L
.Lost Angel.
Гостин
Битолскиот градски парк лежи на бомби - предупредува историчарот професор доктор Александар Стерјовски. Неговите последни истражувања покажале дека по Првата светска војна на овој простор на отворено била складирана целата муниција од околината.
Голем дел од неексплодираните убиствени средства се уште се под земја, поради што Стерјовски предупредува дека на овој дел не смеат да се изведуваат копања и градежни работи, заради големиот ризик да дојде до експлозии.
„Постојат големи опасности. На најубавиот дел од Битола, градскиот парк, се наоѓа огромна складирана муниција по потекло од Првата светска војна. Се што можеше да се пронајде од полињата, од околните ридови, како артилериска и друга муниција, се беше складирано тука на отворен простор“, вели Стерјовски.
За да ја илустрира моќта на заостанатите бомби, Стерјовски раскажува дека муницијата која била складирана на просторот на сегашниот градски парк експлодирала на 18 април 1922 година, на трет ден Велигден. Експлозијата направила кратер од 200 метра, а биле уништени или оштетени над 400 објекти. Луѓето избегале од домовите, и немало жртви, но за да се спаси градот ова подрачје било поплавено со пренасочување на локалните реки. Сепак, бомбите се се уште тука, вели историчарот.
„Меѓутоа постојат големи опасности, не смее веќе да се чепка на овој простор. Гранатите се наоѓаат на длабочина од околу еден метар, метар и нешто. Да се гради не смее, без да се провери со детектори, затоа што последниците ќе бидат страшни. Сепак нашите граѓани не треба да се плашат. Ако газиме на гранати, тие се безбедни, заспани се. Но не смеат да се дразнат, да се гибаат, односно да се разбудат“-вели Стерјовски.
Тој потсетува дека во 2006 година при ископувања кај спортската сала се пронајдени 32 гранати. Затоа ги повикува граѓаните и надлежните институции да не преземаат градежни активности во овој дел од Битола.
