Приватните универзитети законски се обврзани на својот печат да го имаат грбот на РМ, а ЕСРА има печат само на трговско друштво.
Од документите до кои дојде А1, се гледа дека на ЕСРА за да израсне во Универзитет, државните институции повеќе пати и прогледувале низ прсти.
„Претходно тие беа акредитирани како Висока стручна школа. Пред издавањето на решението на Одборот за акредитација, основачот требаше да постапи по забелешките на експертската комисија. Забелешките се однесуваа на усогласувањето на студиските планови според Европскиот кредит трансфер систем, урамнотежување на оптеретувањето на студентите по сите три студентски години, односно растеретување на првата студиска година на сите факултети“, изјави Емилија Ставридис, раководител на Одделението за утврдување на дејноста во високото образование.
„Понатаму, следи издавањето на решение за отпочнување со работа од страна на Министерството, потпишано од министерот за образование“, додаде Ставридис.
Француската школа за филм дојде во Македонија минатата година. Со низа нејаснотии и отстапки од законот, ЕСРА работеше како Висока школа за аудиовизуелна реализација една година, а во јуни годинава прерасна во Универзитет.
Државниот просветен инспекторат во јули минатата година и укажал на ЕСРА дека не ги исполнува условите за вршење високообразовна дејност и најавила повторна инспекција за следниот месец. Но, наместо инспекција, Рушити на ЕСРА и дал привремена дозвола за работа, занемарувајќи го извештајот на просветниот инспекторат.
Во октомври инспекторите повторно излегле на терен и увиделе дека ЕСРА вршела упис на студенти за учебната 2007/2008 година, без претходно добиена дозвола. Но, наместо некој да одговара, академијата поминала само со указ за непочитување на законот.
Истиот месец, министерот Сулејман Рушити ја најави Европската филмска академија како прв конкретен проект кој е заложба на Владата и на Министерството за образование за привлекување на странски институции.