Известување на фан пејџот на
Сајт на годината
Забавниот портал "Оф-нет" се закити со наградата најдобар македонски сајт во 2012 година на третиот избор на најквалитетни интернет-медиуми што се одржа денеска во Информативниот центар на Европската Унија во Скопје. Второто место во најзначајната категорија го освои "Факултети", додека на трето се пласира "Курир". Истакнувајќи ја важноста на информатичко-комуникациските технологии во светот во којшто живееме и честитајќи им на победниците, писмо со поддршка на манифестацијата испрати Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов.
- Демократскиот и технолошкиот напредок денес се суштински поврзани и меѓузависни процеси. Општествата кои сè повеќе се дигитализираат и се отвораат кон информатичко-комуникациските технологии, се во предност и токму тие ќе ги вкусат плодовите од овој процес. Ме радува фактот што Република Македонија во ниеден момент не заостанува зад светските трендови и иновации во сферата на веб-технологијата, и што македонските сајтови според квалитетот, дизајнот и функционалноста се вбројуваат меѓу најдобрите. Тоа го потврдува и острата конкуренција на веб-страни кои и годинава влегоа во потесен избор за признанието „Најдобар сајт на годината“ - истакна претседателот Иванов.
Освен "Оф-нет", првонаградени во засебните категории се: "Црно-бело" (дизајн), "Мотика" (забавен), "Курир" (информативен), "Суперспорт" (спортски), "Волксваген" (бизнис / корпоративен), "Грид" (иновативен), "Купи книга" (е-трговија), "Борка" (невладини организации), Универзитет "Св. Кирил и Методиј" (образование), "Кајгана" (мобилен), Катастар (владини / државни институции), "Креативен вомиториум" (блог). Изборот на најдобрите сајтови го отвори министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
- Министерството за информатичко општество и администрација токму на манифестацијата „Сајт на годината“ лани го објави проектот за поддршка на е-трговијата којшто веќе е во завршна фаза. По разгледувањето на најдобрите бизнис-планови беа поддржани повеќе вакви сајтови, неколку веќе се промовираа, а во следниот период ќе бидат претставени и останатите. Освен оваа активност, министерството изработи голем број интернет-страници на институции, а сè со цел граѓаните да бидат што подобро опслужени. Системот за е-даноци, како и тој за отворени податоци, се дел од најзначајните што ги пуштивме во употреба – рече првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија за е-трговијата во Македонија чиј дел беа Благица Андреева од Министерството за информатичко општество и администрација, Љупчо Антовски од kupikniga.mk, Александар Тасев од tc.mk, Владо Цветковски од "Халкбанк" и Савица Поп-Тонева од “Здружението за интерактивно огласување – ИАБ Македонија”. Веселин Ангелов, пак, претставник на компанијата "Гемиус" за Бугарија и Македонија, имаше презентација.
Во изборот на најдобри македонски сајтови годинава, за првпат, одлучуваше и поддршката од читателите, кои, всушност, самите ги селектираа петте номинирани во секоја од категориите. Конечната одлука се базираше на соодносот - 40 отсто гласови од публиката, 60 проценти од жири-комисијата. Освен претседателот, д-р Димитар Трајанов, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во неа членуваа и д-р Илијана Петровска, асистент професор и менаџер на маркетинг-одделот на универзитет "Американ колеџ Скопје", Демуш Бајрами, магистер по политички науки на Универзитет на Југоисточна Европа, Горан Костовски - ind.o.g., графички дизајнер и визуелен уметник, Биљана Пешевска од адвертајзинг-агенцијата "Меккен" и Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија и член на бордот на "Ултра компјутери".
Изборот "Сајт на годината" се одвива со цел да придонесе кон развојот на домашните веб-страници и да додели сертификати и признанија на луѓето кои работат во развојот на онлајн-медиумите во земјава. Организатори се "Медиа солушнс" и системот за онлајн-реклами keepaneye.mk. Манифестацијата годинава се одржува под покровителство на Словачката амбасада во Македонија и “Здружението за интерактивно огласување – ИАБ Македонија”.
-
На нивниот сајт имаше и категорија „Најдобар според публика“, а победникот во таа категорија не го најдов во текстот погоре... Пропуштам нешто, или?
