Британците го присилиле Тито да се откаже од Егејските Македонци

  • Креатор на темата Креатор на темата Andonov Bale
  • Време на започнување Време на започнување
Член од
22 февруари 2009
Мислења
746
Поени од реакции
35
БРИТАНЦИТЕ ГО ПРИСИЛИЛЕ ТИТО ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ЕГЕЈЦИТЕ
E2067F6C99D1E842A4A17750612491FF.jpg

Тодор Чепреганов: Британскиот Форин офис сметал дека она што Тито најлесно може да го направи за возврат е незабележливо да ја повлече поддршката на грчките востаници
Пишува: Виктор Цветаноски
Г. Чепреганов, годинава се навршуваат 60 години од Граѓанската војна во Грција, која заврши трагично за Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Првите години на војната Југославија целосно ја помагала нивната борба. До какви сознанија дојдовте истражувајќи низ британските архиви за овие настани? Какви биле шансите за обединување на Македонија?

- По почнувањето на Граѓанската војна во Грција во 1946 година, Југославија претставувала главен извор за снабдување на грчките комунисти и на Македонците во борбата, која на едните требало да им донесе освојување на власта, а на другите национално ослободување. Од комунистичката победа во Грција, според Британците, Југославија се надевала на реализација на својата солуција на македонското прашање, што во практична смисла би значело обединување на Егејскиот дел на Македонија или на областите претежно населени со Македонци со Народна Република Македонија во рамките на Југославија. Но, исто така, непобитен е и фактот дека прашањето за обединување на Македонија не претставувало врвен приоритет за Југославија и за нејзиниот лидер Јосип Броз Тито. Тој, фактички, во ниту еден момент не бил подготвен да ги жртвува стабилноста на својот режим и територијалниот интегритет на новоформираната југословенска федерација заради обединување на Македонците.

По судирот на Тито со Сталин за време на Информбирото во 1948 година, Југославија го променила односот и престанала да ги помага борците во Грција. Кои биле причините за тоа?

- Како што југословенско-советскиот конфликт станувал сосема јасна реалност така Лондон и Вашингтон ги зголемиле напорите да ја искористат ситуацијата. Во почетокот на 1949 година, Британците заклучиле дека за владата на Неговото височество од голема важност било „во нејзината одбранбена борба против советскиот комунизам, Југославија да не биде повторно апсорбирана во советскиот блок“. Во исто време и Американците заклучиле дека е добро „титоизмот“ да продолжи да постои како ерозивна и дезинтеграциона сила во советската сфера и дека е потребно „Тито да се одржи доволен силен“ за да може да го преживее притисокот од Коминформот. Од своја страна, американскиот државен секретар Дин Ачисон ја советувал амбасадата во Белград „постојано да има на ум“ дека е од витален интерес за САД, Југословените да ја „прекинат поддршката на грчките герилци“. Притоа, тој исто така нагласил: „Тито (во соодветно време) ќе мора јасно да сфати дека Соединетите Американски Држави не се подготвени да продолжат… да му помагаат за да го зголеми степенот на југословенската економија доколку неговиот режим го поддржува востанието против слободно избраната влада, членка на ОН, која е воено поддржана од Соединетите Американски Држави. Кога Тито ќе се соочи со изборот на сопствениот витален интерес, тоа ќе го принуди да ја прекине помошта“.

И покрај опасноста што се надвиснала над Југославија за време на ИБ и предупредувањата на Велика Британија, сепак, Тито во почетокот продолжил да ги помага грчките комунисти и Македонците.

- Тоа може да се види и од документите. Американците, а посебно Британците, сметале дека тоа што им го ветил Тито - не го исполнувал и тоа што го презел - не е доволно, дотолку повеќе што британскиот Форин офис располагал со информации дека Тито се' уште „им дава материјална помош на грчките востаници“. Всушност, тие сфатиле дека спорот со Коминформот не влијаел врз Југословените за да ја прекинат помошта што им ја укажувале на грчките комунисти и Македонците во борбата против официјална Атина. Оттука, британските дипломати заклучиле дека нивниот основен критериум кон Тито требало да произлегува од неговото однесување кон „ранетата Грција“. Затоа тие заклучиле дека мора да му се стави јасно до знаење на Тито дека не може да очекува да „направи капитал на неодредено време“ од нивната желба да го „одржат на површина“, без да им даде „нешто за возврат“. Се сметало дека „она што тој најлесно може да го направи за возврат... без притоа да го изгуби внатрешниот углед, е незабележливо да ја повлече поддршката на грчките востаници“. Експертите на Форин офис истовремено заклучиле дека било „исплатливо ризикот да се преземе во корист на наградата што се очекува“, со оглед на тоа што анализите говореле дека ситуацијата во Грција била сериозна. „Ова лето“, истакнувале тие, „мора да направиме се' што можеме за да ги ослободиме од притисок грчките сили“.

