Милојко
Идем Куме Кући
- Член од
- 17 ноември 2008
- Мислења
- 3.072
- Поени од реакции
- 554

Обновата на црквата „Свети Никола“ во селото Врбовац во источно Косово чинела 25.000 евра, а најзаслужен за тоа е американскиот војник Дарко Мартиновски, чиј татко е Македонец, а мајка му е Србинка од Косово
Американски војник од воената база „Бондстил“ на Косово, кој потекнува од Македонија, пред четири години бил иницијатор и финансирал обнова на срушена црква во Косово. Кога во 2006 година џип на американската војска застанал пред куќата на Ранѓел Којиќ во селото Врбовац, во источно Косово, никој не верувал дека ќе се случи нешто добро.
- Во тоа време овој крај имаше многу лошо односи со Американците. Но, тогаш од џипот излезе насмеано момче и на српски јазик ме праша дали го познавам. Збунет му реков дека не го познавам, а тој повторно со насмевка ми рече дека е Дарко Мартиновски, мојот внук од сестра од Мичиген и дека е во „Бондстил“ веќе извесно време. Останав вчудовиден, а емоциите ме совладаа. Се сетив на момченцето што босоного трчкаше низ нашиот двор, а сега пред мене стоеше маж. Единствено што ми пречеше беше униформата во која беше облечен. Тогаш Дарко првпат ми кажа дека би сакал да се обнови црквата „Свети Никола“, која беше срушена пред Велигден во 2000 година - вели Ранѓел, вујкото на Дарко.
Според раскажувањето на Дарко, на почетокот сите во селото биле скептични. Сите освен Божа Симиќ, сопственик на кафеаната „Цар Лазар“ и селскиот поп.
- Не знам кои зборови да ги употребам. Татко ми е Македонец, мајка ми е од Косово, од Врбовац, а јас сум Американец. Во селото на мајка ми почнав да учам српски. Мајка ми, додека растев, постојано ми раскажуваше за Косово. Бидејќи сум припадник на националната гарда, ме распоредија во базата во „Бондстил“. Првото нешто што го видов тука беа запалените цркви. Ми беше ужасно непријатно. Се сетив на моите родители кои постојано велеа дека таму каде што нема црква, нема ни луѓе, а потоа нема ништо. Затоа донесов одлука да разговарам со луѓето и да ја обновиме срушената црква во Грнчари - вели Дарко.
Црквата била осветена во 2007 година, а Дарко лично ја видел пред неколку дена.
- Веднаш видов дека момчето е сериозно. Првата донација што ја добивме беше од 1.000 евра. Стигнаа и втора и трета со истиот износ, а потоа Дарко се повреди и мораа да го вратат во Америка на операција. Тогаш мислевме дека обновата на црквата ќе запре - раскажува Симиќ.
Сепак, неговите сомневања не се потврдиле. Напротив, за зимската селска слава Света Петка повторно почнала обновата на црквата.
- Почнаа да се јавуваат луѓе од сите страни и да даваат пари, и се работеше околу изградбата. Дарко цело време се распрашуваше како напредуваат работите - вели Симиќ, додавајќи дека на изградбата на црквата бесплатно работеле и мајстори Албанци и католици.
Дарко, сепак, нема намера тука да заврши со работата. Со отецот Звонко Костиќ веќе разговарал да направат процена колку ќе чини обновата на манастирот Бузовик кај Биоча.
Отец Звонко има само пофални зборови за младиот американски војник.
- Обновата на црквата „Свети Никола“ чинеше 25.000 евра, додека за обновата на манастирот ќе бидат потребни најмалку 100.000 евра. Но Дарко е упорен - вели тој.
Цело источно Косово знае за Дарко и за обновената црква, а тоа, како што вели отец Звонко, им доаѓа како мелем на рана.