За чест и слава на загинатите Македонци

Член од
22 февруари 2009
Мислења
746
Поени од реакции
35
10232_1213728139035_1103747184_30655410_7666946_n.jpg


10232_1213728179036_1103747184_30655411_5701486_n.jpg


10232_1213728219037_1103747184_30655412_1719598_n.jpg
 
ПЕКОЛОТ НА ГОЛЕМАТА ВОЈНА ВО МАКЕДОНИЈА
3A29E43900D33446B0ABC72CF192B3F4.jpg

Во Првата светска војна во бугарската, српската и грчката војска биле мобилизирани и присилени да се убиваат меѓу себе 200 илјади Македонци. Во војната загинале 50.000 Македонци, а македонската држава треба да им подигне споменик кој ќе сведочи и предупредува на тоа страшно време

„Гладот и недостигот на покрив над главата ни беа најголемите непријатели. Војуваш во ров, седиш и стоиш, јадеш и спиеш во ров, полн со кал, вода и снег. Едно време заврши храната. Поручникот Златев, родум од Стара Загора – Бугарија, ни рече: ’Излегувајте од ровот и собирајте лисја, киселец, див лук и корења, инаку сите ќе испоумреме’. Без никаков страв ги напуштивме проклетите дупки и јадевме се' што ќе ни излезеше пред очи. Се вративме во рововите и го замоливме поручникот да даде заповед за напад. Не толку за да ’победиме’, отколку да ја одземеме храната на Французите и ’Арапите’ (во рамките на француската војска имало и војници од африканските колонии, н.з). Тој не' послуша, но притоа ни рече: ’Може да атакуваат само доброволци’. Се пријавивме 150 души, а бевме вооружени со по една карабина со штик и со по 30 до 50 бомби. На дадениот знак за напад излеговме од ровот и со повици ура се нафрливме врз ровот во кој се наоѓаа војниците - црнци. Тие ни отворија оган од сите страни . Од 150 нападот го преживеавме само 11 души“. Ова потресно кажување што ќе го забележи во своите спомени Македонецот Васил Танев Качоров најдобро ја илустрира драмата што ја преживувале војниците за време на Првата светска војна на Македонскиот фронт. Тој цели три години со Единаесеттата македонска дивизија ќе биде вкопан во рововите на Кајмакчалан и кај Добро Поле, Битолско.

n МОБИЛИЗАЦИЈА Во Првата светска војна во трите армии - бугарската, српската и грчката - кои војувале една против друга биле мобилизирани околу 200 илјади Македонци, во српската околу 50 илјади, во бугарската меѓу 100 илјади и 120 илјади и во грчката околу 20 илјади души. Само во Единаесеттата македонска дивизија, која била под бугарска команда, се бореле над 30.000 Македонци.

Три години рововите биле единствениот дом на над еден милион и 200 илјади војници спротивставени на Македонскиот фронт кој се протегал од Дојран се' до Преспа. Од едната страна се наоѓале војските на Велика Британија, Франција, Србија и Грција, а од другата на Германија, Австро-Унгарија и Бугарија. Големата војна, како што ја нарекуват, која заврши пред точно 90 години, говори за лудоста на тие што ја започнале и Европа ја претвориле во голема кланица во која загинаа околу 20 милиони луѓе.

А периодот кога беше водена таа војна и само неколку години пред тоа двете Балкански војни се најкрвавиот дел од македонското минато. Тие години се подраматични и од славната илинденска епопеја, попогубни од сите дотогашни војни и по бројот на загинатите и по страдањата на населението. Ако малку се ѕирне во тоа што е оставено како пишан документ од тоа време или, пак, ако се слушнат усните кажувања на синовите и внуците за несреќните судбини на нивните татковци и дедовци зафатени од виорот на војната, ќе се види дека тие години се случувала невидена драма. Немало македонско семејство што не било засегнато од пустошот на тоа време. Впрочем, одгласите од Првата светска војна ги слушаме и денес во Мариово и Битола кога ќе експлодира некоја заостаната бомба.
3E964DCDBA98CB42A137A79230E8AD4E.jpg

Многу мака видовме. На 48 часа еднаш леб ни даваа. Јадевме зелена трева, раскажува Никола Андонов (во средина) од кавадаречкото село Конопиште за животот во австроунгарскиот логор

