Не верувам дека г-ѓицата би го прочитала и особено сфатила ова, ама нека е...
Фрлал дрво наместо копје, учел од „Јутуб“ и на крај стигнал до финале на ЛОИ
11 авг 2012 14:21
Од 44 кенијски спортисти на 30-те Летни Олимписки игри, 43 се натпреваруваат во тркачките дисциплини, а само еден Џулиус Јего – фрла копје. И тој успеа да се избори за финале, иако неговата приказна е многу поинаква од сите спортисти во оваа дисциплина.
Јего се заљубил во фрлањето копје како 16-годишно момче гледајќи ги игрите во Атина. Потекнува од племето Нанди или наречени „луди тркачи“, затоа што од тоа племе потекнуваат славните Кипчонге Кеино, двоен олимписки првак од 1968-72, па Бернард Лагат, Вилсон Кипкетер, Памеле Џелимо, Вилфред Буги…
Јего решил сам да се испроба во нова дисциплина, па фрлал дрво. Тренирал со обично дрво, се додека во школо не му го дале вистинското копје, единствено кое постоело во училиштето. Во 2005 година, копјето се скршило, а со тоа и надежите на Јего да продолжи да тренира. Ненадејно, учителот, кој го увидел талентот, купил ново професионално копје, кое е двојно поскапо од просечната плата и му го подарил. Со тоа му го сменил животот на Јего.
Кениецот вежбал сам, без тренер, и иако самоук, успеал да стигне до националниот јуниорски рекорд на Кенија. Учел на популарната мрежа „Јутуб“, гледајќи ги Јан Железни, тројниот олимписки првак и светски рекордер. Ги гледал снимките и на двојниот шампион Андреас Торкилдсен
„Морав да гледам снимки, да видам што прават, Тие ми беа идоли“, вели Јего.
Неговиот рекорд не останал незабележан. Го приметила – полицијата. Му обезбедила работа, понормални услови за тренинг и време потребно за вежбање. Откако ги импресионирал и челниците на Меѓународната атлетска федерација (ИААФ), добил шестмесечна стипендија за да тренира во Шведска со елитни тренери.
Малку по малку, полицискиот службеник Јего, стигнал до сонот, во 2011 година на африканското првенство стигнал до златниот медал во фрлање копје. Станал првиот Кениец со континентална круна, а потоа ја исполнил и Б-нормата за ЛОИ. Приказната стигнала до еден од неговите идоли, Норвежанецот Торкилдсен, кој решил да го земе „под свое“ и да го тренира. Јего ги мина квалификациите и сега ќе фрла во финалето, вечерва од 20.20 часот. Беше петопласиран со 81,81 метар.
„Кога Кеино освојуваше олимписки злата, целиот кенијски нарор сонуваше да трча како него. Јас само сакам да покажам дека можеме да бидеме добри и на некои други полиња. Еве јас можам, ние можеме“, рекол Јего