И покрај поддршката на Југославија, грчките комунисти во тоа време застанале на страната на Коминформот и ја промениле политиката кон Македонците и им ветиле многу повеќе отколку дотогаш, дури и независна македонска држава. Дали се потврдува тоа и во британските документи?

- Грчките комунисти тогаш ги суспендирале македонските и, според нив, „националистички и недоверливи“ лидери од раководството на Народноослободителниот фронт (НОФ) и, воедно, дале јасни сигнали дека застанале зад Коминформот во неговиот спор со Тито. На 30-31 јануари 1949 година, Петтиот пленум на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) отстапил од партиската линија од 1935 година за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава и им го признале правото на Македонците на самоопределување. Три дена подоцна, односно на 3 февруари, Вториот пленум на Централниот совет на НОФ одлучил новата платформа на ККЕ во однос на македонското прашање – „независна македонска држава во рамките на народнодемократската федерација на балканските народи“ - да биде прокламирана во март на Вториот конгрес на НОФ. Всушност, во оптек била новата концепција на Сталин – „Планот Вишински“ - за рушење на југословенското раководство, кој, покрај другото, предвидувал и создавање „независна македонска држава“.

За да го убедат Тито да престане да ја помага ДАГ, Британците го искористиле и неговиот голем пријател Фицрој Меклин.

- Да, токму така. Кон средината на април 1949 година било одлучено Фицрој Меклин, шеф на британската воена мисија во Југославија за време на Втората светска војна и член на британскиот Парламент, да го посети Белград. „Доколку посетата се оствари“, предочувал лордот Талбот де Малахид од Форин офис, „може да се искористи за да се намами Тито… да ја сопре помошта на грчките востаници“. Изборот, секако, не бил случаен. Или, како што го образложил тоа Малахид: „Г. Меклин е стар пријател на Тито и со својата дипломатска техника и искуство ќе биде во можност да му каже за ова деликатно прашање без да ја инволвира владата на Неговото височество“.

Мисијата на Меклин, реализирана во почетокот на мај 1949 година, завршила сосема успешно и Тито ветил дека на политичките бегалци кои ќе добиеле азил во Југославија „во иднина нема да им било дозволено да се враќаат во Грција да продолжат со борбата“ и дека „никаква друга помош нема да им биде дадена на востаниците“.

Со ваквото ветување Тито практично ги жртвувал Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

- Се разбира, Форин офис можел целосно да биде задоволен од Титовите ветувања. Меѓутоа, останува впечатокот дека Тито, без оглед на несогласувањата со ККЕ и притисокот од Коминформот, давајќи ги овие ветувања, како да заборавил дека токму по иницијатива на неговата Комунистичка партија во април 1945 година била формирана македонската организација НОФ, со цел да се бори за извојување на националните права на Македонците во Грција; како да заборавил на 14.000 Македонци кои токму тогаш се бореле во редовите на Демократска армија на Грција против непријател кој бил не само далеку понадмоќен туку и поддржан од најголемата светска сила – САД. Но, всушност, тоа бил моментот кога Тито, заради заштита на својот систем и опстанокот на новата југословенска федерација, се откажал од својата долгорочна цел да стане лидер на балканска федерација, во која ќе била вклучена обединета Македонија, и оттука сосема логично ги жртвувал не само интересите туку и животите на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Официјалното објавување на југословенската одлука за затворање на границата кон Грција уследило по говорот на Тито одржан во Пула на 10 јули 1949 година. Тој во својот говор, повикувајќи ги Обединетите нации да извршат притисок врз владата во Атина со цел да се сопрат провокациите на југословенско-грчката граница, истовремено истакнал дека југословенското раководство било принудено да ја затвори границата кон Грција за да ги заштити животите на „работните луѓе во нашата држава“.

Како реагирале македонските комунисти на тоа што го договорил Тито. Што пишува во британските документи?

