Нашиот главен проблем во ЛШ, проблем што требаше да го реши управата а не го направи тоа е следниов:
Имаме премногу технички лимитиран состав, неспособен да игра брза игра, да создава контри и да поентира од истите. Се знае што се мисли под технички лимитиран состав. Главна закана во нападот од страните ни се Асамоа и Лихштајнер, додека од средината Видал и Погба. Сите овие играчи го немаат оној збир на техника и брзина неопходен за да се биде успешен на европско тло. Во ваков случај не може да помогне напаѓач, или пак играч од централна средина. Гледаме што се случува со Тевез, мора да се враќа назад за да ја пренесе топката побрзо во противничката половина, а со тоа губи нападот бидејќи неговиот партнер останува сам и претешко е да се справи.
Овој проблем да се надмине не се потребни играчи од централна средина какви што имаме, ниту пак напаѓачи што треба да стојат поблиску до шеснаесетникот за да не се изгуби од ефикасноста. Потребни се играчи кои играат измеѓу средината и нападот и тоа се токму тие играчи со техника+брзина какви што се неопходни во ЛШ, а какви што ние немаме. Буквално немаме ниеден.
Лесно се воочува тоа кога ќе се погледнат играчи како Ди Марија, Ројс, Бејл, Геце, Хазард, Робен, Давид Силва, па малку подоле Санчез, Вилијан, Шакири оние другите од Дортмунд што играат во офанзивниот дел, а да не ги ни споменувам Роналдо или Бејл. Ниту пак ги имаме Лукас, Лавеци или Пасторе од ПСЖ. Уште подоле, ние немаме ни играчи како Олимпијакос вчера што покажа дека се потребни. Домингез, Касами, Афелај.
Аналогно на тоа што во тимот немаме играч со брз прв чекор, со способност за дриблинг и реализација не натерува секогаш да играме формациски поставено, без можност за контра напади. Секој напад на Јуве, како минатите сезони така и оваа мора да почне од одбраната, па да се гради, гради и се така додека не се постигне гол. Така се игра всушност против мали тимови кои се бранат, но контрата во ЛШ е многу силно оружје и притоа мора да се користи. Еве видете убаво каков гол примивме. Изгубена топка, три додавања од противниците и оп голче. Јуве не е способен ни таква брза контра да организира, што почнува од во противничката половина, а камоли да организира контра што почнува од сопствената половина.
Со тие организирани напади, никогаш нема да може да успееме. Потребна во ЛШ е брзина и ефикасност, која ја носат играчи кои играат меѓу средината и нападот. Формациски во 3-5-2 таков играч не може да се имплементира, но дури и да се смени формацијата пак ќе е џабе затоа што немаме нитуеден адекватен играч за лево, десно офанзивно крило или пак за позицијата зад центарфорот.
Вчера индивидуално сум задоволен само од Мората. Иако требаше да постигне гол, сепак дечкото има многу солидна техника и доста е способен дури и сам да игра еден на еден. Брз чекор има за напаѓач, многу е покорисен од Љоренте и мора да игра во прв тим. Многу повеќе играчи со неговата техника ни се потребни, но малку поназад на теренот и се разбира со поинакви карактеристика. Од друга страна разочаран сум од Пирло се разбира, кој ја изигра најлошата утакмица од кога е во Јуве и разочаран сум од Тевез. Тој како поквалитетен играч, мораше подобро да се снајде во неколку ситуации посебно во две кога не го забележа Мората осамен, бидејќи главата му беше во земјата. Разочаран сум и од Киелини кој многу паничеше, а исто сум разочаран и од Алегри индивидуално како тренер, многу подобро можеше да го подготви натпреварот вчера. На крај краева, тој беше доведен во Европа да промени нешто, а во Италија да се задржи на истото ниво. Голем промашок му се првите три натпревари во ЛШ и иако има шанси за квалификации сепак мислам дека притисокот ќе ги дотепа и пак некоја грешка ќе доведе до неповолен резултат.
Многу работи има за разгледување, ова е и онака долг пост така а ќе завршам со она што сепак ме разочара најмногу. Тоа беше општиот впечаток и немањето доверба дека ќе се смени резултатот на напреварот и покрај шансите кои ги имавме. Играчите како да не веруваа дека можат да постигнат гол и колку и чисти шанси да имавме тие пак ќе завршеа во рацете на голманот. Тоа чувство на неспособност најмногу ме разочара.