- Член од
- 25 декември 2008
- Мислења
- 1.879
- Поени од реакции
- 1.092
Деновиве министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски повторно ги актуализира обновата и реконструкцијата на железничката пруга Битола - Лерин. Реконструкцијата на железничката пруга би почнала во првата половина на наредната година, а би се извршила со средства од ИПА-фондовите
Железничката пруга одамна е обрасната со трева
По речиси две и пол децении
Постарите битолчани добро се сеќаваат, а младите само слушале за деновите кога нивните татковци и дедовци, пред речиси три децении, секојдневно со воз патуваа на шопинг до Лерин, Грција. Оттогаш, цели две и пол децении, возот од Битола никогаш повторно не ја премина границата со Грција. Поради застојот на железничкиот сообраќај со соседна Грција, железничката пруга одамна е обрасната со трева, па на некои места на оваа делница не може ни да се види дека има пруга.
Во изминатите неколку години реконструкцијата на железничката пруга Битола - Лерин речиси редовно била актуализирана во изборните кампањи, но, за жал, се останувало само на ветување.
Деновиве министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски повторно ги актуализира обновата и реконструкцијата на железничката пруга Битола - Лерин. Според зборовите на министерот Јанакиески, реконструкцијата на железничката пруга би почнала во првата половина на наредната година, а би се извршила со средства од ИПА-фондовите.
- Очекуваме до крајот на годинава да биде распишан повик за избор на градежна компанија, а во првата половина на наредната година да се склучи договор со компанијата што ќе почне со реконструкција на пругата Битола - Кременица - рече министерот Јанакиески, притоа додавајќи дека во проектната документација, по барање на општината Битола, е ставен и крак за индустриската зона Жабени.
Овој крак, кој од Кременица ќе води до индустриската зона Жабени, ќе се гради со средства на локалната самоуправа. На тој начин фабриките што ќе се градат во зоната ќе можат на најбрз и најевтин начин да стигнат до солунското пристаниште.
Според министерот Јанакиески, најпрво треба да се направат главните проекти, кои ќе ја дефинираат точната проектирана сума пари потребна за реконструкција на пругата, а во зависност од тоа колкави понуди ќе дадат градежните компании ќе биде позната и комплетната вредност на пругата.
Упатените во железничкиот сообраќај велат дека реконструкцијата на пругата би чинела најмногу до 12 милиони евра, средства што би се обезбедиле од ИПА-фондовите.
Инаку, железничката пруга Битола - Лерин, на грчката страна е целосно реконструирана и модернизирана, но во битолскиот дел е целосно руинирана и обрасната со трева. Со изградбата на индустриската зона Жабени повторно е актуализирано нејзиното реконструирање, но, за жал, поради недостиг од средства сите обиди за нејзина изградба беа одложувани за подобри времиња.
Нема сомневање дека со реконструкцијата на железничката пруга Битола - Лерин во голема мера ќе заживее комуникацијата помеѓу Република Македонија и Грција. Пругата е од огромно значење за стопанствениците од двете страни, а особено за македонските, бидејќи во голема мера ќе го поевтини транспортот на стоките до солунското пристаниште.
- Кога го почнавме проектот за изградба на индустриската зона Жабени како првостепена задача ги поставивме реконструкцијата и обновата на железничката пруга Битола - Лерин, бидејќи познато е дека железничкиот сообраќај е најевтин и најбрз транспорт за пристигнување до солунското пристаниште. Сега мислам дека се создадени најдобри услови овој наш сон да се оствари и конечно и по две и пол децении да се обнови железничкиот сообраќај со соседна Грција - нагласува градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Тој е убеден дека со средствата на ИПА-фондовите конечно ќе биде реконструирана и осовременета железничката пруга со соседна Грција.
Оваа пруга, освен за стопанствениците, особено е важна за обичните граѓани. Таа ќе биде добредојдена пред сѐ за битолчани, кои поради скапиот бензин не можат да си дозволат таков луксуз почесто да патуваат во Грција, а и обратно. Сега и на Грците шопингот во Битола со приватни автомобили им е доста скап.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=61812845275&id=10&prilog=0&setIzdanie=22607
Искрено, сакам да успее идејава. Се молам да биде така, и да не заврши како пругата со Бугарија. За поздравување е и кракот што би се направил до индустриската зона Жабени. Се надевам ќе го видиме крајот на проектов во брзо време.