30 кола се одиграа 180 натпревари, а на нив имало вкупно 241.900 гледачи или во просек по 1.340 лица. Најгледана домашна екипа е Шкендија со просек по 5.600 гледачи, додека најгледан гостин е Вардар во просек по 2.350. Катастрофална е ситуацијата во Скопје, екипите од главниот град ги заземаат последните пет позиции на табелата на домашната посета
Ние сме посебни во многу други сфери, а посебни сме и феномени сме во фудбалски поглед. Имено, во самостојна Македонија никогаш се нема случено на три кола пред крајот дури 4-5 екипи да конкурираат за освојување на титулата во нашата Прва лига. Тековниот шампионат секако дека е еден од најинтересните, ако не и најинтересен во историјата на мак - фудбалот. Квалитетот е друга тема на разговор, сакаме да се осврнеме на еден друг феномен, на посетата, на гледаноста на овој екстра интересен шампионат. А таа гледаност е катастрофална, посетата е повеќе од ужасна. На 180 средби во изминатите 30 кола имало вкупно 241.000 гледачи или во просек по 1.340 на секој меч. Најгледана е Шкендија со вкупно 107.000 гледачи, овој тим е најгледан и како домашен тим со просек од 5.600 гледачи, додека најгледан гостин е Вардар со по 2.350 гледачи. И Шкендија го дига просекот, ако не е овој клуб тогаш просек ќе биде уште помал. Клубовите од главниот град е посебна приказна. Последните пет места на табелата на домашна посета им припаѓаат на Вардар, Работнички, Металург, Еуромилк и Македонија ЃП.
АКО НЕ Е ШКЕНДИЈА...
Шкендија е убедливо нашиот најгледан клуб. На 30 средби тетовци и дома и на гости ги проследиле вкупно, како што рековме, 107.000 гледачи, по околу 3.500 гледачи во просек на секој натпревар. Бројката од 5.600 во просек кога Шкендија била домаќин е респектабилна бројка и во балкански рамки, пред сè тука мислиме во однос на бројот на жители на Македонија, но и бројот на жители на градот под Шара. Факт е дека Шкендија има најверна публика, фанови кои го сакаат клубот, кои плаќаат билети за до гледаат и бодрат. Е тоа се вистински навивачи.
Можеме само да претпоставиме каков ќе биде просекот ако евентуално Шкендија не се натпреварува во оваа лига или, пак, игра во понизок ранг.