- Во нив посебно се посочува една седница на Комитетот за надворешни работи при југословенското Народно собрание во мај 1950 година, на која југословенскиот министер за надворешни работи Едвард Кардељ ја потврдил определбата на југословенската влада да ги подобри односите со Грција, но, исто така, напоменал дека постоеле спорни прашања што требало да бидат решени и во овој контекст го посочил „прашањето за состојбата на македонското малцинство“ во Грција. На оваа негова забелешка се надоврзал македонскиот делегат Лазар Мојсов, кој жестоко ја осудил политиката на грчката влада кон македонското малцинство и побарал промената на оваа политика да претставува базичен критериум за нормализирање на односите меѓу двете земји.

Во овој контекст, секако, интересно е да се укаже и на ставот на британската и на американската дипломатија во однос на споменувањето на прашањето на македонското малцинство во Грција. Сер Чарлс Пик, британски амбасадор во Белград, оценувал дека изјавата на Кардељ била „внимателно формулирана“ и „со јасна намера да биде сосема умерена“, додека говорот на Мојсов, „добро познат бесен македонски националист“, како што тој го окарактеризирал, според него бил „искажан единствено со цел да се нападнат грчката влада и печатот“.

Всушност, на британските дипломати им било сосема јасно дека Југословените не биле „расположени да го прифатат аргументот дека ‘нема македонско малцинство’ во Грција по пат на замолчување“. Според процените на британската амбасада во Атина, постоеле „две главни причини“ поради кои југословенската пропаганда во моментот не можела да ги напушти „сите древни словенски барања во поглед на македонскиот проблем“. Доколку се сторело тоа, на прво место ќе се оставело „широко отворено поле“ за дејствување на бугарската пропаганда, а „Софија без сомнение со радост ќе ја искористела можноста да докаже дека Белград повторно ја следи старата пансрпска политика на игнорирање на постоењето на Македонија“. На второ место, ваквата постапка, како што констатирала британската амбасада, несомнено ќе предизвикала „незадоволство меѓу лидерите на македонската република“ и можела да ги „поттикне да се посомневаат дека маршал Тито навистина се распродал на Запад“.
 
Македонското прашање долго време било камен на сопнување при нормализирањето на југословенско-грчките односи.

- Британците сметале дека југословенскиот договор со Грција ќе бил најдобриот доказ за намерите на Југословените да ги подобрат „своите политички односи со Запад“. И Британците и Американците настојувале да ги одвратат Југословените од јавното споменување на прашањето за македонското малцинство во Грција. Меѓутоа, се покажало дека Белград не бил расположен да се повлече од заземената позиција. Тито објаснил дека „ако тој не се грижел за сите Македонци, Советска Русија, преку својот гласноговорник Бугарија, без двоумење ќе го сторела тоа“ и додал дека „не можел да дозволи Коминформот да се појави како единствен пријател на Македонците и на тој начин да си создаде многу непријатности во југословенска Македонија“.

Како и да е, во првата половина на август 1950 година, од југословенската влада пристигнале првите сигнали за повторно почнување на процесот за нормализирање на југословенско-грчките односи. Всушност, сложената меѓународна ситуација и воената опасност што и' се заканувала на Југославија од Советскиот Сојуз и неговите сателити ги навеле Југословените да им се обратат на Британците. Истовремено, Тито сосема јасно укажал дека „не би требало да се дозволи прашањето на македонското малцинство да стои на патот на обновувањето на добрите односи меѓу двете земји“.

Сепак, Тито на крајот целосно се откажал од него и ги заборавил Македонците и никогаш подоцна не побарал почитување на нивните права.

- И покрај лошите спомени од поблиското минато и идеолошките разлики меѓу Југославија и Грција, нивната соработка во наредните години се развивала толку брзо и успешно што до 1954 година тие заедно со Турција биле поврзани во воена алијанса, позната како Балкански сојуз. Во овие години на успешна соработка, Белград постепено ја стивнувал кампањата во однос на прашањето за третманот на македонското малцинство во Грција, а по создавањето на Балканскиот сојуз и дефинитивно го ставил во целосен заборав. Практично, тоа бил моментот кога Јосип Броз, речиси по десет години, се откажал од употребната вредност на македонското прашање за остварување сопствени политички цели.

