Што им подарувавме на девојките кога бевме вљубени

  • Креатор на темата Креатор на темата Shellshock nam67
  • Време на започнување Време на започнување
S

Shellshock nam67

Гостин
Што им подарувавме на девојките кога бевме вљубени
3AA1CFE49E1A044EB8C30883DF40318D.jpg

Пишува Данило Коцевски
- Во Скопје никогаш не се славеше Свети Валентин, но тоа не значи дена не бевме вљубени. Љубовта си е љубов, а кога си вљубен, секогаш имаш повод за подарок. Што им купувавме тогаш на девојките кога бевме вљубени?

Историјата на давањето подароци е историја на нашата интима, но и историја на градот истовремено. Какви продавници имаше во Скопје, што можеше да се купи во нив, каков беше изборот на подароците условен од времето на шеесеттите години?

Девојките нe тераа нас, завршените средношколци и штотуку запишани бруцоши, да ги гледаме филмовите со Елвис Присли во скопските кина. Иако веќе на големо владееше хипи-движењето и друг вид музика, Елвис сe уште добро котираше. За да ги разгалиме и за да ги шармираме, првите подароци за нив беа токму неговите плочи. Во тоа време, тешко се доаѓаше до плочите на "Битлси", но бевме вистински фраери кога ќе ги обезбедевме за подарок оние од Џенис Џоплин, Џими Хендрикс или од групата "Дорс" и Џим Морисон.

Но палеа и Италијанките, особено Рита Павоне, а и двата англиски симбола беа особено во мода: еруптивниот Том Џонс и нежниот лиричен Инглберт Хампердинг. Ако ни требаше некој совет или информација за она што е најново во музиката, по некаква коинциденција, секогаш прв при рака ни беше Мице (Михаил Бошковски): како млади новинари, постојано дежуравме во печатницата на "Нова Македонија", а токму таму беше вработен тој. Во населбата Пролет (верувале или не, зградата сe уште постои, и за неа ќе напишеме нешто во наредните броеви на "Вест") одевме на свирка и на поклонение кај легендите "Бис-Без".

Денешната улица Македонија, тогашна Маршал Тито, имаше свои привлечност и убавина. Особено со убавите модерни продавници и изборот на подароци во нив. Незаобиколни беа двете продавници на "Кармин": едната на аголот, на пресекот со улицата Димитрија Чуповски, и втората кон Старата железничка станица, на пресекот со денешната улица Даме Груев. Особено во оваа втората продавница "Кармин", имаше голем избор на женски очила за сонце, тогаш со огромни стакла, кои денес повторно се враќаат во мода. Навистина беше шик, кон крајот на шеесеттите, да $ подарите такви очила на девојката.
Една од најмодерните и најпривлечни продавници на Маршал Тито во шеесеттите години беше "Југопластика". Таа се наоѓаше кај денешните главни семафори, на самиот агол, сега тука е продавницата на "Сваровски". Во "Југопластика" немаше што нема: првите модерни шушкавец-мантили, блескаво жолтите женски пелерини за дожд, проѕирните пластични, но и гумени чизми во разни бои, популарниот крем "нивеа", костимите за капење. Страста да се има првиот шушкавец беше толку голема, што се граничеше со завист. Не ретко се случуваше да го оставите мантилот-шушкавец во гардероба, а потоа да го најдете расечен со жилет.

На улицата Македонија некогаш најпопуларни беа: продавницата за штофови "Громби", книжарницата "Култура", продавницата за чоколади на "Европа", продавниците за чевли "Коштана" и "Пеко", продавницата "Бата". Во близина на улицата Македонија, кај "Кармин", се наоѓаше Музичкиот магазин што го држеше книгоиздателството "Кочо Рацин", а кај киното "Култура" имаше цвеќарница. Се разбира, прв и незаобиколен подарок секогаш е цвеќето. На скопскиот кеј, каде што денес се наредени само кафулиња, некогаш имаше продавници. Таму се наоѓаше и богато снабдената продавница на "Искра", каде што за подарок ги купувавме малите посакувани фенови "гирми". Во шеесеттите години, особено популарна беше Стоковната куќа на Плоштадот, отворена пред скопскиот земјотрес. Таму можеа да се најдат најразлични, шармантни подароци, и неа најмногу ја користевме за свечени пригоди, сe до седумдесеттите години, кога беше отворен ГТЦ.

Книгата е посебен подарок, бидејќи во неа можете да напишете и љубовна посвета. Отворена или скриена порака. Посветата ќе остане како сведок на едно време и на еден романтичен занес. Покрај популарните светски писатели, девојките за подарок особено ги посакуваа книгите напишани според популарните телевизиски серии, главно американски: "Долго топло лето" или "Гратчето Пејтон". Пред да го предадевме подарокот, обично се чекавме пред "Фотоцентар", пред "Пелистер", "Кооператива", "Шехерезада" или пред "Ванила", онаа што најпрвин се наоѓаше на улицата Никола Вапцаров, во близината на денешен "Тренд".

Свети Валентин е празник на љубовта и на вљубените. Тој е вечен, како што е вечен и љубовниот занес. Без оглед на времето и на годините, без оглед дали станува збор за вљубените од шеесеттите години или за денешните вљубени, без оглед на некогашниот и на сегашниот град, сите нив ги поврзува онаа иста, неповторлива, магична нишка на љубовта.

Вест
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom