
Нови 300.000 таблет-компјутери планира да набави Министерството за образование и наука за наставата на учениците во земјава. Иако со првиот проект „Компјутер за секое дете“ Владата веќе потроши 60 милиони евра за набавка на компјутери, министерот за образование, Панче Кралев, смета дека повторно се потребни нови компјутери. За цената на илјадниците таблет-компјутери министерот допрва ќе размислувал.
„Не знам колку ќе не чини сето тоа, но ако се набавува големо количество, нормално дека цената ќе биде пониска“, вели министерот Кралев.
Од Министерството за образование за „Капитал“ велат дека засега предлогот е само идеја на министерот Кралев, која тој предлага да се реализира во 2015 година и с$ уште не се знае дали ќе биде прифатена во Владата.
СТАРИТЕ КОМПЈУТЕРИ СЕ ЗДРАВИ, АМА ТРЕБААТ И НОВИ?!
Со првата набавка на компјутери, Владата предвиде купување на 17.818 персонални компјутери, 98.710 LCD монитори, 98.710 тастатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Македонија. Од неколку училишта од општините низ земјава јавно се пожалија дека компјутерската опрема во нивното училиште не функционира и седи во подрумите.
Според законите за основно и средно образование, наставниците и професорите мораат 30% од наставата да ја изведуваат преку компјутери. Доколку оваа одредба не се почитува, наставниците и училиштето се соочуваат со казни од 1.000 до 3.000 евра.
Од Државниот просветен инспекторат за „Капитал“ велат дека само во едно училиште во Гостивар откриле штета на компјутерската опрема од 50.000 евра.
„Согласно со нашите надлежности, постојано вршиме надзор над примената на информатичко-комуникациската технологија во наставата. Поднесени се повеќе од 50 барања за прекршочна постапка до Основниот суд и повеќе од десетина кривични пријави до директори на училишта за несоодветна употреба на компјутерите“, велат оттаму.
Од Министерството за информатичко општество и администрација не одговараат зошто се потребни нови компјутери и што се случува со „старите“. „Целиот проект ’Компјутер за секое дете‘ е префрлен во Министерството за образование и тие се надлежни за проектот“, велат од ова Министерство.
„Капитал“ праша и во Министерството за образование и наука што се случи со претходно набавената компјутерска опрема, колку од оваа опрема е оштетена, а колку е ставена во употреба?
„Дури 98% од набавените компјутери се инсталирани и се во употреба. Само 2% се во области каде што има проблеми со електричната струја и треба да се реши прво тој проблем за и тие да се употребуваат“, вели портпаролот на Министерството за образование и наука, Горан Галевски.
Останува дилемата, доколку поголемиот дел од компјутерскате опрема која беше набавена со проектот „Компјутер за секое дете“ е здрава и е во функција, зошто Владата би набавувала нови 300.000 компјутери за учениците?
„ХАЈЕР“ ГИ КОМПЈУТЕРИЗИРАШЕ УЧИЛИШТАТА, КОЈ ЌЕ ГИ „ТАБЛЕТИЗИРА“?
Откако Владата донесе одлука за набавка на 100.000 компјутери кои беа дел од нејзината Програма за целосна компјутеризација на училиштата, на тендер како најповолна компанија за реализација на „Компјутер за секое дете“ беше избрана компанијата Хајер од Кина. Иако понудата на оваа компанија беше за осум милиони евра поголема од предвидените пари во буџетот за таа намена и изнесуваше 24 милиони евра, беше избрана за најповолна...
Целиот текст може да го прочитате во дневниот весник "КАПИТАЛ" од 04 јуни 2012 година (понеделник).
ИЗВОР