Како беа стрелани 47 комунисти во Солун
1D8A5E8D66285D4E8C87C3851B5566C9.jpg

Овие фотографии се објавени во „Дејли воркер“ во 1947 година. На нив се припадници на ДАГ изведени на стрелање. Насловот на текстот на весникот е „Британски куршуми ги убиваат овие Грци“, а британскиот работнички печат ги осудува ваквите стрелања. „Дејли воркер“, меѓу другото, пишува: „Херојски во смрт. Четириесет и седум републиканци беа осудени од воениот суд и стрелани како ’комунисти’ во Солун“.

Во легендите под сликите стои: „Гледате некои од овие херои демократи (горе десно) поставени пред стрелачки вод, кои се вооружени со британски пушки и со британски униформи додека се чита смртната пресуда.

„Долу десно: сцена по извршената работа од стрелачкиот вод.

„Тие одат храбро во својата смрт. Одлево, само неколку мига пред куршумите да бидат истрелани во нејзиното срце, е 25-годишната Ефтимија Паса во лисици до учителот Васкакис (лево). На сликата во почетокот групата пее револуционерни песни“.
Македонците не се поголеми сепаратисти од Велшаните
85AC14FCC4265D4F920201E7985D8735.jpg

Интересен е извештајот од Британците за судењето и стрелањето на Мирка Гинова во октомври 1946 година. Известувачот ги информира претпоставените дека на судењето таа признала дека припаѓа на НОФ и истакнала дека се борела за слободата на Македонија. Истовремено одбила назначување адвокат и се бранела самата.

И покрај обидите на грчките државни органи да покажат дека НОФ е сепаратистичка организација, британскиот известувач ги предупредува своите претпоставени да внимаваат на дезинформациите бидејќи, според него, НОФ не била сепаратистичка организација. Тој сметал дека сепаратизмот што е присутен кај приврзаниците на НОФ не бил поголем проблем од велшкиот. Во писмата што биле фатени не се зборувало за македонски автономистички фронт, туку за Народноослободителен фронт и, според зборовите на Мирка Гинова за време на судењето, НОФ се борел за еднаквост пред законите на македонското малцинство во рамките на грчката држава. И дека тие не биле дел од какво било автономистичко движење.
Македонија - Азербејџан на Балканот
776B347FDDFD4542B50D15027C0F3FF9.jpg

Британците во 1946 година како основни проблеми ги посочиле борбата за Трст и македонското прашање, кои за нив претставувале две страни на еден меѓународен проблем што се протегал до Дарданелите и Азербејџан. Македонија ја нарекле Азербејџан на Балканот. Според нивните анализи, неуспехот на Југославија да постигне целосно исполнување на своите барања за Трст можел да му даде повод на Тито да го сврти своето внимание на добивање „словенски“ излез во Солун со отцепување на грчка Македонија. Тие сметале дека создавањето попространа и можеби меѓународно контролирана слободна зона во Солун, за која подготовките веќе биле во тек, во нормални времиња би претставувало решение за проблемот, но во состојба на непомирливи меѓународни односи во светот, ништо не можело да ја задоволи Југославија, освен целосна власт врз Македонија, или барем комунистичка Грција. Биле многу децидни во заклучокот дека стабилноста и безбедноста на Македонија остануваат како во времето на Отоманската Империја, нестабилен проблем под влијание на настаните што се наоѓаат далеку зад нејзините граници.
 
БРИТАНЦИТЕ ГО ПРИСИЛИЛЕ ТИТО. Ке го присилат като е тр'гнал да гради комунизам со нивна помошт. Тито за втори пат ја раздели Македониjа, като се откажа од егеиските македонци. Това бе условието за британската подкрепа за Тито. За британците беше наи важна Грциjа.Тито фактички, во ниту еден момент не бил подготвен да жртвува стабилноста на својот режим и територијалниот интегритет на новоформираната југословенска федерација заради обединување на Македонците. Зошто тогаи за втор пат, след крал Александар ја окупира Македониjа.
 
БРИТАНЦИТЕ ГО ПРИСИЛИЛЕ ТИТО. Ке го присилат като е тр'гнал да гради комунизам со нивна помошт. Тито за втори пат ја раздели Македониjа, като се откажа од егеиските македонци. Това бе условието за британската подкрепа за Тито. За британците беше наи важна Грциjа.Тито фактички, во ниту еден момент не бил подготвен да жртвува стабилноста на својот режим и територијалниот интегритет на новоформираната југословенска федерација заради обединување на Македонците. Зошто тогаи за втор пат, след крал Александар ја окупира Македониjа.

шо убаво звуци ова од твоја уста )))))))
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom