Македонцки
мадрфакр
- Член од
- 23 ноември 2007
- Мислења
- 4.281
- Поени од реакции
- 635

Македонците во Србија се соочени со голем предизвик - избор на вториот мандат на Националниот совет на македонското малцинство. Тоа е државна институција, еден вид влада што ја има секое национално малцинство кај северниот сосед, со јавни овластувања и самоуправа во областа на информирањето, образованието и културата на заедницата, како и во службената употреба на јазикот и на писмото. За жал, Македонците не успеаја да се запишат во доволен број во посебниот избирачки список за на непосреден начин да си изберат национален совет, па сега треба тоа да го направат преку електори, со многу потешка и посложена процедура, која, ако биде неуспешна, ќе значи и губење на поголемиот дел малцински права во наредниве четири години. За овој предизвик и за други аспекти на животот на Македонците во Србија зборува Борче Величковски, претседател на извршниот одбор на Националниот совет, односно втор човек на нашинците во таа земја.
Колку Македонци има во Србија?
- Според пописот во 2002 година, има 25.874, но тоа не се совпаѓа со бројката од 1991 година, кога како Македонци се изјасниле 47.118 граѓани. Политичката ситуација си го направи своето, бидејќи во 1991 година од конститутивен народ станавме малцинство, а некои политичари нé нарекуваа „Срби со говорна маана“. Многумина беа претпазливи, па се ставаа во категории како „Југословени“ или „други“. Очекуваме на следниот попис во 2011 година многу повеќе Македонци слободно да ја изразат својата национална припадност, бидејќи сега состојбата е подобрена. Се создадоа услови во 2004 година да оформиме и свој национален совет, а претходно бевме слабо организирани. Процена на ОБСЕ е дека нé има околу 200 илјади, но ние би се задоволиле и ако опстанеме на сегашните бројки, бидејќи тие беа во опаѓање. Она што е сигурно е дека нé има во 164 од 167-те општини во Србија.

Што направи Националниот совет досега?
- Тој е формална државна институција финансирана од Република Србија. Успеавме во изминативе пет години да направиме многу, па ќе наведам само некои работи што се направени првпат. Основавме издавачка куќа и издаваме месечници за политика, за деца и за култура, издејствувавме да има емисии на македонски јазик и на електронските медиуми, издаваме и книги, влеговме во Статутот на Војводина како Македонци, а не како „други малцинства“, направивме Сојуз на македонски организации како невладин граѓански сектор, кој има 26 организации на регионални нивоа, го воведовме македонскиот јазик како службен во неколку места, а работиме да се воведе македонскиот јазик во училиштата, каде што има значителна концентрација на Македонци, имаме културно-уметничко друштво „Тоше Проески“. Така, од една мала непрепознатлива група станавме мошне препознатливо и ценето малцинство во Србија и сé што правиме е за да се засилат националните чувства на Македонците и тие да се што поцврсто поврзани меѓусебе.
Што значи електорскиот начин на неговиот избор?
- Тоа значи дека ќе мораме да ја истуркаме работата по потешкиот пат. Да регистрираме барем 45 електори, законски минимум според нашата бројност, сите тие да добијат по 100 потписи заверени во суд најдоцна до 6 мај и да учествуваат на Собранието на 6 јуни. Досега регистриравме триесетина. Ако се запишеа над 10.340 Македонци во посебниот избирачки список, ќе имавме непосредни избори и сé ќе беше полесно. Но списокот сé уште е отворен и ако го исполниме овој цензус, ќе имаме право на директен избор следниот пат.
Што ако не се избере нов национален совет?
- Тогаш нема да можат да функционираат ниту институциите што се под него, како издавачката куќа, сојузот на асоцијациите и слично. Би настанал четиригодишен мораториум во остварувањето на нашите национални права. Би можеле да се организираме само на неформално ниво, што е многу послабо во однос на другите малцинства. Би било особено неповолно за младите, затоа што со нив треба најмногу да работиме, да им ги развиваме националните чувства, како најподложни на природната асимилација.
Каква ви е соработката со Република Македонија?
- За жал, Македонија не ни помогна кога ни беше најпотребно, за изборниот процес. Сите други малцинства што имаат матични држави добија помош. Ние се обративме до претседателот Ѓорге Иванов, оттаму нé препратија во Министерството за надворешни работи, каде што нашиот претседател седум дена чекаше средба со министерот Антонио Милошоски и не дочека. Ни дадоа проектна документација, да направиме некаков проект и да бараме нивно учество, што е сепак несериозно сфаќање на ситуацијата и затоа бевме разочарани. Особено што, и покрај сé, направивме проект и бевме одбиени поради доцнење. Не знам како не ја увидоа сериозноста на ова прашање. Имаме одлична соработка на многу други полиња, со многу институции и организации, со Министерството за образование, сме ги пречекале претседателите Иванов и Црвенковски и премиерот Груевски, но изостана најважната поддршка.
Генерално, како живеат Македонците во Србија и дали се вклучени во раководењето на државните институции или на големите компании?
- Познати сме како големи домаќини и многу сме почитувани како едни од најлојалните граѓани на Србија, нешто што го истакнале дури и претседателот Борис Тадиќ и премиерот Мирко Цветковиќ. Особено ги цениме нивните мислења, но не се откажуваме од нашите национални чувства. Претставници во власта немаме, но има стопанственици, доктори, професори, речиси нема област во која нема понекој истакнат Македонец. Има и пратеник во парламентот на Војводина, но тој не е избран како претставник и застапник на Македонците, туку општо како граѓанин, иако ни помага.
Како признавањето на Косово од Македонија влијаеше врз вашите односи со мнозинската заедница? Дали, на пример, некој Србин се искарал со својот сосед-Македонец?
- Луѓето овде знаат дека сме лојални на Србија и дека косовското прашање не зависи од нас, па со тоа се амортизираа негативните чувства. Не сме забележале ниту најситни инциденти, а камоли поголеми. Како Национален совет имаме јасен став дека сме аполитички, но внимателно ги следиме потезите на двете држави.
Како влијае нерешеното црковно прашање меѓу МПЦ и СПЦ?
- Исто како и со Косово, гледаме да избегнуваме прашања што не зависат од нас. Сепак, учествувавме во подготвувањето на извештајот за малцинските права во Србија и укажавме на една реална состојба, а тоа е дека немаме можности да вршиме верски обреди според правилата на Македонската православна црква. Колку се тие исти или различни од оние на Српската не е важно. Не се правиме глувонеми за прашањето, но оставаме да си го решат црквите.
Иако Македонците организирано се населувале во Србија во 1946 и во 1947 година, сé уште понекој доаѓа да живее, пред сé во Белград, поради брак или вработување. Колку новодојденците се заинтересирани за организираниот живот на Македонците?
- Ние сме многу пријатно изненадени што кај нив постои голем интерес и се многу активни за да ни помогнат. Штета што голем број од нив сé уште не добиле српско државјанство и не можеме да ги вклучиме како кадар во Националниот совет, бидејќи се високообразовани и одлично ги зборуваат двата јазика.
Србија ни го признава 16-кракото сонце како национален симбол
Како свој симбол го користите старото знаме на Република Македонија?
- Тоа е наш национален симбол признаен од парламентот и од Владата на Србија. Услов за националните малцинства е нивните симболи да не се поклопуваат со тие на матичните држави. Признаени ни се и празниците, Илинден, 8 Септември и 26 Декември, денот кога го оформивме Националниот совет.