Почитувани,
Ви пишувам во врска со одговорите на Министерот за образование и на Директорката на БРО во медиумите на реакцијата од матурантите која велеше дека екстерниот тест по математика бил тежок. Одговорот беше дека тестовите се направени по истиот концепт како и лани и дека ништо не е вклучено во задачите, а што не е вклучено во јавно објавената испитна програма. Јас, како матурант кој полагаше математика, се согласувам со овие изјави и потврдувам дека испитот беше согласен со програмата. Но, овој испит, за разлика од испитите од минатата година, имаше зголемен број на задачи (53 задачи; плус 13 нови задачи), а притоа временскиот рок за нивно решавање остана ист (180 минути). Временската рамка која ни беше овозможена беше очигледно недоволна, а тоа го согледав од лично искуство и споредувајќи со искуствата на останатите матуранти. Секако, имаше време да се даде одговор на сите прашања, но за да се успее во тоа, потребно беше да се брза при решавањето. Решавањето на математички проблеми и вршењето на аритметички пресметки на рака ако се прави набрзина, тогаш постои голема веројатност за правење на грешки. Нема да бидам изненаден ако тестовите кои ќе ги прегледувате бидат исполнети со такви грешки. Затоа ве замолувам: 1) Да бидете потолерантни кон сите грешки коишто настанале при решавањето, а се од тривијална природа; 2) Да го зголемите времето за решавање, ако не за нас - за доброто на идните генерации; 3) Внимателно да ги конструирате праговите за оценување, земајќи ја предвид ограниченоста која ја имавме со брзањето. Со ова последново е поврзано и уште едно прашање: како може да се споредува конкуретноста на двајца кандидати чии резултати потекнуваат од испити од различни природи (и различно ниво на тежина, секако; пример - англиски јазик и математика) при уписот на еден ист факултет? Особено кога едниот тест беше надвор од очекувањата, затоа што временското ограничување се претвори во фактор?
Со почит, загрижен матурант