ЖРТВИ Досега никој не успеал да ги изброи македонските жртви, ниту, пак, можел да го направи тоа, зашто тие што ги бележеле имињата на загинатите ги заведувале или како Бугари, или како Срби или, пак, како Грци. Меѓутоа, многумина не успеале да ги запишат во воените дефтери, па така не се знае каде гнијат нивните коски, каде им се гробовите за нивните потомци да им запалат свеќа. Во еден англиски документ се спомнува дека само во една битка кај Градско во 1915 година меѓу македонски единици и француската војска загинале околу 2.000 Македонци. Само во еден напад на македонска единица на фронтот кај Дојран го завршиле животот околу 600 наши луѓе. Се проценува дека вкупната бројка на загинати војници, на ликвидираните цивили и на умрените од разни болести донесени од војниците изнесува околу 50.000 лица.

Секоја војска што ќе поминела низ Македонија вршела масовна мобилизација на младите момчиња. Србија тоа го започнала со започнувањето на војната со Австро-Унгарија, испраќајќи ги неискусните регрути во првите редови во битките што ги водела против модерно вооружената австроунгарска армија. Меѓутоа, ниту еден Македонец не сакал да војува за туѓи интереси. Од вкупно 80 илјади лица, колку што требало да бидат мобилизирани, близу 28.000 избегнале да се јават. Биле организирани и посебни канали за бегство во Бугарија.

n БУНТ А тие што не можеле да ја избегнат мобилизацијата протестирале и размислувале како да побегнат. Тогаш дошло и до познатиот бунт на македонските регрути во Крагуевац на 15 април 1914 година, кога не сакале да се заколнат дека ќе му служат на српскиот крал Петар Караѓорѓевиќ. Се побуниле околу стотина регрути, главно од Штипско, Кочанско, Радовишко. Веднаш биле уапсени 18 од нив, а потоа тепани за да кажат кои биле организатори на бунтот. Санто Кузманов од Кочанско, еден од учесниците во бунтот, кој ги преживеал сите тортури, раскажува: „Затворениците беа многу измачувани, Блаже Гугутков и Атанас Мечкаров не се вратија, беа убиени. Крсто Костов од село Моинци исчезна без трага, Сократ Адамов, Наско Калајџиев и Јоцо Кочанец беа набиени од тепање. Илија Ордев, Стојан Манев и Христофор од Свети Николе не ги видовме повеќе, исчезнаа без трага во Крагуевац. Иста судбина доживеа и Глигор Врбички од село Тркање, го затворија и потоа исчезна без трага“.

И Бугарија вршела масовна регрутација во Македонија откако решила да влезе во војната во 1915 година. Според наредбата, во бугарската војска требало да се регрутираат сите мажи од 18 до 30 години. Се очекувало да се јават околу 45.000 регрути, но биле регрутирани само 16 илјади. Додека траела војната страдал и народот кој западнал во невидена сиромаштија. Сиромашните умирале од глад, можеле да јадат само пченка, но неа ја немало.
 
ЛОГОРИ Според бугарски извори, во австроунгарските заробенички логори имало околу 9.000 Македонци. Од нив 3.000 биле ослободени по барање на Софија која била сојузник на Австро-Унгарија, а потоа испратени на фронтот. Еве што ќе раскаже Никола Андонов од кавадаречкото село Конопиште за логорскиот живот како австроунгарски заробеник во 1914 година: „Не' истераа дури во Галиција, таму некаде на руската граница. Многу мака видовме. Леб ни даваа еднаш на 48 часа. Јадевме зелена трева. Не' тераа на работа гладни. Ќе си наберам трева и како стока јадам. Сол имаше. Сол и трева сите ќе лижеме цел ден. Кога видоа дека многу умираме, ни забранија да береме трева. Ако командантите те видат да береш трева, ќе те тераат сто или двесте метри гол да одиш. Дури да отидеш таму, дури да ти дадат алишта, ќе измрзнеш. А таму беше многу студено. Студено, мраз и ветер. Мора да одиш гол, инаку ќе те отепаат, не не' есапеа за ништо“.

