Владата усвои мерки поради високите температури - од утре скратено работно време!!!
Владата на синоќа одржаната седница по препорака на Координативното тело и Центарот за управување со кризи усвои одредени мерки за намалување на штетните ефекти врз здравјето на граѓаните на Република Македонија во следните неколку денови, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Имер Селмани.
Со мерките се предвидува од утре да се воведе скратено работно време од шест часа во услови на континуирана висока температура до следната одлука на Владата, во здравствените установи каде што се згрижени лица од вулнерабилните групи да се одржува температура под 26 степени Целзиусови, а доколку тоа не е можно во сите простории, за вулнерабилната група да се обезбеди соодветен простор.
Покрај тоа, предвидено е вработените кои работат во затворени простории кои не се директно изложени на сончево зрачење, да работат од 7 до 13 часот, а вработените кои работат на отворен простор и се директно изложени на сончево зрачење да работат од 7 до 11 часот и од 18 до 20 часот, додека бремените жени да бидат ослободени од работа за време на високите температури.
Министерот за здравство Имер Селмани истакна дека мерките за државната и јавната администрација се задолжителни, а за бизнис и за граѓанскиот сектор се препораки.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи до следната недела се предвидува не само температурата, туку и топлотниот индекс дека ќе изнесува над 41 степен Целзиусов.
- Тоа е доволен податок, според сите светски стандарди, ние како држава да преземеме одредени мерки за да се спречат негативните појави врз здравјето на граѓаните, како што се топлотните грчеви, црвенило на кожата, топлотната исцрпеност, топлотниот удар итн., посочи министерот Селмани.
Владата заклучи дека во зависност од тоа колку работни часа ќе бидат неработни, односно за колку ќе се скрати работното време во наредните денови, до крајот на годината истите работни часови ќе бидат дополнително одработени во саботите во зависност од спецификата на секоја администрација.
Во врска со тоа дали ќе има инспекции во приватниот сектор ако не се почитуваат мерките, министерот Селмани истакна дека со посебни закони материјата за просторните услови и амбиентот е уреден и во таа насока Трудовата инспекција врши увид за условите во кои работат вработените. Секое работење спротивно на условите пропишани со закон е недозволиво.
Тој додаде дека сите единици на Брза помош, јавните здравствени установи се известени дека максимално од кадровски и од технички аспект треба да бидат подготвени и да се снабдуваат со лекови.
- Снабдувањето со лекови и соодветна опрема е обврска и задача на секоја здравствена установа и во таа насока тие се задолжуваат да обезбедат и соодветни простории до 26 степени. Фондот за здравствено осигурување комуницира со сите јавни установи пред се за обезбедување клима уреди и во еден дел од болниците веќе се обезбедени, додека таму каде што нема, интензивно се комуницира со директорите да се најде начин да се инсталираат, додаде министерот Селмани.
Кризната состојба што ја прогласи Владата, како што информира портпаролот на Владата Ивица Боцевски, ќе трае во наредните 14 дена со можност за нејзино продолжување.
За таа цел, се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи со кој ќе раководи директорот на Центарот Панде Лазаревски. Во составот на Главниот штаб се и Горанчо Петрушевски од МВР, Жарко Шутиновски од Министерството за здравство, Лидија Ивановска од Министерството за транспорт и врски, Киро Атанасов од Министерството за одбрана, Маја Поповска од Итната медицинска помош, претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, потполковник Горан Милошовски од АРМ, Јорданчо Атанасов од Агенцијата за разузнавање, Валентина Номачева од Дирекцијата за безбедност за позиционирање на информации и Саит Саити од Црвениот крст.
- Проблемот што граѓаните го имаат со високите температури и пожарите со кои се сретнуваме не се ексклузивно присутни само на територијата на Република Македонија. Тоа е нешто кое како кошмар го доживуваат и сите соседни земји. Деновиве ќе имаме екстремно високи температури, а веќе некое време наназад, како и во деновите што следат, најверојатно ќе се соочуваме со шумски пожари. Тоа беше причината зошто беше применет Законот за управување со кризи и согласно законските одредби се пристапи кон прогласување кризна состојба на целата територија на земјата, истакна Лазаревски.
