Постои едно народно предание од првата половина на XIV век, за време на владеењето на Цар Душан и деспотот Јован Оливер, според кое еден богат човек од с. Зрновци имал три ќерки: Мара, Вида и Трајанка. Ќерките ги омажил — Мара во Мородвис, Вида во Видовиште, а Трајанка во Теранци, па така, по нивните имиња, се претпоставува, наведените села ги добиле своите имиња. Таткото на тие девојки наредил на подножјето од планината Плачковица да се изгради канал за вода за наводнување, кој се протегал од с. Зрновци на исток до с. Теранци на запад. Каналот постои и ден денес.
Второто предание вели дека во минатото овој крај изобилувал со пасишта и зеленило и дека луѓето чувале многу овци ама сите имале по малку „едно зрно“ овци и така од таму доаѓа името Зрно-овци, Зрновци.
Третото предание е многу интересно и се однесува за почетокот на одгледување на ориз на овие простори. Имено пред околу пет века пред да дојдат турците на овие простори имало некој многу богат трговец од овој крај кој вршејќи трговија отишол дури во Кина. Таму тој видел како луѓето произведуваат ориз, го пробал и многу му се допаднал. Истиот сакал да го пренесе и одгледува во својот роден крај. Арно ама кинезите на границите многу строго забранувале пренесување на арпа ( нелупен ориз – семе). Се мислел нашиот трговец што да направи и најпосле смислил: купил едно јато гуски, им ги врзал гркланите за да не можат да голтаат и пред граница ги нахранил богато со арпа. Ја поминал границата и веднаш потоа ги заклал гуските ја собрал арпата и така ја донел во Кочанско и се отпочнало со производството на ориз кое продолжува и ден денеска.