„Член на раководството”, ќе ти нафрлам само неколку работи за сега, а ти поврзувај си ги.
Готскиот историчар Јорданес од 6. век ти е познат, илустративно тој вака ги лоцира "Словените" (во наводници, затоа што тој не ги нарекува Словени или Славјани, туку Склавени.) Поточно Јорданес нашите предци ги нарекува Венети и ги дели на Склавени и Анти. (Терминот "Словени" се појавува многу подоцна, и тоа со голема сигурност после мисијата на Кирил и Методиј)
Значи пред појавување на терминот "Словени", употребувани се термините Склавени и Анти, а овие пак биле или пак и се нарекувале себеси?, Венети.
Илустрација на описот на Јорданес, каде се наоѓаат Венетите т.е. Словените.
Одиме наназад во времето.
Матична бригиска територија била балканската почва од каде во текот на бронзеното и, подоцна, железното време, бригиската популација во неколку бранови на преселби преминала главно на територијата на Мала Азија, каде формирала големо фригиско кралство кое паднало под притисокот на Кимеријците во почетокот на VII век пред н.е. На балканскиот простор бригиската популација била населена на неколку значајни пунктови, од Тракија преку Македонија до јужна Албанија, но според податоците што ни ги оставиле историчарите на антиката, дознаваме дека Бригите преминале дури и на Апенинскиот Полуостров и на Сицилија. (Paus. V, 25,6)
Лингвистичките, односно ономастичките паралели на италскиот со балканскиот и малоазискиот простор, го потврдуваат тоа. Археолошката наука, меѓутоа, миграциитe на Апенинскиот Полуостров досeга им ги припишувала на Илирите, иако елементите на матeријалната култура на бригискиот и италскиот простор покажуваат големи блискости.
Миграциите на италската почва се познати од порано. Голем број антички автори пишувале за тројански и ахајски повратници од Мала Азија во Европа и за преселбите по Тројанската војна. Иако за повеќето од нив се сметало дека се веродостојни историски настани, хронолошката оддалеченост ги поврзувала овие настани со митовите и легендите сврзани за Тројанците и Ахајцитe во потрага по нови прeбивалишта. Најпозната е легендата за Ајнeја и Тројанците. (делото на Вергилиј "Аjнеида" Р. V. Маго, Aeneis, 1-ХII).
Анализирајќи ги текстовите на трагичарите од V век пред н.е. приметно е изедначувањето на Фригијците и Тројанците, евидентно е и во случајот со Ајнеја, кој на некои вази од црно и црвенофигуралниот стил бил прикажан во фригиска облека, најчесто во сцени кои ги претставуваат борбите под Троја. (Срејовиќ - А. Цермановиќ, 1979, с.136)
Ајнеја е можеби најексплоатираниот јунак во преселбите по Тројанската војна, но на Јадранскиот брег констатирано е присуство и на други херои како што се Батон, Кадмо и Хармонија. Бидејќи нас овде не интересираат тројанските, односно фригиските јунаци, би ги навеле само легендите за патувањата на Тројанецот Антенор и Ахаецот Диомед, затоа што елементите на митот што се однесуваат на Антенор се испреплетуваат подоцна со култот на Диомед.
Тројанецот Антенор бил познат како мошне праведен и мудар човек кој му бил советник на Пријам. По уништувањето на Троја, тој, според едно предание, отишол во Кирена, а според лруго, во Тракија или Илирија, од каде што стигнал во северна Италија, каде што ја основал Патавија и станал предок на Венетите.
Легендата вели дека Антенор со мноштво пафлагонски Енети, кои биле протерани од Пафлагонија, а кои под Троја го изгубиле својот крал Пилемон, дошле на Јадран, помеѓу Алпите и морето и се нарекле Венети.(Strab. XII, 3,8; Hom. Il. II, 851-852)
Совпаѓањето на имињата Енети-Венети натерало голем број автори на истражувања, чии заклучоци покажале дека тоа е старо индоевропско име кое со миграциите од егејските преселби било разнесено на поширокиот медитерански простор. (R. Katičić, 1977, 14-20, види 177)
Има мислења дека постоеле и други Енети кои живееле северно од Македонија, во Илирија. (Herod. I, 96)
Не е познато со какво потекло биле овие балкански Енети, но нивното поврзување на релацијата Мала Азија-Балкан може да укаже на нивното бригиско/фригиско или мизиско потекло.
И територијата на Пафлагонија се наоѓала во близина на Фригија, а во подоцнежно време и во рамките на Голема Фригија. Бидејќи Енетите биле по потекло од Пафлагонија, сето тоа укажува на врските на ова племе со бригискиот супстрат.
Враќајќи се повторно кон легендата за Антенор, констатираме дека и во случајот на овој тројански јунак повторно се става знак на еднаквост помеѓу Тројанците и Фригијците. Еден подоцнежен автор од IV век од н.е. Клавдиј Клавдијан, го сметал Антенор за Тројанец, односно за Фригиец, и затоа реката на просторот каде што тој се населил ја нарекол Фригиски Тимав. (R. Katičić, 1988, 5-23)
Многу римски автори се бавеле со легендатата Антенор. Податоци за Антенор наоѓаме во делата на Плиниј, Непот и Овидиј. Кај Плиниј стои дека според Катон, Венетите потекнуваат од тројанската лоза. (Plin. Nat. Hist. 3,130)
Непот вели дека пафлагонскитe Енети биле тројански сојузници, коишто, доаѓајќи на Јадран, се нарекле Венети. (Nepos, Plin. Nat. Hist. 6,5)
Овидиј пишува дека "богот фригискиот старец го донел на Галските полиња", а тој фригиски старец бил Антенор. (Ovid. Ex ponto,4,16,17-18; Largus, Gallica qui Phrygium duxit in arva senem.)
За Енетите најмногу дознаваме од Страбон. Според него, Енетите биле големо пафлагонско племе кое по Тројанската војна стигнало на севернојадранскиот простор и ја основало Венетија. Затоа во Пафлагонија нема Енети, а тие коишто останале станале Кападокијци. Енетите од Пафлагонија биле познати по одгледувањето коњи и вкрстувањето на коњи со магариња. (Strab. XII, 3, 8)
Од Илијадата ни е познато дека и Фригијците биле познати одгледувачи на коњи, а дека кај Мизите биле познати маските кои се добивале со вкрстување на коњи со магариња. (Hom. Il. III, 181-190, Anakreont. Melon. A frg 20)
Од горе наведенето доаѓаме до поврзаноста на Бригите (фригите) со Венетите.
ПС.1 Доколку поврзувањето на Венетите со Словените од страна на Јорданес не го признаваш, т.е. не ти е доволен, тогаш погуглај ќе најдеш и други извори..а, , може и да се позанимаваш со авторот Матеја Бор и неговото дело ВЕНЕТИ.
ПС.2 Познато е дека античката македонска војска носела бригиски, т.е. фригиски капи.
ПС.3 Во Северна Африка е пронајден град основан од Александар Македонски каде што е пронајдено венетско писмо.
ПС. 4 Во Егејска Македонија притока на Бистрица е реката Венетика.
_____________________
Незнаењето, малодушноста, наивноста и космополитизмот се најголеми непријатели на секоја нација.