Па првото нешто што ми текна во моментов и што дефинитивно ми нацрта блага насмевка, е играњето карти со баба ми, која за жал почина пред да тргнам за прво одделение. Бидејќи живееше со нас, буквално целото време го посвети на мене. Постојано игравме карти, тонч ни беше врхунацот. Ме шеташе секаде, ме научи на многу нешта. Уште од мала знам да тегнам пита и да правам јуфки. Неколку пати знаевме да го утнеме автобусот и да одиме доста пешки. Мислам дека заедно ги поминувавме сите аптеки низ градов, бидејќи и' требаа лекови. Која кондиција ја имав тогаш...

А затоа што сестра ми како помала била понамќореста, кога она пишувала математика домашно, мене дома не смеело да ме има. А бубаче си бев.

Не дај Боже сестра ми да прави тест, јас треба на друга планета да се преселам за она на раат да си „учи“.
Па така баба ми била приморана секој ден да ме носи кај различни гости. Секој ден одевме до Центар, до парк, до ваму, до таму. Преубаво си поминував. Ми пушташе касети на видеото. Редовно навечер гледавме 2+1, 1+2, 2+2 (како и да се викаше емисијана со Драган Вучиќ).

Кога малку потпораснав, дознав дека на мојот роденден, требало на баба ми да и' вадат 6 месеци. И мене толку ми фалеше, се расплакав. Можеби 10тина години не го користам тој збор „бабо“ или „дедо“... Многу криво ми доаѓа на моменти кога другите зборат за нивните баби и дедовци. Како би сакала барем еден ден да поминам со нив.

Друг драг спомен, дефинитивно е другата баба. Аххх... секогаш кога одев кај неа, секогаш имаше прекрасни јадења. Секогаш чуваше нешто посебно за мене. Знаеше да ми чува и по 2-3 сладоледа, чоколатца...

А јас како храна во животецов мој да не сум видела. Најпрво и' шепнував на мајка ми како ми се јаде благичко и веднаш ја гледав баба ми како ми носи.
Не знам сега колку се задржав на темата... но, ми олесни.
