Фенси, динамичен и скап шармер
Кога Toyota, во соработка со PSA групацијата, го лансираше претходниот модел на пазарот, во класата на мини автомобили немаше многу конкуренција, па така, успехот беше загарантиран. Денес, ситуацијата е многу различна и на новиот Aygo ќе му биде многу потешко, но малиот Јапонец има адути во ракавот, а тука особено мислиме на дизајнот, кој е и повеќе од привлечен!
Иако е достапен само еден мотор, истиот се чини најдобро прилега на карактеристиките на Aygo, а тоа е да биде економичен и доволно динамичен автомобил. Во град, бензинецот не се гуши при ниските вртежи и доколку се заврти до црвеното поле, знае добро да потегне напред, придружено дури и со убав, спортски звук. Притоа, троши околу 6,3 литри во град, односно 6,9 при поголеми гужви, додека на отворено троши околу 4,6 литри гориво, до 5,5 на автопат. Импресивно.
Низ град, новиот Aygo се снаоѓа одлично, а благодарение на најмалите димензии во сегментот. Тука помагаат и прецизното управување и одличниот менувач, како и најмалиот круг на свртување во класата. Навистина, паркирањето со него е песна. Згора на тоа, малиот Јапонец е и доволно удобен и динамичен по кривулестите патишта, односно, постигнат е одличен компромис меѓу возните својства и удобноста. Голем напредок кај новиот модел е постигнат во поглед на рафинираноста, па во кабината веќе ги нема вибрациите од моторот и патот, а и звучната изолација е на многу високо ниво.
Кабината, иако нуди доволно места за одлагање ситници и е генерално функционална, е меѓу најтесните во класата, особено на задната клупа. Багажникот брои 168 литри, што е подобрување во однос на претходникот, но повторно, е најмалку во рамките на класата. Зад воланот, пак, ергономијата е одлична и сите команди се на дофат на раката. Одлични се и седиштата, но прегледноста позади и преку задните стакла е многу слаба. Исто, вреди да се спомене дека задните стакла се отвораат само делумно, односно со лептир, дури и кај моделот со пет врати.
Ценовно, Aygo е меѓу најскапите модели во класата, но затоа има квалитетна и добро изработена кабина, која е светлосни години подобра од таа на претходниот модел и чувството во кабината е далеку поубаво. Згора на тоа, моторот, а и воопшто Toyota, се познати по својата доверливост и долговечност.
Сепак, и покрај тоа што се работи за автомобил кој лесно влегува под кожа, особено на возачот, Aygo е еден од најтесните модели во класата. Aygo би го препорачале на сите оние кои сакаат модерен градски автомобил, кој има (нај)висок квалитет на возење, извонредна рафинираност и е исклучително економичен. Тука мислиме на помладите купувачи, но и на оние кои веќе имаат поголем автомобил и бараат возило само за градските улици. Од друга страна, оние кои планираат прв автомобил и бараат тој да има повеќе простор и практичност, а нема да удри многу по џебот на купувачот, треба добро да ги погледнат конкурентите.
ПРЕДНОСТИ
• Економичен мотор
• Возни својства
• Високо ниво на удобност и рафинираност
• Одлична ергономија и удобни седишта
• Прецизен менувач
НЕДОСТАТОЦИ
• Потесна задна клупа и помал багажник (од конкурентите)
• Прегледност во задниот дел
• Висока цена