Според него, формирањето на Главниот штаб треба да се сфати како израз на подготвеност и насоченост на Владата да ги стави работите под контрола, да ги координира сите расположиви ресурси и проблемот со кој се соочува земјата да го доведе во подносливи рамки, со цел да се елиминира.
Тој најави дека сите институции на национално и на локално ниво ќе бидат координирани и оти проблемот на недостиг на луѓе или на материјално-технички средства сега ќе биде надминат.
- Она што е битно е тоа дека се активирани сите субјекти, остварена е координација, дефинирани се лицата кои ќе учествуваат во таквата координација. До утре треба веќе да биде готов акциониот план за превентивно дејствување. Исто така, формирана е верификациона група која до утре ќе излезе со конкретни заклучоци во поглед на мерките и чекорите за справување со пожари, а тоа значи од мобилизација на сили, користење на материјално-техничките средства, користење на финансиските средства и обезбедување дополнителна помош, рече Лазаревски.
Моментално Македонија располага со пет воздухоплови за гаснење пожар од кои три авиони и два хеликоптери што, како што рече Лазаревски, во моментов се доволни. Тој притоа не ја исклучи можноста доколку е потребно да биде побарана помош од соседните земји.
Директорот на Центарот за управување со кризи информира дека веќе се во тек предупредувањата што граѓаните не треба да прават за да не предизвикаат пожари и оти оние кои не се придржуваат до овие правила ќе бидат соодветно казнети.
- Ние ќе инстистираме тие лица како знаат и умеат да ги покријат штетите што се направени при пожарот, како и трошоците кои се направени при гаснењето на пожарот, додаде Лазаревски.
Најголем дел од пожарите, според МВР, се подметнати и затоа во Акциониот план кој се подготвува предвидено е перманентно патролирање на полицијата и шумската полиција од копно и воздух, како и посебни мерки за режимот на присуство во шумите.
Според податоците на Главниот штаб, во јуни опожарена е површина од околу 3,5 илјади хектари, додека од 1 до 17 јули околу 1.700 хектари, кога се регистрирани околу 217 пожари.
Во врска со прашањето дали ќе има доволно вода, Лазаревски рече дека за основните потреби на граѓаните ќе има доволно, но потенцира дека таа треба рационално да се користи.
Републичкиот завод за здравствена заштита препорача за време на топлите денови да се избегнуваат какви било напорни активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, особено во најжешкиот период на денот, да се носи светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и капа, да се внесува помала количина храна, а посебно помалку масна храна, и да се внесува голема количина течности, почнувајќи од обичната вода за пиење до минерализирани безалкохолни пијалоци.
Заводот информира дека во веток на ваквите екстремно топли денови, децата, старите лица, хроничните болни и бремените жени треба да останат повеќе во затворени простории, пред се климатизирани, а неопходните работи да се завршуваат до 10 часот наутро или попладне по 17 часот.
Според Републичкиот завод за здравствена заштита, граѓаните треба да одбегнуваат алкохолни пијалоци, пијалоци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалоци или консумирање поголема количина шеќер. При неопходен престој на отворен простор во овој период, се препорачуваат почести одмори под сенка и да се избегнува директен престој на сонце.
- Посебно дисциплинирани по однос на овие препораки треба да бидат хроничните болни, посебно оние со болести на срцевосадовиот систем, невролошките и белодробните болести. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен доктор, истакнуваат од Републичкиот завод за здравствена заштита.
Во просториите каде се престојува треба да се затворат прозорите и да се затемнат во текот на денот, а проветрување да се врши во текот на ноќта кога ќе се намалат надворешните температури.
По можност, пожелни се и чести освежувања во текот на денот со туширање и миење. Во здравствените установи каде што се згрижени лица од вулнерабилните групи да се одржува температурата под 26 степени Целзиусови, а доколку тоа не е можно да се обезбеди соодветен простор (ладна зона).