При пишување на текстот ќе користам и делови од една блогерска статија, бидејќи скоро истото и јас сакам да го кажам . Зборот “атеобудист” од неодамна се одомаќини во некои скопски кругови како пејоративен опис на секуларните, претерано вестернизирани, либерално- или левичарски настроени млади луѓе од средна и “upper-middle” класа кои културно гравитираат околу радиото Канал 103, лаунџ барот Менада, клубот Ла Кања како и неколку други култни локации во старата чаршија. Во горенаведените локали истите настапуваат со своите бендови, прават изложби, проекции на документарци од разни позадини и општествени агенди . На се повеќе луѓе што ги сретнувам секојдневно атеобудистите им стануваат одбивни, пред се затоа што се големи подржувачи на западот и западњаци кои што уништија и деградираа се што претставува вредност и нормални меѓучовечки односи, а наметнаа капитал, моќ и доминација на овие простори. Атеобудистите, хипстерите, МОФ-овците, геј подржувачите, атео-вегетарјанците ни ги наметнуваат увезените западноевропски вредности како нешто модерно и напредно, а при тоа забораваат дека и западните нации на чии вредности тие се огледуваат имаат злосторства како холокаустот, фрлањето на атомските бомби, геноцидот во Африка за време на колонијалното ропство, систематското истребување и пикањето во разервати на индијанците и тн.
Мене лично што највеќе ме иритира и нервира кај атеобудистите е тоа што сакаат да се наметнат како влијателна класа која ќе биде носител на опшествените промени во државава, а при тоа наместо да се занимаваат со реалните проблеми како невработеноста, скапотијата на животот,се полошите работни услови, растечката нееднаквостподдршка на сопствениот етникум во политичките судири со Албанците , тие својата опшествена активности и главна преокупација ја исполнуваат со тривијални политички каузи како правата на хомосексуалците, животните, либерализација на дрогите(дури и на оние тешките!? ), фоките на Гренланд, Дарфур и источна Шри Ланка, како и секогаш популарното ”зашто нема бољи журчиња пеери” итн.
Атеобудистот секогаш јавно настапува против македонскиот конзервативизам, национализам, плукаат по македонски празници и протестираат пред цркви, а додека пак молчат и се безгласни букви во однос на масакрот кај смилковското езеро, ширењето на вехабизмот и радикалниот ислам , градењето на џамии дивоградби на секој чекор и секојдневното претворање на оваа земја во палестина.
1. Од кога тоа секуларноста е лоша работа? Или по автоматизам, ако не си верник, не навиваш за Вардар, не се восхитуваш на генијалноста на светото тројство (Миленко, Мирка, Латас), не си Македонец.
2. Светогледот (либерал, левичар, анархист......) е индивидуална работа. Македонија не е Северна Кореја или можеби сум грешка

.
3. Старата Скопска чаршија одамна го изгубила култниот статус (ако воопшто некогаш го имала), а посочените локали немаат ни к од култ.
4. Сексуалната определба е личен избор на секој поединец. Проблемот е што според идеологијата на светото тројство посочено погоре, ако не си ПРОТИВ, автоматски си ЗА. Толку ли е тешко да се разбере дека постојат индивидуи кои не се оптоваруваат со туѓите лични определби.
5. Начинот на исхрана е исто така лична работа и не е поврзан ниту со Истокот ниту со Западот, а уште помалку е нешто модерно или напредно. Ако некој пости според Јулијанскиот календар тогаш тој е опшествено прифатен и нормален, но ако некој пости 365 дена во годината, по автоматизам тој е секташ.
6. На времето малите деца ги плашеа со Баба Рога, сега изгледа таа улога ја имаат Албанците. Во нормална држава сите државјани треба да ги имаат истите права и обврски и нема потреба да се поддржува или да се биде против одреден етникум.
7. Во нормална држава (а ние не живееме во таква) народот протестира против сиромаштија, против намалување на плати, зголемување на даноци, зголемување на работно време и слично. Дивоградбите и изградбата на било каков објект се во надлежност на државата и таа треба да ги решава, а не да се праќаат луѓе со сендвичи да бранат цркви, да рушат цркви, да рушат џамии, да бранат џамии.