До:
Г-дин Никола Груевски, Премиер на Република Македонија; Г-дин Ѓорѓе Иванов, Претседател на Република Македонија; Владата на Република Македонија; Собранието на Република Македонија; Политичките партии во Република Македонија; Јавните гласила во Република Македонија;
Македонскиот народ ПРИФАЌАЈЌИ ДЕКА ние македонските иселеници раселени ширум светот сме нераскинлив и составен дел од македонското национално ткиво, и животно сме заинтересирани за сите збиднување во нашата татковина Република Македонија, вклучително наметнатиот и измислен спор околу името на Република Македонија;
СВЕСНИ ДЕКА поробените Македонци во соседството немаат можност слободно да го искажат своето мнение во однос на горливите проблеми кои го назадуваат македонскиот народ во Република Македонија и ширум светот, додека “слободните” Македонци во Република Македонија се под постојан притисок да прифаќаат решенија кои водат кон нивно обезличување до конечно исчезнување;
СПОРЕД ТОА, ние македонските иселеници, како најслободни Македонци во светот, ја прифативме следнава
во однос на наметнатиот спор од Република Грција за името на Република Македонија и македонскиот народ:
ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА името Македонија го имаме наследено од нашите предци, и кои со своите животи го бранеле;
ПРИФАЌАЈЌИ ДЕКА НИЕ, денешните Македонци немаме никаков проблем со нашето национално име Македонија, неизмерно го сакаме и со него се гордееме;
СВЕСНИ ДЕКА СМЕ одговорни пред идните поколенија Македонци да им го пренесеме името Македонија непроменето;
ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА името Република Македонија е нераскинливо поврзано со името на македонскиот народ, идентитет и јазик;
ПРИФАЌАЈЌИ ДЕКА уставната одредница “Република” е единствено прифатлива додавка (како продолжение на претходните државни одредници: Федеративна, Народна или Социјалистичка);
СВЕСНИ ДЕКА со измислениот таканаречен “спор за името” Грција има цел да не оттргне од вистината, а тоа е поробувањето на јужниот дел од Македонија и геноцидот кој сеуште го спроведува врз нашите сестри и браќа Македонци кои живеат на своите огништа;
СВЕСНИ ДЕКА конечната цел на Грција со “спорот за името” е да исчезнеме како посебен македонски народ со сите свои обележја;
ГОРДИ НА решителноста и истрајноста на власта на Република Македонија да го зачува уставното име Република Македонија, како и националната свест на огромното мнозинство Македонци кои ја искажуваат безрезервната поддршка кон таквата национална политика;
ПОРАДИ ТОА ШТО самото преговарање за името на македонската држава и народ е омаловажување и срам за македонскиот народ;
ИМАЈЌИ ГИ ПРЕДВИД членовите 2 и 4 од Повелбата на ООН;
ПОТСЕТУВАЈЌИ НА Резолуцијата 113/II на Генералното собрание на ОН од 1947 година, со којашто се бара мислење од Меѓународниот суд за правда за законитоста на условите за прием на државата во ОН кои не се изрично содржани во член 4 од Повелбата на ОН;
ПОВИКУВАЈЌИ СЕ НА Резолуцијата 197/III на Генералното собрание на ОН од 1948 година, според којашто се прифаќа Советодавното мислење од Меѓународниот суд за правда од 28 мај 1948 година "Услови за прием на државата во ОН";
ПОТСЕТУВАЈЌИ ДЕКА според Советодавното мислење од Меѓународниот суд за правда од 28 мај 1948 година "Услови за прием на државата во ОН" при приемот на држава во ОН не смее да се поставуваат услови што не се содржани изрично во член 4, став 1 од Повелбата на ОН, ниту смее да се гласа за такви услови, ако истите не се посебно дадени во член 4, став 1 во Повелбата на ОН;
АПЕЛИРАМЕ ДО Претседателот на Република Македонија, до Претседателот на Собранието на Република Македонија и до Претседателот на Владата на Република Македонија да ги превземат сите неопходни мерки за да се започне постапката за преиспитување на законитоста на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации од 1993 година, со којашто Република Македонија е примена во полноправно членство во ОН, во делот којшто се однесува на привремената референца и обврската за преговори со друга држава за сопственото уставно име;
ПОНАТАМУ АПЕЛИРАМЕ ДО сите политички партии од позиција и опозиција, интелектуалци, новинари и сите поединци од влијание, наместо ширење црни сценарија дека Македонија нема друг излез во наметнатиов спор освен компромис, т.е. менување на името според фашисоидните барања на Република Грција или пропаст на државата, да ја поддржат и охрабрат Владата и македонскиот народ да истрајат во борбата за зачувување на македонското државно и национално име Македонија без додавки и придавки;
ОДГОВОРНО ТВРДИМЕ дека во спротивно, сите што размислуваат или ќе дозволат промена на државното име Република Македонија го погазуваат Уставот на државата и за секогаш ќе ги сметаме за велепредавници;
ПОНАТАМУ, ја охрабруваме Владата паралелно додека бара прием во НАТО и ЕУ, да бара прием во сите други регионални и глобални организации и здруженија како Неврзаните, како и соработка со секоја држава која е спремна на соработка без диктат;
СВЕСНИ ДЕКА Македонците кои живеат во татковината Република Македонија ги сносат најповеќе последиците од секое решение но и одговорноста за истото, ние иселениците секогаш бевме, сме и ќе бидеме со Вас;
ЗАТОА ОДГОВОРНО ВЕТУВАМЕ дека ние ќе лобираме и понатаму во интерес на Република Македонија и македонскиот народ во своите средини, за што едноставно бараме соодветна соработка од владините служби за да можеме институционално и усогласено да си ја вршиме својата должност како бесплатни амбасадори на својот народ и држава.
Торонто, 25-ти ноември, 2009
Во името на Македонците во Канада,
Организација Обединети Македонци во Канада