"ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ" САКААТ ДА ЗАДРЖАТ ЕДЕН ОД СВОИТЕ НАЈДОБРИ ФУДБАЛЕРИ ВО ИЗМИНАТАВА СЕЗОНА
Вардар со нова понуда за Демири
* "Вардар во текот на денешниот ден ми понуди подобри финансиски услови во однос на досегашните па постои можност да останам во клубот. Сепак, странство ми е првиот приоритет", ни изјави вчера Демири
Раководството на Вардар посакува и во следната сезона во своите редови да го има еден од најдобрите во изминатата година, фудбалерот од средниот ред Ертан Демири, на кого во јуни му заврши договорот со "црвено-црните".
По своите одлични игри, посебно во пролетниот дел од шампионатот, за Ертан Демири и во канцеларијата на "вардарци" веќе има понуди од неколку странски екипи, меѓутоа овој пат и Вардар е решен да го задржи и за следната натпреварувачка сезона нудејќи му нов финансиски договор.
"Да. Вардар во текот на денешниот ден ми понуди подобри финансиски услови во однос на досегашните, но засега с$ уште не се знае што понатаму со мојата кариера", ни изјави вчера Демири, веднаш одговарајќи на прашањето колкави се шансите и натаму да остане во нашиот најтрофеен клуб.
"По новата понуда секако постои можност да останам во клубот. Да бидам искрен, очекувам до 22 јуни с$ да биде дефинитивно познато, иако продолжување во странска екипа во овој момент ми е прв приоритет".
За услугите на Демири силно се загреани и соседите, Работнички К.
"Со Работнички немам разговарано веќе 5-6 дена, така што останато е на оние првичните разговори. Нема ништо конкретно и околу тоа, па ќе повторам дека сепак приоритет ми е заминување надвор од Македонија", вели Демири.
За фудбалерот на Вардар сериозен интерес пројавиле екипи од Израел, Белгија и Украина.
Албанска Беса со најконкретна понуда
"Нема зошто да кријам. Меѓу неколкуте понуди најконкретна е онаа на албанскиот прволигаш Беса од Каваја, клубот каде настапува поранешниот вардаров фудбалер Арбен Нухији. Раководството на ФК Беса навистина нуди конкретни финансиски услови, искажуваат големи амбиции за следната сезона па ќе видиме", истакнува Демири.
НАПАЃАЧОТ ВО РУСИЈА...
Кировски на преговори со Амкар
Вардаровиот напаѓач Христијан Кировски е во преговори со рускиот прволигаш Амкар Перм. Според последните информации по заинтересираноста на Амкар за услугите на Кировски нашиот фудбалер деновиве се наоѓа во Русија каде треба да се прецизираат деталите за негово евентуално потпишување со рускиот прволигаш.