Јадеме најздрава храна во светот, а и пошироко!
))
Рестораните користат канцерогено масло, пекарите работат во ѓубре, многу објекти во кои се подготвува храна немаат санитарни книшки, еден куп производи хемиски и микробиолошки се неисправни, а во Македонија се јаде најздрава храна на светот! Вака некако изгледа извештајот што еден месец пред изборите го изреферираа инспекциските служби во Министерството за здравство, за да им покажат на граѓаните колку многу работат и колку многу се грижат за нивното здравје. Се фалеа со големи бројки и со долги табели, со сложени анализи и извештаи. Се пофалија дека затвориле повеќе од 200 објекти и издале трипати повеќе прекршочни пријави. Заклучокот од нивната макотрпна работа беше дека јадеме безбедна храна и пиеме уште побезбедна вода. На здравје.
Тоа што (според ситните букви во нивните извештаи) водата во 830 бунари и водоводи е хемиски и бактериолошки неисправна, тоа што условите каде што се произведува и се продава храна во повеќе од 200 објекти се под основните хигиенски стандарди, за инспекторите не е никаков аларм. Тоа е толку незначајна работа што нема потреба ниту да се објават имињата на рестораните што користеле канцерогено масло, на безалкохолните пијалаци што биле радиоактивни, на печурките што биле микробиолошки неисправни... Не се важни ниту имињата на средствата за перење и за чистење што паднале на сите тестови за исправност во лабораториите на инспекторатот. Луѓето немало потреба да ги знаат имињата на сите овие производи и објекти. Доволно е да знаат дека инспекторите им напишале прекршочни пријави, а судовите ќе одлучат за казните, кога предметите ќе дојдат на ред за разгледување.
Во меѓувреме, останува да се надеваме дека труења нема да има. Впрочем, како што кажаа инспекторите, лани имало само четири големи случи, а годинава не забележале ниту едно. Ако не послужи среќата, можеби оваа состојба ќе се задржи додека да се решат судските случаи по сите поднесени пријави. А за ракот од препрженото масло не треба да се грижиме ич. Рестораните налеале тазе масло и добиле дозвола од Министерството повторно да ги стартуваат фритезите. Во меѓувреме, да ги упатиме газдите на затворените ресторани да поитаат таму каде што треба и да си авансираат некоја казничка, за да немаат главоболки со прекршочни пријави. И онака имињата никој не им ги знае. Граѓаните не се битни во оваа приказна. Па, преживеале, а тоа не е малку.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=743&ArticleID=48182