Рикелме би играл бесплатно за Бока
Аргентинскиот репрезентативец Хуан Роман Рикелме испрати необична понуда до Бока Јуниорс. Фудбалерот, кој во моментов е во сопственост на Виљареал, му предложи на раководството на Бока да потпишат тригодишен договор со опција да добие плата за две од нив, а третата да игра без пари.
"Разговарав со челниците на клубот и им кажав дека имам голема желба да останам таму. Ќе видиме дали на нив ќе им се допаѓа тоа", изјави Рикелме, кој последната сезона ја мина како позајмен играч во Бока и ја освои титулата во Копа Либертадорес.
Сепак, планот на 28-годишниот фудбалер тешко дека ќе доживее реализација заради фактот што тој има уште две години од договорот со Виљареал и шпанскиот клуб за него бара десет милиони евра. За четирите месеци додека беше член на Бока, тој заработи 1,3 милиони евра, додека во Виљареал годишната плата му беше нешто над два милиони.