Приказнава, место поклон ти ја дарам...
Посветено на мојата прва љубов.
Мојата прва детска љубов...којзнае каде си. Не и дека ме интересира нешто многу, ама во вакви денови кога сум љубовно носталгична, ми текнува понекогаш на тебе. Иако знам дека најверојатно јас не претставувам ни трошка од твоите сеќавања. А и нема ни зошто...
Јас бев таа која лудо, чисто и искрено те сакаше седум и пол години...јас бев таа која копнееше по тебе и ги обожаваше твоите очи од самиот почеток до речиси крајот на нашето основно образование.Тебе не ти беше грижа за мене, јас бев едно големо ништо за тебе, девојчето од одделение кое лесно се нервираше и која обожаваше да ја нервираш и малтретираш, да ја кубеш за коса и да и маваш клоци. Но, ти во тие седум и пол години беше мојот свет. Уште првиот миг кога те видов бев толку мала, немав ниедна симпатија до тогаш, но кога те видов моето детско срце побрзо почна да чука. Те гледаше само тебе. Како што минуваше времето моите симпатии кон тебе беа се поголеми и поголеми...Години поминуваа, а ти се уште беше мојот детски жар, мојата платонска љубов. Поминував часови дома размислувајќи за тебе, а во училиште доволно ми беше да седам настрана и да те гледам. Доволно ми беше само да бидеш присутен. Не ми беше проблем да ти ја напишам домашната по математика, не ми беше проблем да правам работи кои ќе побараше од мене. А мојата љубов кон тебе не беше тајна. Целото училиште знаеше. И наставничките дури знаеја. Јас не се ни трудев да кријам, не ми беше важно, свесна бев само дека имав јаки чувства кон тебе.
И почна седмо одделение, јас бев се уште лудо заљубена во тебе...веќе цели седум години, континуирано, јас бев заљубена во тебе. Се сеќавам кога дојде ново момче во другиот клас, сите девојки беа заљубени во него, но моите очи беа постојано вперени кон тебе, моето срце брзо чукаше само кога ти беше во близина. И дојде и второ полугодие, дојде февруари и дознав дека ќе има кутија за писма за Валентајн и дека секој може да прати нешто. Јас решив дека треба да направам такво нешто, решив дека треба да напишам писмо. Знам колку бев возбудена, колку се подготвував, колку сакав да биде совршено. Се уште ја паметам хартијата на која го пишував тоа, се уште паметам како искрено ги запишував моите чувства, моите чувства за сите тие 7 и пол години беа преточени во тоа писмо. Се сеќавам и на малото розево срце кое го исеков од Таа кое што го залепив на крајот од писмото. И се сеќавам дека го потпишав. Во потписот стоеше : Те сака М. М. навистина те сакаше. М. навистина те обожаваше. М. го признава тоа и М. знае дека тоа беше најискрената љубов која некогаш ја осетила во својот живот и покрај тоа што денес има 19 години. Иако никогаш возвратена, иако исмејана и повредена на крај, ти секогаш ќе бидеш првата љубов на М.
И не се каам за тоа писмо, иако потоа имав последици и што ми се смееше во лице заради тоа заедно со другарите и не се каам и покрај тоа што од тој момент натаму мојот живот се претвори во пекол. Можеби писмото немаше врска со тоа, но само знам дека наредните две години ми беа најлошите во мојот живот, а се започна од како ти го доби тоа писмо. И наместо поклон, јас ти ја подарив тогаш својата душа преточена во зборови. Наместо нормален однос, што беше единственото кое што го посакав од тебе, добив ужас, солзи и скршено срце. Наместо нормален муабет, се случуваше Трета светска војна меѓу мене и тебе. И знам дека и сега да се сретнеме ќе започнеме расправија. Но, ти го одбра тоа. Ти сакаше таков однос, таков однос и доби откако ми го скрши срцето.
По тоа си ветив дека никогаш нема да се заљубам. И страв ми е. И бегам. Особено од емоции и заљубување. А за тоа си и ти делумно заслужен.
Идиоту, како не ти беше жал така да се однесуваш со мене? Како имаше образ на таков одвратен начин да се поставиш спрема мене, а знаеше дека сите тие години чувствував нешто за тебе? Знам дека беше мал, но тоа не е оправдување. Знам дека сакаше да глумиш фраер, но зарем сакаше и кога ме гледаше како плачам?
Но, не е важно, сето тоа е зад мене. Но, знам, само едно знам дека каде и да си, што и да правиш да знаеш дека некаде длабоооко, некаде длаабоко закопано во мене има мал дел на кој се уште му значиш. Далеку од тоа дека се уште имам чувства за тебе, пу пу скраја да е, но има некое мало делче кое не сака да ги заборави сите тие спомени.
Не се каам за ниеден момент, за ниедно чувство. Не се каам ниту за писмото, а не се каам ни за една пролеана солза за тебе. Затоа што знам дека тоа што го чувствував тогаш никогаш веројатно нема пак да го почувствувам. Иако беше само детско, платонско, наивно, сепак беше искрено, безусловно и чисто.
И имај среќа во твојот живот, сигурна сум дека си среќен и весел. А иако погоре те нареков идиот, кретен, сепак не чувствувам ништо лошо, и не мислам дека си навистина идиот. Знам дека си фин и добар, но...за жал ја запознав и твојата не толку добра страна, твојата желба да бидеш во центарот на вниманието дури и ако тоа значи да понижиш други луѓе и да направиш да се чувствуваат мизерно и да се осеќаат дека не постојат и дека се ништо.
И повторно немам никаков поклон за тебе. Не верувам во материјално искажување на чувства. Затоа наместо поклон, оваа приказна ти ја подарувам. Овој текст ти го посветувам. И се надевам дека овој пат, нема да има последици. Се надевам дека нема да ги разбудам лошите духови и дека нема да ги активирам болните спомени од минатото.
Но, февруари е, драги мој, а секој февруари покрај останатите лоши работи, во моите мисли си и ти. И како лоша, но и како добра работа. Некогаш си светла точка во моето минато, некогаш најтемната и најмрачната. Сепак за среќа си само точка. По тебе продолжив да пишувам и други поглавја. Секоја од нив имаше лош крај. Не знам дали мојата љубовна приказна ќе заврши среќно, но знам дека ти си неизбежен дел од неа. Затоа што ти драги мој, беше почетокот на таа приказна. Почеток кој траеше седум и пол години....приказната продолжува да се пишува.
Ја кревам чашата вино и наздравувам за тебе и за секој останат дел, за секој агол од моето минато. И лузните кои ги имам...секогаш ќе ме потсетуваат дека тоа минато не било сон, дека некогаш тоа минато било мојата сегашност и мојата реалност.
За добрите стари времиња, кога ти беше мојот свет, мојата љубов, мојата искра
За деновите кога те сакав...
М.