Андонов раскажува дека во заробеничкиот логор од глад и од ќотек секој ден умирале по 20-30 заробеници. Ќе собереле по триесетина умрени и сите во една дупка ги закопувале. Во сето тоа само една особина била добра кај Австроунгарците - ниту еден не закопале без сандак, без да му стават крст со име и презиме на умрениот, од кое место и од која земја е. „Одејќи така еден ден низ гробиштата го најдов еден наш селанец. Беше умрел, а јас не знаев. Го најдов на крстот напишан. ’Дело Ничев од с. Конопиште, Македонија‘. Веднаш им пишав писмо на домашните. Стигнало по два месеца. Нека си знаат, да не го чекаат повеќе“. Така, Никола Андов додека бил жив им ги пренесувал на помладите сеќавањата на логорските денови. Тој подоцна како заробеник работел во една фарма кога животот му бил многу полесен и кога се сликал за спомен.

ЦЕНЗУРА За големата трагедија на Првата светска војна, за тоа што се' преживувале македонските војници на фронтовите, за нивната грижа за своите сведочат и околу триста писма и картички што на македонската јавност и' ги претстави Институтот отворено општество - Македонија. Иако сите писма на прв поглед личат едно на друго и, главно, содржат поздрави до своите најблиски, секое од нив крие посебна голема војничка драма преживеана од тие млади луѓе во тие страшни времиња кога биле присилени да се борат за туѓи држави и за туѓи интереси. Писмата се од војници од Кратовско и од Пробиштипско. Еден дел од нив се напишани на специјални војнички картички, на кои стои предупредувањето што смеат, а што не смеат да им напишат војниците на своите домашни. На војничката картичка, која за таа пригода ја изработила бугарската држава, на предната страна, до местото за адреса, отпечатено е следново предупредување: „Да се пишуваат само приватни работи. Картичката ќе биде уништена ако содржи информации од војната“. Слична е и содржината на српската воена картичка на која, исто така, категорично е нагласено: „Можат да се пишуваат само приватни вести. Картичката ќе биде уништена ако се изложуваат војнички работи“. Војниците не можеле да го напишат дури ни тоа дека некој нивни соселанец загинал или, пак, дека е ранет во борбите. Можеле само да кажат дека се прекомандувани во некоја друга единица за домашните да знаат на која адреса да им пишуваат.

Македонецот Христо Поп Антов, кој работел во бугарската Цензорска комисија, во своите спомени запишал дека еден човек прегледувал најмалку од 700-800 до илјада писма во денот. Нивна работа била да водат сметка војниците да не пишуваат работи од фронтот што можеле да ја возбудат војничката душа и да не пишуваат дека тие таму гладуваат, дека мизеријата е голема, а офицерите се однесувале лошо, дека тој и тој умрел, тој и тој од нашите војници е убиен - за да не се создадел хаос во селата. „Добро, ама тие и на тоа му ја нашле слабата точка. Кога сакаа да кажат дека некој загинал или умрел велеа: тој и тој си отиде кај него. Селаните знаеле дека тој умрел и тие велат дека отишол кај него“, подвлекува Поп Антов во своите спомени.
847374F72D81594C8B20FADC9C103174.jpg

Последиците од Првата светска војна се присутни и денес во Мариово. Шлемови од војната поставени на кладенец во селото Бешиште
ЗАБОРАВЕНИ Сите оние кои на еден или на друг начин биле жртви на Големата војна се заборавени. Македонската држава никогаш не се сети на нив. А тие луѓе заслужуваат многу повеќе, нивните внуци и правнуци треба да знаат за воената голгота што ја преживеале. Помина девет децении од тој пекол, сеќавањата на нив бледнеат. А тие се наши луѓе кои не треба да се заборават, да се избришат од нашето помнење. Ако ништо друго, треба да им се подигне споменик кој ќе сведочи и предупредува на тоа страшно време за да не се повтори.

Директорот на Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов, вели дека многу држави направиле споменик на незнаениот јунак, а тоа треба да го направи и Македонија и на тој начин да им се оддолжи на сите оние што загинале во сите востанија и војни, без разлика што не биле тие војни наши, туку се воделе за туѓи интереси. „Македонци учествувале во сите војски, и во бугарската и во српската и во грчката, дури биле присилени да се борат меѓу себе браќа и роднини. Тоа е најголемата македонска трагедија“, вели Чепреганов. Тој додава дека во последно време малкумина историчари се занимаваат со Балканските и Првата светска војна. „Тој дел од нашето минато не е докрај расветлено и ќе мора да се доистражи“, нагласува тој.

