Љубовта и сексуалноста, сакале-нејќеле, не се изучува во школо како предмет. Уште повеќе, меѓучовечката сексуална комуникација се смета како табу, т.е. нешто на што не треба да му се обрнува јавно внимание, туку дека тоа е приватна работа на две индивидуи. Проблемот во сето тоа е што за тоа се збори, па автоматски тоа не станува работа само на тие две индивидуи, туку оние од страна едвај чекаат материјал за озборување, па таа работа веќе станува јавна, т.е. поширока отколку само меѓу двете индивидуи.
Штом е така, долго време се сметало дека ако некој со некого се „онади“, тоа е нешто „лошо“ или „неморално“ или слично и се наведувало само како негативен пример, т.е. што *не* треба да се прави. *Но* - се зборело за тоа.
Со текот на времето се сфатило дека како и да е ќе се зборува за љубовта и сексот, па луѓето сфатиле дека всушност со самото тоа што ги кудат останатите што си имаат секс, тие го губат времето на нив, т.е. *се интересираат* за нив. Поточно, се интересираат за сексуалниот дел, со цел дека можеби нешто ќе научат од тоа. Да бидеме реални - има периоди во животот на секого кога единствениот секс што го добива е оној што го гледа на екранот или ќе го прочита со испишани зборови или слики (секоја чест на исклучоците).
Затоа, давање на совети е всушност позитивен и охрабрувачки начин на пренесување на сексуалните искуства. Со други зборови, наместо да се вели „Види го ова! Вака не се прави!“ или „Јас вака направив, а ти не можеш! Нананананана!“, се вели „Ако вака направиш, многу е веројатно дека ќе ти успее“ или барем „Јас вака направив и ми успеа. Обиди се и ти, ако сметаш дека треба и со среќа“. Со трети зборови, наместо човек да оди во црква на инквизицијата за да дознае колку е грешен што имал секс или колку е блажен и подобен за да биде изманипулиран ако немал, денес може да се информира и распраша околу некој аспект на неговата сексуалност кој смета дека не му одговара, со надеж дека ќе добие позитивен одговор. Со четврти зборови, човек денес има избор да се распрашува и да добие помош во истражувањето на својата сексуалност, наместо само ќотек и потсмев.
Така, тие совети ги читаат само оние што ги бараат. Останатите, кои немаат проблеми со сексуалноста, многу е веројатно дека нема да трошат време на нив, но по секако сметам дека нив треба да ги има и никој не би смеел да им се потсмева и ги омаловажува, зашто реални проблеми се поврзани со тоа и на таквите луѓе, кои страдаат од таквите проблеми (а тука се околу 100% од тинејџерите и адолесцентите) треба да им се помогне, како и секому кому му треба помош.