Гвардиола го фаќа паника: Немам одбрана, а Јуве е моќен како никогаш
Сите централни дефанзивци кај „баварците“ се во аут на само недела дена пред пресметката со Јувентус.
Хави Мартинес, Боатенг и Бадштубер не се во комбинација, Бенатиа така-така... одбраната на Баерн е десеткувана пред важниот осмина-финален натпревар со забревтаниот Јувентус.
„Јуве е една од најдобрите европски екипи на која за жал мораме да и се спротивставиме во овој лош период. Во последните два лигашки натпревара морав да играм без централни бекови што никогаш во кариерата не ми се има случено.“
Викендов против Аугсбург централни дефанзивци играа левиот бек Давид Алаба и младиот играч од средниот ред Џошуа Кимих.
„Се надевам дека за Јуве ќе се опорави бар некој дефанзивец, ама сепак, ќе биде тешко да се игра без класичен централен бек.“
Токму поради низата повреди Баерн на последниот ден од преодниот рок од московски Спартак го позајми Сердар Ташчи, но тој сè уште нема дебитирано. Ташчи и можеби полу-опоравениот Мехди Бенатиа ќе биде парот на централната бековска позиција против Јуве.