Александар Стојчев, млад историчар, кој го истражува учеството на Македонците во Првата светска војна, го дели истото мислење. „Многу македонски војници биле погребувани како припадници на други војски, некогаш и во заеднички гробници. Единствен начин да им се оддолжиме е државата да им подигне споменик, на кој ќе се напише дека тие војувале во разни војски, дека биле доведувани во ситуација да пукаат едни против други и да гинат за туѓи интереси“, вели тој.
Војничка Чума го сотре Гарниково
Од сто семејства, останале само петнаесет
BBD059CB1388104FADA16A67629EF728.jpg

Поповите не можеа да превтасаат со закопувањето, вели Ристо Ристов
По чумата што ја донеле војниците во тиквешкото селото Гарниково изумреле околу 900 луѓе. Од сто семејства со над илјада жители останале само 15. „Во 1918 година, кога се скина фронтот, есенско време беше, стана еден голем помор, кога почна, не знаеше да престане. Сето тоа го помнам. Бев голем. Сега ми е како пред очи. Близу до селото имаше отепано многу војници, кај Крушите и Чаирот. Така останаа. Никој не ги закопуваше. Еден месец останаа незакопани. Имаше селани кои одеа од убиените војници да земат алишта, ќебиња, пушки, часовници, кошули, чизми, ќе ги соберат во куп, ќе ги заврзат и да не ги види никој, ќе ги донесат дома. Неочекувано, кучињата збеснаа и така бесни шетаа низ селото и полето, напаѓаа луѓе и стока. Од заразната клима се разигра лоша болест низ селото. Секој ден нема да помине, а да не умрат двајца-тројца. Поповите Јован и Петре не можеа да превтасаат со закопувањето. Имаше денови кога на гробиштата се изнесуваа неколкумина. Се чекаше да се закопа првиот што е донесен, а потоа да му дојде редот на другиот, на третиот, на четвртиот, да му препеат. Луѓето бегаа од мртвите. Немаше кој да ги закопува. Ако роднини имаше умрениот, ќе го закопаат, ако немаше, така остануваше повеќе дена каде што умрел“, своевремено ќе раскаже Ристо Ристов, преживеано момче од Гарниково, кој тогаш имал 13 години.
Роднини присилени да пукаат едни во други
Братски довикувања преку линијата на фронтот
2BF83EB80F11634B9BD4AF9200BE46DA.jpg

Љубомир Терзиовски, мобилизиран во српската војска, стравувал да не го види меѓу мртвите својот брат Венедик, кој се борел на спротивната страна
Рововите на Македонскиот фронт биле и сцена на која се одвивале и многу војнички и човечки драми. Браќата Митре и Петре од мариовското селото Старавина за време на Првата светска војна биле на позициите на Македонскиот фронт кај местото Соколот, војувајќи еден против друг, цели три години. Едниот бил војник во бугарската војска, другиот во српската. Еден од друг биле оддалечени неколку стотици метри, а од околните ридови го гледале родното село. И двајцата ги мобилизирала српската војска во 1914 година. И двајцата војувале против Австроунгарците кога Петре бил заробен во битката на Дрина. Подоцна бил ослободен од логорот од Бугарите, кои есента 1915 година го испратиле на фронтот кај Кајмакчалан. Токму таму на спротивната страна се наоѓал неговиот брат Митре, кој ја преживеал голготата на српската војска во Албанија и стасал на Крф. За тоа дека на фронтот пукале еден во друг се дознало откако завршила војната. Како ги завршиле животите браќата од Старавина не се знае, не се знаат ниту нивните гробови. За трагична судбина на Митре и Петре, за тоа дека на фронтот пукале еден против друг се дознало откако завршила војната од нивните соселани кои, исто така, биле на позициите со нив и имале среќа дома да се вратат живи.

Еден бугарски офицер во дневникот што ќе водел на фронтот ќе забележи една друга македонска судбина на браќа кои биле во спротивставените војски на фронтот. Едниот пукал од рововите на бугарската, другиот од рововите на српската војска. Меѓутоа, за разлика од Митре и Петре, тие дознале дека се еден наспроти друг на оддалеченост од стотина метра. Околу полноќ, кога ќе молкнеле оружјата, често се довикувале, распрашувајќи се за домашните. Тој нивен разговор го слушале војниците од обете страни. Чекале да дојде полноќ за да видат што ќе си кажат браќата.

