Одговори на современи проблеми

Статус
Затворена за нови мислења.
Член од
27 јули 2011
Мислења
633
Поени од реакции
241
Локација
Erusalim
отварам посебна тема која постојано ќе ја надградувам со нови религиозни објасувања за современите проблеми околу нас.
За дарот на болестите
Hristos.sobolniot.jpg
За дарот на болестите
Често пати кога ќе не снајде болест или страдање роптаме на Бога, велејќи дека тоа не е праведно, или се прашуваме зошто ако Бог е љубов нам ни се случува да се разболиме или да страдаме.
Но драги мои многумина од вас сфатиле, а многумина можеби и не дека болестите од љубовта Божја произлегуваат. Но можеби и ќе се најде некој меѓу вас што ќе рече, овој поп зборува неповрзано каква врска има љубовта со страдањето и зошто ако некого го љубиш да му причинуваш страдање?
Можеби затоа што љубовта Божја не е сентиметална, туку спасителна, домостроителна. Таа има само една и единствена цел а, таа цел не е како на човекот во овој свет да му биде животот поугоден, туку како човекот да го достигне вечното спасение со други зборови како да се обожи. Страдањето води кон воскресение, Христос Бог страдаше но и воскресна по три дена, мачениците страдаа но со небесен венец се овенчаа. На еден од најголемите подвижници на минатиот век старец Пајсиј, кога му кажале дека боледува од рак тој се радувал на болеста, дури и не примал лекарства сметајќи ја самата болест за лек, бидејќи верувал дека преку страдањето ќе се очисти од гревовите.
Но како болестите делуваат спасително? Преку тоа што не смируваат и ни покажуваат дека сме мали и немоќни, преку тоа што не потсетуваат дека нашиот живот е минлив, бидејќи потенцијалниот крај на секоја болест покрај оздравувањето е и смртта, затоа секоја болест е поттик за покајание. Преку болката, зошто сме свесни дека болката е последица на гревот, или лек преку кој се каеме. И на уште многу други начини болестите не спасуваат, кој нам не ни се познати но на Бога му се познати.
На крај зошто одлучив да напишам нешто на оваа тема? Затоа што бев 15 дена во болница, од сериозно воспаление на белите дробови, поради кое два дена бев на кислород, поради намален капацитет на дишење предизвикан од воспалението. Јас научив некои работи од мојата болест.
Научив дека никогаш не треба да бидеме амбициозни и да велиме ова или она ќе направиме, зошто сами ништо не може да направиме. Научив дека може да оздравиме само ако Бог сака инаку сите лекарства на овој свет не ни помагаат ако Бог не сака. Научив помалку да се грижам за материјалните нешта, зошто кога ќе се разболеш стануваат малку битни, туку грижата да му ја препуштам на Бога. Научив дека секој ден треба да се живее радосно како да е последен, и во секој ден да се љубат Бог и ближните до самозаборав, и уште многу друго научив...
Презвитер Александар
 
Ако прочиташ што се случувало понатаму, ќе видиш дека од господа му било слепилото на човекот. Поточно, госпот го направил човекот слеп за да може курташак да си игра со него. Исус му плукнал во фаца и човекот прогледал. Алелуја!

Бебињата кои се раѓаат со деформитети/болести? Господ им ги пратил за да сфатат дека грешат? Како грешат кога се безгрешни односно немаат свои лични гревови? Имаат само еден наследен грев - првиот грев на Адам и Ева но тој е наследен и поништен(опростен) од страна на Исус Христос.

Самиот акт во кој Господ ''би праќал болести за да не тргне од грешан пат'' се коси со слободната волја - Господ е совршен, он не може да биде контрадикторен.
Актот се коси и со неговата апсолутна добрина и љубов.

 
Старица Гаврилија- Отворено писмо до едно денешно мало девојче, на С.Б.
gavrilija2.jpg
Старица Гаврилија
Лерос, 10 февруари 1992г.
…Кога ќе го читаш ова писмо, јас ќе имам веќе заминато од овој свет, а ти пак, ќе бидеш цела девојка. Сега веќе не си мало дете и токму затоа веројатно ќе те интересираат овие неколку мисли околу многу важната тема на љубовта – љубовта која еден ден ќе те поврзе со некое младо момче.
Ќе дојде момент кога ќе го почувствуваш своето срце како бие, како што велиме, малку посилно за тоа момче. Во времето во кое живееш, работите се малку или многу променети. Сега младите се во брзање што повеќе да го живеат животот, да стекнат колку е можно повеќе искуства, колку е можно побрзо… Но секоја работа треба да биде во свое време. Во своето благословено време.
Внимавај, моја С., многу момчиња ќе ти пристапат во името на љубовта. Тоа е нормално зашто љубовта е првата убава работа во нашиот живот. Таа е како цвет што се отвора на сонце едно пролетно утро и не знае уште добро што му се случува и се збунува… Знаеш, еден ден кога ќе ни кажат дека нè љубат тоа ни годи. Но, тоа не е секогаш љубов. Денес веројатно нè сакаат, но тоа што го сакаат денес, утре може да го остават зашто виделе нешто друго што им се допаднало и што го сакаат за да ја задоволат својата желба. И кога утре–задутре ќе отидеме кон Светата Тајна Божја, Бракот, и ќе облечеме убави облеки однадвор и ќе се накитиме, а однатре носиме едно тело истуткано, нечисто, тогаш Бог не го благословува тој Брак.
Кога едно момче ќе те засака вистински, тогаш ја сака твојата душа и ти неговата. И тогаш немате потреба од ништо друго, зашто чувствувате светост во тоа пријателство и познанство и секој ден едниот открива ризници во душата на другиот.
Еден Брак, едно такво соединување, не само што се благословува, туку нема ниту развод, ниту абортуси, ниту нешто спротивно на Божјата Заповед. Еден таков Брак донесува на свет благословени деца како што си ти. Зашто и твоите родители го запазиле свет својот Брак.
Знаеш моја С., Бракот далеку од Бога и од Божествената Причест е далеку и од добродетелта. Има прељуби, неверства, многу опасности и грда атмосфера. Од еден таков Брак децата одат по лоши патишта – во насилство, во наркотици, во лоши друштва и пријателства.
Додека не дојде оној момент кога ќе бидеш сигурна за љубовта што ќе ја чувствуваш и ти и избраникот на твоето срце, внимавај. Не брзај! Зашто постојат многу што бараат само едно парче месо, бидејќи веројатно и самите немаат ништо повеќе да ти дадат.
Радувај се моја С.. Да бидеш секогаш на патот Божји, каде и како што Он сака да бидеш. Секогаш со љубов за родителите што те донесоа во живот, но и за сите и за сè. Да бидеш секогаш нивното благословено дете.
(Од книгата „Аскетизмот на љубовта“ )
Извор: Ортодоксија ортопраксија
 
Митрополит Антониј (БЛУМ) - Пастирот до креветот на болниот – 2 дел
Пастирот до креветот на болниот – 2 дел
18.04.2012.
Митрополит Антониј (БЛУМ)

Отец Сергиј: Потребно е огромно трпение и големо смирение!
Митрополит Антониј: Гледаш ли, во мене нема ниту трпение, ниту смирение, но има некаква способност да дискутирам. Мислам, дека доколку свештеникот успее да биде чесен и да каже: не можам да направам ништо друго освен да дојдам, да седнам до тебе и да чекам што ќе се случи – и тоа ќе биде од полза. Нема ништо подеструктивно за душевната состојба на човекот од тоа, свештеникот да дојде, да седне и да започне да си гледа во часовникот. Може да брзате, може и да ви се наложи да отидете уште некаде, но оној, со кого седите, треба да чувствува, дека преку целото време, коешто ќе го поминете со него, вие мислите само и целосно на него. Треба да се научиме да го гледаме човекот и да го чуваме. Преку целото време да ги восприемаме не само зборовите, но исто и изразот на очите, на лицето, на гласот. Ние можеби ќе чуеме многу охрабрувачки зборови, произнесени со страв во гласот. Треба да сме во состојба да одговориме на стравот или на неискажаното прашање, скриено зад зборовите, а не само на произнесените зборови. Во зависност од тоа, какви се нашите односи со одреден човек, може да постапуваме различно. Ако сте добри пријатели, може да кажете: „Немој, биди искрен, немој да се преправаш. Да зборуваме искрено: ти се плашиш: што е?“ Ако не сте доволно блиски или ако односите не се длабоки, треба да најдете начин да го натерате човек да разбере, дека сте запознаени со неговата состојба, без да го повредите. Треба да имаме храброст и тактика коишто ќе му дозволат на болниот да зборува за своите стравови, затоа што една од најтешките работи за него е да лежи така, затворен во својата самотија, којашто се должи на тоа, што не се решава да се искаже. Мнозина, откако мислат дека се на смртната постела, се плашат да постават прашање, бидејќи се плашат од одговорот. Првата посета кај болниот може да се претвори во почеток на правни односи.
Еден друг момент во односите со болниот (но тој го засега не дотолку свештеникот, колку што целата околина на човекот, и е многу широк) – тоа е навиката да се посетуваат болните. За болниот тие посети може да бидат вистинско благодејание, но може да станат и суштинска бедност. Знам, дека Евангелието нè учи, оти е добродетелно да се посетуваат болните. Но знам исто дека и евангелските совети и заповеди треба да се применуваат со многу расудување, раководејќи се од љубовта. Често би можеле да ја изразиме љубовта, којашто ја вложуваме во нашите посети на болниот, многу подобро, кога ќе го оставиме болниот на спокојство. Ми се случувало да се разболам и за да не станам жртва на милосрдноста на пријателите, сум закачувал на вратата белешка, од којашто мнозина се засегнуваа. Таа гласеше: Случај од животот на свети Арсениј Велики. На една позната дама, која успеала да стигне од Константинопол до пустината, за да го посети, ì рекол: Еве ти заповед и не заборавај, дека си ветила никогаш да не ја нарушиш: ако чуеш, дека Арсениј е на некое место, веднаш бегај на друго...
Освен тоа што љубовта понекогаш ни треба за да нè сопира да ги посетиме оние, коишто прекрасно и успешно би можеле да се опорават и без нашите заморни, истоштувачки визии, често посетителот би можел да соработува за болниот да се поправи, помагајќи му да се сосредоточи, смислено и без остаток да вложи сили во неговиот живот – неговото постоење, да не се уништува. Самите знаете како некои разговори можат да го уништат човекот, како што нè истоштуваат некои посетители. Ете, на што си мислам дека треба да се научат младите и постарите свештеници, ете на што треба да се учат лекарите, сестрите, роднините: една од работите што можат да ја уништат посетата на болен – тоа е празнословието, пустословието, затоа што човекот често го користи тоа како параван, со кој ќе се заштити од неопходноста да биде сериозен, да ја покаже својата загриженост, да биде праведен и вистински. Непрестајното празнословие отвора огромни можности во тој однос, за пациентот сè повеќе да се оддалечи од реалноста, сè потешко му е да се справи со животот, со болеста, со сопственото оздравување.
Отец Сергеј: Свештеникот доаѓа кај непознат и целосно неподготвен човек. Треба да го подготви да ја пречека смртта. Како да постапи? Да речеме, дека човекот бил крстен, но само формално, или можеби бил крстен сосема наскоро, т.е., во црковна смисла „имаме право“ да пристапиме, но нему му недостасува внатрешна подготовка. Како да се дејствува во таков случај?
Митрополит Антониј: Сметам, дека свештеникот не треба да се нафрла врз болниот како некој мршојадец со мислата: „Сега ќе се зафатам со него и ќе го направам тоа и тоа“. Најпрво помеѓу свештеникот и болниот треба да се востановат нормални човечки односи. А тоа може да се случи, доколку свештеникот е подготвен да поседи, да го распраша болниот за неговиот живот, да раскаже за себе, и на тој начин, раскажувајќи за својот живот и искуство, за настаните што се случиле со него, да спомне нешто во врска со темата, нешто со коешто ќе му помогне. Неколку пати, додека сум бил со луѓе што умираат, сум им раскажувал како умираше мојата мајка, затоа што тоа сеќавање ми е толку скапоцено, што слушајќи ме, никој не би ни помислил, дека му раскажувам приказни, за да му помогнам. И откако сум го споделил со човекот тоа, коешто сум го преживеал, сум давал можност да преживее нешто непознато за него до тој момент, да разбере, да осети, дека за тие работи може да се зборува. Честопати тешко болните или оние коишто знаат, дека смртта демне над нив, се плашат да зборуваат за тоа, како да се плашат, дека ако проговорат гласно за смртта ќе ја повикаат.
Се сеќавам кога отидов да ја посетам една многу исплашена болна. Таа се спротиставуваше на секој мој обид да воспоставам едноставни, непосредни односи. Тогаш постапив на следниов начин, и реков: „Колку е убаво што не сте сериозно болна и нема опасност да умрете...“ и кога зазборевме, започнав да ì раскажувам како почина мојата мајка. Жената, кај којашто бев, беше болна од рак, исто како и мајка ми. Долго зборувавме за тоа, коешто го преживеавме со мајка ми и најпосле таа праша: „Што мислите, дали би можела да ја дочекам својата смрт, така како и Вашата мајка?“ И во тој момент можевме да разговараме за неа, а не веќе за мојата мајка.
Еден од многуте важни моменти е дали болниот треба да биде предупредуван за приближувањето на смртта? Како прво, треба да му го каже многу близок човек, а не некоја од медицинските сестри, од докторите или некое друго службено лице. Второ, оној што ќе му каже, не треба да си замине веднаш. Најлесно е да кажеш и да избегаш. Бев на конгрес, на којшто се дискутираше ова прашање од лекари, милосрдни сестри и студенти – медицинари. Една постара сестра раскажуваше како правела таа во такви случаи. Таа приближно го кажа следново: Јас одам кај болниот и му соопштувам, дека не може да се очекува друг излез освен фатален. Тој ме погледнува со ужас и јас брзам да му кажам, (како што таа се изрази, „за да ја растоварам ситуацијата“): „Сега ќе Ви направам еден убав топол чај и ќе си позборуваме“, - и заминувам... А оној, на когошто му го задале страшниот удар, - затоа што ретко некој ја чека смртта, како што ја чекал св. ап. Павле, како што ја чекаат светителите, - тој се соочува со својата смртна пресуда, додека милосрдната сестра се занимава со подготвувањето на чајот, за да се врати дури кога работите малку се смириле. Никој не смее да постапува така! Во таков случај како што веќе кажав, е добро да поседиш со човекот, и да си тргнеш дури кога ќе осетиш како длабоко внатре во човекот нешто се опуштило. Кога тагата веќе станала заедничка, кога љубовта веќе победила, кога веќе ја има надежта за некаков рок, којшто сè уште е на располагање – ете тогаш можеш да си тргнеш. Но кон тоа ќе треба да се вратиме повторно.
Така човек може да му помогне на другиот. Се разбира, не секогаш се случува прво така. Најпрво, треба да можеме да го кажеме, второ, треба да можеме да останеме, трето, треба човекот комушто ќе му кажеме, да биде подготвен за она што ќе му зборуваме. Не секому можеш да му ја испукаш во лице смртната пресуда. Откако ќе го знаеш тоа, понекогаш ќе се наложи, без да се служиш со лаги, постепено да го подготвиш човекот за тоа, дека неговата физичка смрт наближува, но – „може ли да умрат и нашите односи?“ Во Стариот Завет е кажано: Љубовта е силна како смртта; а со Новиот Завет ние можеме да кажеме: љубовта е посилна од секаква смрт... И дури откако ќе биде подготвен, може да му се соопшти на болниот, дека смртта навистина доаѓа.
Често се случува болниот одамна самиот да се досети или преку телото да почувствува, дека смртта наближува, а во исто време неговите блиски да го лажат: „Колку добро изгледаш денес!“ или: „Денес гласот ти е сосема подруг!“ итн., а штом ќе излезат од собата – плачат. Болниот многу добро чувствува сè, бидејќи нашиот глас е сосема различен, кога ја кажуваме вистината и кога свесно лажеме. Во лага како таа, се чувствува преувеличувањето, во радоста се чувствува некаква посебна напнатост, и човекот разбира дека сето тоа е чиста лага.
Ете зошто кога некој ти вели: „Чувствувам дека умирам“, може да му одговориш: „Знаеш ли, сите сме во Божјите раце. Не, сега не умираш, но можно е смртта да е близу...“ Или да кажеш нешто слично, во зависност со кого разговараш. Но ми се чини, дека е од големо значење да не направиш така, човекот да се затвори во апсолутна очајност на својата самотија. Доколку ситуацијата преку целото време му укажува на болниот, дека животот е пред него, дека го очекуваат десетици години, а самиот тој чувствува како неговиот живот си оди од него, како крвта истекува од раната – тогаш неговиот извик нема да стигне до другиот, затоа што другиот не сака да го чуе. И тогаш тој ќе биде како да е жив соѕидан. Болниот ќе биде како соѕидан во затвореничка ќелија, ќе нема каде да се заврти, му останува само да се сконцентрира на смртта којашто ќе настапи и во сè маченичко лошо или несовршено, коешто останало во минатото.
Свештеникот ја има својата улога. Не е задолжително, дури би рекол, дека е подобро тој да не му ја соопшти смртта, којашто треба да настапи (освен доколку болниот не му е близок пријател, но тогаш сè е сосема различно). Тогаш болниот во свештеникот може да ја види само неговата професија, само човекот, којшто е дојден да ја изврши својата задача. За смртта треба да му соопшти само неговиот најблизок човек, не овој или оној, а имено најблискиот. Може да е пријател, да е сопругата, неговиот брат, син, ќерка – без разлика, само да е најблизок и да е таков, којшто ќе остане, којшто ќе биде преку целото време до болниот.
Се сеќавам за еден ужасен случај. Умираше мој близок; не ми соопштија ниту дека е болен, ниту дека умира. Ме повикаа дури кога тој не беше во свест: „Отец Антониј, можеш ли да го причестиш Миша?“ – „Не, не можам да го причестам; тој веќе не може ниту да голта. Зошто не ме повикавте порано?!“ – „Ни беше страв. Нели сфаќаш, со тоа црно расо“... А ние со него бевме пријатели дванаесет години, тој ме имаше видено со црното расо и не се плашеше... Така човекот си замина, затоа што го „сожалуваа“. Самиот тој, се разбира, одамна знаел дека умира, затоа што тоа не е моментална состојба.
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom