Кирил со најдобар настап во историјата на Beer Fest
Кирил Џајковски ја дополни листата на успешни настапи со двочасовната свирка на белградското Ушќе. На шестиот пиво-фест во главниот град на Србија Кирил настапи на третата вечер. Според телевизијата Метрополис, настапот на Кирил е најуспешниот и најквалитетен настап во историјата на Beer Fest.
Белградскиот пиво-фест кој се одржа од 20. до 24. август на специјално адаптираниот простор во областа Ушќе, анимираше близу милион луѓе од Србија, но и од поширокиот регион. Мегаломанската манифестација беше беспрекорно организирана, бесплатна и со најразлични забавни понуди. Близу 50 брендови од пивската индустрија се претставија со разни понуди, кампањи и секакви анимирачки решенија. Посетителите се забавуваа на различни начини, а главниот погон, секако беше музичката програма.
Во четирите дена можеа да се чујат различни артисти, групи, диџеи... Неколку трибјут бендови се претставија на стоилјадната публика. Учество земаа и групите: Филм, Тајм и Дадо Топиќ, Дарквуд Даб, КУД Идијоти, Атомско склониште и многу други.
Како дел од најатрактивната програма на спектакуларната фестивалска бина се појави и Кирил Џајковски со својата веќе уиграна формација. Над сто и педесет илјади кренати раце го пречека нашиот најизвезуван артист сезонава. Кирил вети дека повторно ќе се сретне со загреаната белградска публика и им се заблагодари за одличната атмосфера.
Ова е 8-ми настап на Кирил за помалку од 5 месеци. Најпосетениот концерт на Кирил сезонава само го потврдува статусот на алхемичарот на македонскиот бит и беспрекорната продукциска изведба. Следува фестивалот Стари дани во Врање, а потоа Загреб, каде што Кирил ќе ги најави Kaiser Chiefs.
Ова е уште еден доказ дека Кирил е најдоброто нешто што го дала Македонија после Тоше.