Љубомир Терзиовски, учител од Македонски Брод, кој водел дневник од фронтот бил мобилизиран од српската војска, а неговиот брат Венедик во бугарската. „Додека траел фронтот, татко ми користел секаква можност да дознае за судбината на својот брат Венедик. Кога на фронтот имало директни судири и пробиви од едната или од другата страна и кога ќе наиделе на убиени или ранети бугарски војници, внимателно го загледувал секој мртовец за евентуално меѓу нив да не го препознае својот брат“, раскажува синот Растислав Терзиоски.
Трагични судбини
Се вратил дома кога му давале помен
Јандре Пендовски бил регрутиран од српската војска и војувал во Балканските војни и на Македонскиот фронт. Тешко бил рануван двапати, еднаш се лекувал во Алжир, тогашна колонија на Франција, еднаш во Марсеј. Домашните мислеле дека е загинат, зашто од него немале никаков абер шест години. Сметајќи дека е загинат, решиле да му дадат помен. Заклале овен и зготвиле манџа и, според обичаите, отишле на гробишта да раздаваат. Откако попот го отпеал опелото, седнале да ручаат. Истиот ден Јандре се вратил во селото по седум години војување. Дошол дома, но никого не затекол. Седнал под старата црница и чекал да дојде некој. По извесно време се појавило едно дете, а Јандре го прашал каде се луѓето. „На Јандрета Пендовски му изнесуваат година на гробишта, па сега ручаат“, му одговорило детето. Јандре погледнал натаму и го замолил детето да отиде на гробишта. „Кажи им да остават малку од јадењето за да се најаде и Јандре. Тој се врати дома“.

Во почетокот никој не верувал, мислеле дека се вратил од мртвите. Со плачење дотрчале неговите, го прегрнувале и плачеле од среќа. „Го познавав дедо Јандре. Беше мој подалечен роднина. Малку зборуваше, во војната преживеал многу стравотии, па беше нервно растроен. Раскажуваше за лекувањата во Алжир и во Марсеј, за разнесувањата на болните и патувањата со бродовите. Често ми велеше: ’Не знам колку пати сум закопан во земја од гранати’. Ми ги покажуваше раните. Умре рано“, вели Александар Ивановски.
 
Швајцарец известувал од фронтот
Срцето на Рајс почива на Кајмакчалан
39585857465E0D42BCA32D66EC1D424E.jpg
Срцето на Рудолф Арчибалд Рајс, швајцарскиот известувач од Македонскиот фронтот во Првата светска војна, вљубеник во Македонија, близу осум децении почива на Кајмакчалан. Познатиот Швајцарец починал десетина години по крвавите борби од природна смрт и негова претсмртна желба била да биде погребан на врвот на Ниџе Планина во Мариово. Му ја исполниле неговите српски пријатели. Малата вазна со срцето е сместена во малата црквичка крај осамената костурница, која е подигната на местото каде што се воделе жестоки битки и каде што денес ретко кога стапнува човечка нога. Сакал да биде заедно со многуте млади момчиња кои ги оставиле коските на фронтот, да биде крај другарите кои ги гледал како гинат, како што изјавил пред смртта.

Бил стручњак по криминологија и истовремено дописник на повеќе европски весници. Ги сакал Мариово, Битола, Скопје, ја сакал Македонија. За него Кајмакчалан е суров, но величествен. „Одвреме-навреме, кога ќе разведри, излегува пред очите една прекрасна панорама на цела Македонија - од Скопје до Солун. Тоа е Кајмакчалан, крадец на кајмакот“, пишува швајцарскиот воен известувач во една своја репортажа. Рајс е роден 1875 година во покраината Баден во Германија. На 22 години станал доктор по хемија, а ги познавал и тајните на фотографирањето, што му помогнало од боиштата да испрати илјадници фотографии. Објавил повеќе од 600 воени извештаи кои претставуваат автентично сведоштво за пеколот што траел четири години. Издал и 16 книги. По војната живеел во Белград, а извесно време и во Скопје, во селото Душановци, денешна Гази Баба, каде што изградил куќа во која престојувал шест месеци годишно.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom