0.10.2009 14:32 Четиригодишната битолчанка Ангела Филовска ја освои Јапонија, откако во Канагва, светскиот центар на детската ликовна уметност, го доби годинашното највисоко признание.
Во конкуренција на 22.000 ликовни творби од 90 држави, стручното жири за најдобра ја прогласи ликовната творба на Ангела за нејзините омилени мачиња.
„Нацрта една голема мачка со едно мало маченце. Мислам дека наградата ја доби заради колоритот, добро одбраниот колорит, што е лично нејзина идеја“, рече нејзината мајка Билјана Филовска.
Денеска, во детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ во Битола, со свечена церемонија, на младата битолчанка и беше врачено највисокото ликовно признание од далечната Јапонија.
„Многу ми е мило дека во Македонија има толку млад талент и што доби толку големо признание, иако Јапонија е многу далеку“, рече на свечената церемонија во Битола Каѕу Лешениковска, почесен конзул на Јапонија.
Ангела Филовска во детското ликовно студио во Битола твори од својата трета година, а младите ликовни амбасадори имаат добиено огромен број на признанија во целиот свет.