„ДНЕВНИK“ ОТKРИВА ШТО СОДРЖИ НОВОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА „МАKЕДОНСKА ПОШТА“
Со имотот на „Пошта“ и директорот лапна менаџерско осигурување
Со новото менаџерско осигурување директорот Рафиз Алити би добил голем дел од осигурените 360.000 денари ако му престане работниот однос, а експерти велат дека вакви договори имаат раководители со кои компанијата планира долгогодишна соработка
Со новиот договор за осигурување на имот на АД „Македонска пошта“, вреден 9 милиони денари, животот си го осигуриле и директорот Рафиз Алити и шестмина менаџери на оваа компанија за сума од речиси 30.000 евра, дознава „Дневник“. Станува збор за таканаречено менаџерско осигурување, според кое, ако им престане вработувањето во компанијата, менаџерите би ја добиле речиси целата осигурена сума како бонус.
Директорот Рафиз Алити, според нашите информации, е осигурен на 360.000 денари, а останатите шестмина менаџери на околу 240.000 денари, или севкупно на 1,8 милион денари. Во случај Алити да биде санкциониран поради големиот пожар во „Пошта“ и поради ненавременото осигурување на државниот имот, тој би си заминал со бонус бидејќи главнината од таа осигурена сума би требало да му се исплати лично нему.
Kонсултиравме експерти за осигурување со цел да дознаеме што всушност претставува менаџерското осигурување. Тие ни посочија дека станува збор за еден вид награда за високопозиционираните лица во една компанија за добро завршена работа или, пак, може да се сфати како гест на компанијата кон луѓето со кои планира долгогодишна соработка.
Она што е интересно е фактот дека лани вакво менаџерско осигурување немало во „Македонска пошта“. Сега е нејасно поради кои успеси Алити и останатите менаџери годинава би требало да добијат ваков менаџерски бонус.
„Македонска пошта“ завчера и официјално потврди дека на тендерот за осигурување победила „Kроација осигурување“, која ретроактивно ќе ја осигури државната компанија. Другите две компании што беа во игра за осигурување на имотот на „Пошта“ не поднеле жалби, со што буквално нема пречки да се потпише договорот со победникот.
Осигурителното друштво „Kроација“ сега би требало да плати за штетите од пожарот, но и за штетите од трите разбојништва што се случија во јануари и во текот на февруари, односно пред да се потпише договорот.
На интернет-страницата на „Kроација осигурување“ може да се прочитаат информации и за таканареченото менаџерско осигурување на животот.
„Потребно ви е ако организацијата што ја менаџирате директно зависи од вашето присуство на работното место. Најчест и најраспространет вид осигурување во развиените земји“, пишува на интернет-страницата на „Kроација осигурување“.
Побаравме одговор од оваа компанија во врска со осигурителната полиса за „Македонска пошта“, но до затворањето на весникот не добивме информација.
Агенцијата за супервизија ќе го чешла договорот
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) вчера ни рекоа дека допрва ќе го разгледуваат договорот меѓу „Македонска пошта“ и „Kроација осигурување“, со што би излегле со конкретни забелешки или со реакција ако има нешто спорно во овој случај.
Не сакаа да прејудицираат, но рекоа дека будно ја следат состојбата. И вчера од АСО останаа на тврдењето дека според Законот за облигационите односи, не смее да постои ретроактивно осигурување ако двете страни знаат дека веќе настанал осигурениот случај. Таков е сегашниот случај. Иако тендерот заврши во февруари, според договорот, би требало осигурувањето да важи од 1 јануари, односно пред да се случи пожарот или кое било од трите разбојништва. Законски таквиот договор би бил ништовен.
Александар Манасиев