Коловрт
Озимандија
- Член од
- 12 април 2010
- Мислења
- 4.015
- Поени од реакции
- 9.165

Jethro Tull
Jethro Tull е британска музичка група, жанровски грубо сместена под капата прогресивен рок, која претставува уникатен феномен во историјата на популарна музика. Со оглед на тоа кој сѐ нема своја тема на подфорумот, мислам дека и Џетро Тал заслужуваат своја.
Ептен како за почеток, Џетро Тал не е името на хипикот во преден план на сликата подолу. Тоа е фронтменот Ian Anderson. Џетро Тал е името на цела група, не е соло изведувач. Многу се нервирам кога некој мисли така.

Формирани се негде во средината на шеесеттите како блуз-соул бенд. Настапувале под повеќе различни имиња, бидејќи биле толку бедни што никој не би им отишол на две свирки по ред. Тоа сѐ ќе се смени кога фронтменот Anderson, исфрустриран од фактот дека никогаш нема да биде гитарист добар колку Хендрикс и компанија, почнал да учи да свири флејта. Од ’67 се задржуваат на името Jethro Tull, по изумителот на механичката сејалка, колку и без врска да звучи, и брзо го привлекуваат вниманието на себе пред сѐ поради појавата на фронтменот „облечен како питач кој свири на флејта дури одржува рамнотежа на една нога“.

Првиот албум This Was го издаваат во ’68 во правец опишан како „прогресив блуз со троа џез“. Во основа се работи за истата музика што ја свиреле по лондонските локали. Во наредните два албума Stand Up (1969) и Benefit (1970) ќе се оформи препознатливиот звук на Џетро Тал, со вметнување повеќе џез, но пред сѐ народни елементи. Тука Андерсон се издвојува како песнописец и ќе стане мозокот на бендот. И тука ќе ја напише Hotel California без да знае, ама Eagles кои тогаш им биле предгрупа знаеле.
Најголемо внимание привлекуваат со Aqualung (1971) и препознатливиот риф на насловната песна. Во екот на прогресив рокот ова бил оценет како уште еден концептуален албум. За инат, групата следната година го издава Thick as a Brick, „мајката на сите концептуални албуми“, со непрекината музика во сите можни тактови и скали, надреални стихови напишани од измислено 12-годишно дете и весник како омот. Весник! Измислен, од измислен град со измислени вести на 24 страници напишани од членовите на бендот (тие галиба не се измислени).
Следните неколку години продолжуваат со слични концепти (Minstrel in the Gallery, Too Old to Rock 'n' Roll: Too Young to Die!...), но кон крајот на ’70-те постепено преминуваат повеќе кон фолкот (Heavy Horses, Stormwatch...). Експериметираат малку и со електрониката (’80-тите, нели...), но со се враќаат кон изворниот звук со Crest of a Knave (’87). За албумов ќе добијат и Греми, во категоријата Hard Rock/Metal изведувач во конкуренција на Metallica, AC/DC и Iggy Pop, што ќе дигне многу прашина. Но сепак, флејтата е heavy metal инструмент, нели?
