Записите ги ситнат девизните резерви
Експертите убедуваат дека ако Владата трошеше помалку, не ќе моравме да платиме ниту половина од досега потрошените околу 22,3 милиона евра за камата за благајнички записи
Народната банка на Македонија досега потроши за одбрана на денарот околу 22,3 милиона евра само за камати за благајничките записи. Во годинашниов трошок не се пресметани девизите што централната банка ги одлеа од државните резерви за да го прибере вишокот денари од промет. Веќе трета година по ред растат трошоците на државата за исплата на камати за записите на НБМ. Експертите велат, монетарната власт е принудена да ги ситни девизните резерви бидејќи Владата, поради експанзивната даночна политика, речиси дупло ги зголеми парите во промет.
Банките вчера и' зајмија на НБМ 75,8 милиони евра за благајнички записи. Од почетокот на годината досега банките вложија за записи кај НБМ околу 248,6 милиони евра. Ако на оваа сума се пресмета 9 отсто каматна стапка, колку што НБМ дава за записите, се добива трошокот од 22,3 милиона евра. Овие пари се плаќаат од девизните резерви. Тие се единствените пари со кои располага Народната банка на Македонија.
Во централната банка вчера не одговорија колку од почетокот на годината досега потрошиле за исплата за камати за благајнички записи. Според завршните сметки на Народната банка на Македонија, во претходните две години се дуплирал трошокот од девизните резерви за позајмување кај банките. Во 2007 година годишниот трошок на НБМ за оваа намена изнесувал 11,5 милиони евра, а во наредната година 21,9 милион евра.
- Тоа е само дел од сметката што ја платија граѓаните, а која ја испорача Владата со својата неразумната фискална политика. Владата драстично ја зголеми монетарната база и на тој начин ја принуди централната банка во изминатите три години преку благајничките записи да го прибира вишокот денари од прометот. На тој начин централната банка ја брани стабилноста на денарот - вели економскиот аналитичар Ден Дончев.
И 300-те милиони евра што НБМ ги потроши во првата половина од годината беа за истата намена. Денарот тогаш го тресеше и стравот на граѓаните дека тој ќе девалвира, но и вртоглавиот раст на трговскиот дефицит.
Стопанствениците сепак велат дека Македонија годинава можеше да плати и поскапа цена за стабилноста на националната валута ако таа девалвираше. Експертите убедуваат дека ако Владата трошеше помалку, не ќе моравме да платиме ниту половина од досега потрошените околу 22,3 милиона евра за камата за благајнички записи.
Билјана Крстевска
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=ED74F827FAAE5240B9ABBF5A004E3E75